3 декември 2024 (МИА)
- Денеска е Светски ден на лицата со хендикеп
1368.- Роден е францускиот крал Шарл VI, кој до својата смрт во 1422 година на престолот бил 42 години. Во почетокот од владеењето бил познат како „Шарл Саканиот“, но бидејќи од 1392 година имал неколку напади на психичко растројство го добил прекарот „Шарл Лудиот“. Во текот на неговото владеење Англичаните во Стогодишната војна, предводени од кралот Хенри V, во 1415 година им нанеле тежок пораз на француските трупи во битката кај Аенкур.
1800.- Во Врба, кај Блед, е роден Франце Прешерн, еден од најголемите словенечки поети. Најзначајно негово дело е „Сонетен венец“. Умрел во Крањ, на 8 февруари 1849 година.
1810.- Велика Британија ги презела од Франција островите Реунион и Маурицијус. Реунион подоцна и бил вратен така што и денеска е со статус на француска прекуморска територија.
1857.- Роден е Џозеф Конрад, англиски писател, по потекло Полјак. Најчеста тема на неговите романи и раскази е борбата на човекот со морето. Негови најзначајни дела се романите „Прогонетиот од островот“, „Ностромо“, „Лорд Џим“ и други. Умрел на 3 август 1924 година.
1883.- Роден е австрискиот композитор Антон Фридрих Ернст фон Веберн, еден од најистакнатите експресионисти. Изведувањето на неговата музика било забрането од нацистите. Создал специфичен музички јазик со префинети нијанси. Дела: камерна за гудачки квартет - „Пет ставови“, „Шест багатели“, оркестарска - „Шест парчиња“, „Пет парчиња“, „Симфонија за камерен оркестар“, „Варијации, соло песни“.
1894.- Роден е индискиот државник Реџендро Прасад, прв претседател на независна Индија од 1950 до 1963 година.
1894.- Умрел шкотскиот писател Роберт Луис Балфур Стивенсон, извонреден стилист. Се обидел во своите дела да го обнови духот на романтиката. Дела: романите - „Остров со богатство“, „Чудните случаи на докторот Џекил и господинот Хајд“, приказните - „Нови приказни од 1001 ноќ“, патописот „Патување со магаре“, есејот „Virginibus puerisque“.
1919.- Умрел францускиот сликар Пјер Огист Реноар, еден од најистакнатите импресионисти и еден од најголемите европски сликари во 19. век. Во староста работел и како скулптор.
1923.- Во Њујорк е родена Марија Калас, американска оперска пејачка, сопран, од грчко потекло. Големиот гласовен распон и вонредната сугестивна глума придонесле за нејзината светска слава и да се вброи во најголемите светски пејачки. Умрела во Париз, на 16 септември 1977 година.
1930.- Роден е францускиот режисер Жак Лик Годар, водечка личност во „новиот бран“ француски филмови. Филмови: „До последниот здив“, „Жената е жена“, „Лудиот Пјер“, „Бројот два“, „Да се живее својот живот“, „Карабињери“, „Мажена жена“, „Машко и женско“, „Викенд“, „Еден плус еден“, „Источен ветер“,„Спасувај се кој може“, „Име: Кармен“.
1949.- Умрел Елин Пелин (вистинското име му е Димитар Иванов Стојанов), прв оригинален бугарски писател за деца, еден од најдобрите сликари на бугарското село. Најпознати дела му се „Раскази“, „Пижо и Пендо“, „Земја“, „Јас и Ти, Тој“, „Дедовата ракавица“, „Сказни и раскази“, „Јан Бибијан на Месечината“ и други. Роден бил во 1877 година.
1967.- Лекарите во Кејптаун, во Јужноафриканската Република, објавиле дека во болницата „Гроте Шур“, за првпат во историјата, била извршена успешна трансплантација на човечко срце. Екипата на чело со д-р Кристијан Бернар извршила операција врз заболениот Луис Вашкански, меѓутоа тој умрел по десетина дена.
1980.- Во Скопје умрел Драги Костовски, познат македонски актер кој на најшироката јавност и е познат по исклучителните остварувања, по многубројните улоги на театарската сцена, на филмот, на телевизијата и во радиодрамската уметност. Роден бил во Битола на 22 април 1930 година.
1989.- Во Источна Германија оставки поднесле лидерот на единствената Работничка партија на Германија (комунисти) Егон Кренц и сите членови на партиското Политбиро и Централниот комитет на владејачката партија.
1991.- Русија ја признала независноста на Украина, а рускиот претседател Борис Елцин се заложил за што побрзо нормализирање на меѓудржавните односи на Русија и Украина.1991.- Во Струмица умрел Стојан Гогов, доајен на народниот театар „Антон Панов“ од Струмица. Роден бил во 1924 година.
1994.- Во Виена умрел Франтишек Вацлав Мареш, чешки професор по славистика на Виенскиот универзитет, научник од светски ранг кој има извонредни заслуги за афирмацијата на македонистиката во светот. Тој бил и член надвор од работниот состав на МАНУ.
2013.- Во Скопје починала писателката и публицист Вера Бужаровска. Писателската кариера ја почнала во 1962 година со објавувањето на детската книшка „Стоп“ наменета како забавна и поучна литература за најмладата читателска публика, а нејзиниот опус бележи над четириесетина прозни и поетски остварувања, во кои доминираат повести и во чиј центар е жената и нејзината судбина во патријахалното опкружување. Бужароска била родена во Битола на 7 декември 1931 година.
2013.- На 74-годишна возраст починал флејтистот Никола Атанасов. Роден бил во 1939 година во Просечани. Во 1964 година завршил Музичка академија во Љубљана, а како стипендист на италијанската влада една година престојувал на Академијата Санта Чичилија во Рим на специјализација. Потоа се вратил во Македонија и се вработил како прв флејтист во оперскиот оркестар на МНТ. Добитник бил на повеќе стручни награди и државни признанија, меѓу кои „11 Октомври“, „Св. Климент Охридски“ и „13 Ноември“.
2020.- Во Битола умре Благој Стефановски – Баге, поранешен министер за култура, во еден мандат пратеник и долгогодишен директор на Народен театар Битола. Во 2019 година, од страна на Општина Битола, му беше доделена 4-та ноемвриска награда за животно дело, при што Стефановски, како добитник на оваа награда, засади и свое дрвце во Алејата на добитниците на наградите за животно дело во Градскиот парк во Битола. Дипломираше во 1975 година на Факултет за драмски уметности – Скопје, а од 1975 година работи како актер во Народниот театар Битола. Од 1980-2002 работи како актер и директор на Народниот театар во Битола. Во негово време театарот ги бележи своите најголеми успеси и ги добива најпрестижните национални и меѓународни награди. Од 1994 – 1998 беше пратеник во Собранието на Република Македонија и претседател на комисијата за култура, додека од 2002-2006 ја извршуваше функцијата министер за култура во Владата на Република Македонија. Исто така беше почесен претседател на Мал Драмски Театар – Битола, селектор на фестивалот „Ристо Шишков“ – Струмица и претседател на Управниот одбор на Народниот театар Битола. Стефановски е роден 1953 година во Битола.
###