• недела, 24 ноември 2024

На малиот грчки остров Гавдос откриен 91 мигрант

На малиот грчки остров Гавдос откриен 91 мигрант

Атина, 13 март 2024 (МИА) – На плажа на малиот грчкиот остров Гавдос, вчера бил откриен 91 мигрант, а во изминатиот период зголемени се бегалските бранови на островот со само 200 жители, додека градоначалничката порачува дека немаат капацитет да се справат со секојдневните пристигнувања, јави дописничката на МИА од Атина.

Од крајбрежната служба на Грција соопштија дека за мигрантите биле информирани од полицискиот службеник на Гавдос и 28 од лица со спасувачки чамец биле пренесени на Крит, а останатите 63 се на островот во привремениот простор за прием на општината и ќе бидат префрлени на Крит кога ќе се подобрат временските услови.

Паралелно уапсен е еден од мигрантите под сомнение дека е криумчар.

Во изминатиот период сè поголеми се бегалските бранови на Гавдос што е најјужниот грчки остров и се наоѓа јужно од Крит, а според критските медиуми од саботата пристигнувањата се секојдневни.

-Гавдос не може повеќе да издржи, вели градоначалникот на островот, Лилиан Стефанаки за порталот „Неа Крити“, порачувајќи дека се во многу тешка позиција.

Според порталот, на Гавдос, единствениот покриен простор што може да се стави на располагање за да се сместат поголем број луѓе е несоодветен, ограничени се залихите, а за надгледување на мигрантите задолжен е единствениот полицаец на островот.

-Залихите се ограничени. Сите знаеме колку е слаб Гавдос. Не е можно да ја издржи ситуацијата. Општина Гавдос има двајца-тројца луѓе кои се обидуваат да го одржат островот. Во последно време единствено што правиме е да се занимаваме со мигрантите. Иднината на островот, нашите граѓани, сè е оставено во втор план, објасни Стефанаки.

Гавдос е во непосредна близина на Крит, претставува најјужната точка на Европа, а според пописот во Грција во 2021 година, островот има 208 жители.ср/сдф/

Остани поврзан