На листата на ЕУ на санкционирани за поддршка на режимот во Минск додадени уште 25 лица и седум субјекти
- Советот на ЕУ донесе одлука за проширување на листата на Унијата на санкционирани лица поради поткопување на демократијата и владеењето на правото во Белорусија, нивни придонес кон тековната репресија и кршење на човековите права во земјата и поддршка на руската агресија врз Украина, со уште 25 поединци и седум ентитети.

Брисел, 28 март 2025 (МИА) - Советот на ЕУ донесе одлука за проширување на листата на Унијата на санкционирани лица поради поткопување на демократијата и владеењето на правото во Белорусија, нивни придонес кон тековната репресија и кршење на човековите права во земјата и поддршка на руската агресија врз Украина, со уште 25 поединци и седум ентитети.
На листата на санкционирани се додадени белоруската Централна изборна комисија (ЦИК) и нејзини членови, вклучително и заменик претседателот и секретарот, поради нивното учество во претседателските избори во Белорусија одржани на 26 јануари 2025 година. ЕУ овие, како што самата ги нарече, „т.н. претседателски избори“ ги оцени како неслободни и нефер, спроведени во клима на репресија и кршење на човековите права и со прекршување на обврските што Белорусија ги презеде кон ОБСЕ.
Меѓу новосанкционираните се најде и лидерот на најголемата партија во белорускиот Парламент, Белаја Рус, Алег Раманав, како и деветмина судии одговорени за „репресија на граѓанското општество и демократската опозиција“ со изрекување „политички мотивирани казни“ на противниците и на учесниците во демонстрациите против претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко.
На листата се додадени и членови на Директоратот за управување со имот на шефот на државата и неколку компании и бизнисмени поддржувачи на режимот на Лукашенко, како што се фирмата за онлајн коцкање „Ридото “ и нејзиниот мнозински акционер Дмитриј Шведко, „Белоруската лотарија“ и нејзиниот директор Микалај Ѓенисенко, воено-индустрискиот комплекс ОЈСЦ „Планар“ и извршниот директор Сергеј Аваков, Заводот за прецизна електромеханика „Белвнешпромсервис“ и директорот Јуриј Чорни, како и претпријатието АД „Интеграл“.
Санкции се воведени и кон Агро-индустрискиот комбинат „Цибулка-Бел“, вклучен во користење на затвореници како принудна работна сила, со што директно учествувала во кршење на човековите права.
- Европската Унија стои со народот на Белорусија и непоколебливо го поддржува копнежот на белорускиот народ за слободна, демократска, суверена и независна Белорусија, како дел од мирна Европа, се наведува во одлуката на Советот на ЕУ.
Со новододадените, сега на листата на санкционирани поради поддршка на режимот на Лукашенко се наоѓаат 310 физички и 46 правни лица.
На санкционираните им е замрзнат имотот во ЕУ и на граѓани и компании од Унијата им е забрането да им ставаат средства на располагање. Дополнително на санкционираните физички лица им е забранет влез на територијата на ЕУ. сп/
Фото: МИА Архива