• среда, 25 декември 2024

На Илинден во Јабука се одржа прва литургија на македонски јазик во Србија

На Илинден во Јабука се одржа прва литургија на македонски јазик во Србија

Белград, 3 август 2024 (МИА) - На барање на македонската заедница во Србија, на Илинден во Јабука крај Панчево, во православниот храм Св. Пророк Илија се одржа првата литургија на македонски јазик од македонски свештеник, јави дописникот на МИА од Белград.

Историскиот чин на првата литургија на македонски јазик во Србија се одржа на иницијатива на Националниот совет на македонското национално малцинство (НСМНМ), по повеќемесечни нивни заложби.

-Ние како Национален совет на Македонците во Србија по повеќе месечни заложби преговаравме со МПЦ-ОА и СПЦ и од архиепископот на МПЦ-ОА г.г Стефан и надлежните епископи - сремскиот епископ Василиј и банатскиот епископ Никанор од СПЦ добивме согласност т.е. благослов за одржување на Света литургија на македонски јазик во православниот храм Св. Пророк Илија во Јабука, изјави Марјан Јовановски Секретар на Македонскиот национален совет во Нови Сад.

Светата литургија ја одржа јеромонахот Дионисиј Богев од манастирот Беркасово,  црквата Св. Петка во Срем, како резултат на соработката и благословот на СПЦ и МПЦ-ОА.  На литургијата и прославата на Илинден во Јабука дојдоа Македонци од цела Србија.

-Денешниот ден е посебен во сите наши срца на Македонците, особено што ние кои живееме во Србија имавме прилика и чест да бидеме присутни на првата литургија на македонски јазик, и симболиката да е поголема, тоа да биде во местото Јабука, каде што е најголема концентрација на Македонци во Србија. Можам да кажам дека сите сме воодушевени и возбудени, а посетата покажува за големиот одѕив и веруваме дека ова е еден придонес  кон подобрување на и онака добрите односи на двата народа, изјави Венцислав Грабулов од Белград.

„Ова е историски чин за нас Македонците во Србија и се надеваме дека ова ќе биде традиција која ќе продолжи и во идниот период. Многу сме среќни и горди“, кажа Маја Глигоровска од Глогоњ.

Првата историска литургија на македонски јазик во Србија во местото Јабука се одржи во рамките на централното одбележувањето на 2 Август кој е признат како Национален празник за македонското малцинство во Србија.

Досега во Србија беа одржани повеќе заеднички литургии и сослужувања на црковни лица од СПЦ и МПЦ-ОА, но ова е прв пат да се одржува самостојна литургија на македонски јазик, од македонски свештеник на СПЦ. об/вј/

Фото: МИА

Остани поврзан