16 ноември 2024 (МИА)
42.п.н.е.- Роден е римскиот цар Тибериј, посинок на Октавијан Август, кој за време на владеењето од 14 до 37 година во новата ера ги осигурал границите на Римското царство без нови освојувања. Претходно се прославил со воените походи во Германија, Панонија и Далмација.
1095.- На црковниот собир Клермон, во Франција, папата Урбан Втори ги повикал соборните црковни достоинственици и световните владетели да тргнат во воен поход против „неверниците“, Селџуци, кои ја зазеле „светата земја“ во Палестина, со Исусовиот гроб во Ерусалим. Со тоа го поттикнал верското лудило и Крстоносните војни што траеле цели два века.
1272.- Умрел англискиот крал Хенри III, кој стапил на престолот само со девет години кога во 1216 година во текот на Првата баронска војна загинал неговиот татко Џон Без Земја, но вистински почнал да владее во 1234 година.
1797.- Умрел прускиот крал Фридрих Вилхелм II кој во текот на 13-годишното владеење спровел политика на територијално ширење на земјата.
1828.- Франција, Британија и Русија ја признале независноста на Грција. Иако Османлиското царство одбило тоа да го прифати, во 1829 година било принудено по поразот во војната со Русија, да ја признае независноста на Грција.
1831.- Умрел прускиот генерал Карл фон Клаузевиц, еден од најпознатите воени теоретичари на 19. век, кој главните идеи за борбена стратегија и тактика ги изложил во делото „За војната“. Поради несогласувањата со политиката на водечките кругови на Прусија спрема француското царство на Наполеон I, против кого се борел во повеќе битки, од 1812 до 1814 година бил во служба на Русија.
1848.- Во Рим со кој автократски владеел папата Пије IX - избувнала буна со што била создадена Римската република во која биле востановени многу институции по урнекот на Француската револуција.
1878.- Во Белград умрел Ѓура Јакшиќ, српски писател и сликар, претставник на српскиот романтизам. Познати негови дела се „Татковина“, „Паѓајте, браќа“, „Маченица“, „Први жртви“ и други. Роден бил во Српска Црња, на 27 јули 1832 година.
1895.- Роден е германскиот композитор Паул Хиндемит. Од 1939 година бил професор на неколку универзитети во САД и во Швајцарија. Дела: оперите „Новости на денот“, „Сликарот Матис“, „Хармонија на светот“, шест гудачки квартети, „Камерна музика оп. 36“, концерти и сонати за разни инструменти, теориски дела „Традиционална хармонија“, „Светот на композиторот“ и други.
1898.- Во Солун е роден Симеон Кавракиров, македонски револуционер, следбеник на Гоцевите идеи и секретар на Обласниот комитет на ВМРО за Пиринска Македонија. Во јуни 1932 година бил киднапиран во Софија од страна на врховистите во содејство со бугарската полиција и по двегодишно мачење бил убиен во близината на селото Драглишта, Разлошко, на 14 јуни 1934 година.
1912.- Почна Битолската битка во Првата балканска војна во која добро утврдената турска Вардарска армија на Зеки паша, која се повлекла по поразот од Кумановската битка, по тридневни битки била поразена од српската Прва армија на Александар Караѓорѓевиќ со што Јужна Србија (денешна Македонија) и Стара Србија (Косово и Метохија) конечно биле ослободени од Турците.
1918.- По падот на австроунгарската монархија во Првата светска војна, Унгарија била прогласена за независна република.
1923.- Во селото Никифорово, Гостиварско, е роден Чеде Филиповски-Даме, народен херој на Македонија. Во Народноослободителната војна на Македонија учествувал од 1941 година. Загинал кај Радовиш во сообраќајна несреќа, како командант на Четириесет и осмата македонска дивизија, на 29 јуни 1945 година.
1933.- Советскиот Сојуз и САД воспоставиле дипломатски односи.
1941.- Во Втората светска војна почнала втората германска офанзива врз Москва која, исто како и првата, започната во септември 1941 година кога Германците дошле на 30 километри до Москва, завршила со неуспех.
1945.- Во Лондон била потпишана Конвенцијата на Меѓународната организација за просвета, наука и култура (УНЕСКО), специјализирана установа на Организацијата на Обединетите нации, основана со цел преку воспитување, наука и култура, заштита на светските природни уметнички богатства, да спроведува соработка меѓу народите врз база на целосна рамноправност. Конвенцијата стапила во сила на 4 ноември 1946 година. Седиштето на УНЕСКО е во Париз. Република Макеоднија е 175 членка на УНЕСКО од 19 јули 1993 година.
1960.- Умрел американскиот филмски актер Клерк Гебл. Играл во повеќе од 70 филмови и со децении бил во врвот на популарноста како симбол на машкоста. Филмови: „Источен пат“, „Слободна душа“, „Се случи една ноќ“ (Оскар), „Буна на бродот `Баунти`“, „Кинеско Море“, „Однесено со виорот“, „Сан Франциско“, „Могамбо“, „Пробен пилот“, „Неприлагодени“, „Луѓе во бело“.
1962.- Скопје, главниот град на Република Македонија, го зафатила катастрофална поплава.
1965.- Советскиот Сојуз го лансирал првиот вселенски брод „Венера III“ кој стигнал на Венера во март 1966 година.
