• сабота, 23 ноември 2024

Најмалку девет лица убиени во вооружен напад во Еквадор

Најмалку девет лица убиени во вооружен напад во Еквадор

Кито, 12 април 2023 (МИА) - Најмалку девет лица загинаа во вооружен напад во северниот дел на Еквадор, соопштија обвинителите, пренесе ДПА.

Седум тела се извлечени од пристаништето во градот Есмералдас, во северозападниот дел на Еквадор, во близина на границата со Колумбија, а други две од блискиот здравствен центар, соопшти обвинителството.

Телата се однесени на обдукција и почната е  истрага за откривање на одговорните, соопштија обвинителите, додавајќи дека во злосторството учествувале дваесетина тешко вооружени лица, додава германската агенција.

Еквадорскиот весник „Ел Комерсио“ информира дека вооружените луѓе, кои во градот дошле со чамци и такси, на пристаништето пукале во рибари и трговци.

Соочени со бранот криминал, еквадорската Влада на почетокот на овој месец  ги олесни законите за доаѓање до оружје и воведе полициски час околу пристанишниот град Гвајакил.

Насилството во Еквадор од неодамна е значително зголемено. Само минатата година бројот на убиства се зголеми од 2.115 на 4.603. Стапката на убиства од 25 убиства на 100.000 жители е највисока во историјата на оваа јужноамериканска земја.

Владата за бранот на насилство во земјата посебно ги обвинува дилерите на дрога. Кокаинот се произведува во Колумбија, Боливија и Перу, а потоа се шверцува главно во САД и Европа. Шверцот со дрога поттикнува брутално насилство и широко распространета корупција на транзитните патишта, пренесува ДПА. сд/

Остани поврзан