• четврток, 02 април 2026

Промоција на „Ништо нормално“ од Симона Јовановска во издание на издавачката куќа „Или-Или“

Промоција на „Ништо нормално“ од Симона Јовановска во издание на издавачката куќа „Или-Или“

Скопје, 2 април 2026 (МИА) – Во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје, вечерва со почеток во 20 часот ќе се одржи промоција на збирката раскази „Ништо нормално“ од Симона Јованоска, во издание на издавачката куќа „Или-Или“. 

Збирката е објавена во едицијата „ПРОаЗА“ како книга број 246, а низ разговор со авторката ќе ја промовира писателот Иван Шопов.  Според издавачот, со „Ништо нормално“ Јованоска, по два романа и една книга за деца, повторно му се враќа на жанрот расказ. 

Во фокусот на дваесетината раскази е, како што се наведува, „малиот човек“, а книгата отвора увид во неговите желби, стравови и несигурности, преиспитувајќи го значењето на зборот „нормално“.  Во освртот за книгата, уредничката Наташа Атанасова оценува дека расказите „многу умешно пипкаат секаде каде што нè боли – и како поединци, и како општество“.

Симона Јованоска е родена во 1985 година во Гостивар, а во 2015 година ја објави дебитантската книга раскази „Ги најдов во длабокото“ во издание на „Или-Или“.  Нејзиниот дебитантски роман „Денот на црвот“ е добитник на наградата „Роман на годината“ за 2021 година од Фондацијата „Славко Јаневски“, а делото е преведено на бугарски, српски и хрватски јазик. ра/са/

Фото:  „Или-Или“

 

Остани поврзан