1970.- Пакситан соопштил дека бројот на мртвите во циклонот и огромните бранови кои ги зафатиле бреговите на Источен Пакистан (сегашен Бангладеш) и островите во Бенгалскиот Залив достинал 500 илјади.
1972.- Генералното собрание на Обединетите нации одлучило Португалија да ги напушти своите колонијални имоти во Африка и Азија (Ангола, Мозамбик, Порт, Гвинеја, Сао Томе, Кап Верде, Источен Тимор, Макао).
1973.- Тројца американски космонаути го отпчнале 84-дневниот лет во вселенското летало „Скајлаб“.
1981.- Умре американскиот филмски актер Вилијам Холден, кој најчесто толкувал улоги на „идеални“ современи Американци. Филмови: „Булевар на самракот“, „Вчера родена“, „Силата на оружјето“, „Месечината е сина“, „Над 30 ката“, „Излет“, „Мост на реката Квај“, „Светот на Сузи Вонг“.
1993.- На Сардинија умрел 69-годишниот мафијашки член Лучијано Лиџио, едно од најбараните лица во Италија и инспирација за романот „Кум“ на Марио Пузо.
1995.- Поранешниот претседател на Јужна Кореја Ро Те Ву бил уапсен поради корупција.
2001.- Собранието на Република Македонија ги прогласило 15-те амандмани за промена на Уставот на Република Македонија, иницирани од Рамковниот охридски договор.
2006.- Унгарски научници успешно клонирале глушец. Глушецот наречен „Клонила“ бил производ на тригодишната работа на 20 истражувачи на Земјоделскиот биотехнолошки истражувачки центар во Годол, близу Будимпешта. Според нивните уверувања, клонирањето би требало да биде од голема помош за научниците во лечењето на разни болести.
2006.- Умрел Милтон Фридман, економист и добитник на Нобеловата награда. Признат е како „татко на монетарната теорија“. Неговото практично знаење е потврдено во улогата на економски советник во администрацијата на американските претседатели Ричард Никсон, Џералд Форд и Роналд Реган. Фридман се смета за еден од основачите на влијанието на „чикашката школа“, а од 1948 до 1979 година бил и професор на Универзитет во Чикаго. Главни дела: „Капитализмот и слободата“, „Теоретски основи на монетарната анализа“, „Слобода на изборот“.
2022.- На 81 година почина прим. д-р Милош Грубовиќ, еден од основоположниците на трансфузиолошката служба во Македонија и основоположник на доброволното крводарителство. Роден е во Беране, Црна Гора, а медицинскиот факултет и специјализацијата по трансфузиологија ги завршил на Медицинскиот факултет во Скопје. За своите заслуги и постигнати резултати добитник е на највисоки државни награди и признанија на териториите на поранешна Југославија, Македонија и Црна Гора.
2022.- На 96-годишна возраст во Скопје почина поранешниот претседател на Уставниот суд, Ѓорѓи (Гога) Николовски. Николовски беше претседател на Уставниот суд во периодот од 1979 до 1986 година кој остави пример на професионалец и даде значаен придонес во градењето на традицијата на уставното судство во земјава, уште во периодот на СФРЈ. Помеѓу бројните функции коишто Николовски ги извршувал во текот на својот живот, биле и републички пратеник, еден од првите претседатели на Универзитетскиот совет на Универзитетот во Скопје, потпретседател на Извршниот совет на Собранието на Социјалистичка Република Македонија, потпретседател на републичкото Собрание и претседател на собранискиот Општествено-политички собор. Во два мандата бил и пратеник во Сојузното собрание на СФР Југославија и претседател на Соборот на републиките и покраините на југословенското Сојузно собрание. По завршувањето на мандатот како судија во Уставниот суд, Николовски бил претседател на Републичката конференција на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Македонија (ССРНМ). Ѓорги (Гога) Николовски важи за долгогодишен промотор и почесен претседател на манифестацијата за децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија. За својата општествена и граѓанска дејност, носител е на повеќе одликувања и признанија. Николовски е роден на 18 март 1927 година во Битола.
2023.- На 77-годишна возраст почина Мето Јовановски, театарски, филмски и телевизиски актер. Во 1971 година завршил Театарска академија во Софија, Бугарија и истата година се вработил во Драмскиот театар во Скопје. Неговата актерска кариера започнала на сцената на Народниот театар во Штип, каде настапувал уште пред да се запише на студиите. Оттогаш, за многу кратко време, Мето Јовановски се истакнал како еден од водечките драмски уметници во Македонија. Актер кој остварил огромен број филмски улоги, а играл во над 60 филмови. Едни од омилените улоги на Јовановски на македонската публика се оние од филмовите „Тетовирање“, „Среќна Нова 49“, „Пред дождот“, „Големата вода“, „До Балчак“ итн. Тука се и многубројни улоги во ТВ серии, пред се ТВ серијата „Опстанок“. Тој е добитник на бројни награди, меѓу кои „Златна клапа“ во Белград, четирикратен лауреат на наградата „Милтон Манаки“, наградата „Петре Прличко“, наградата за животно дело „Војдан Чернодрински“, посебно признание за допринос во филмската уметност, на осмиот Балкан панорама филм фестивал во Измир 2022 итн. Мето Јовановски беше роден на 17 јануари 1946 година, во с. Панчарево, Пехчевско.
###