• среда, 18 декември 2024

Националното собрание на Виетнам избра армиски генерал за четврти претседател во последните две години

Националното собрание на Виетнам избра армиски генерал за четврти претседател во последните две години

Ханој, 21 октомври 2024 (МИА) – Националното собрание на Виетнам денеска го избра армискиот генерал Луонг Куонг за следен претседател на земјата.

Тој е четвртиот претседател за помалку од две години за Виетнам, еднопартиска комунистичка држава традиционално позната по својата политичка стабилност, пренесе ДПА.

Куонг (67) се приклучи на армијата во 1975 година, пред да стане шеф на политичкиот оддел на Виетнамската народна армија во 2016 година и член на Политбирото, најмоќното тело за одлучување на Комунистичката партија.

Националното собрание претходно потврди дека То Лам ќе се повлече од функцијата претседател. Тој беше назначен на функцијата во мај, пет месеци откако поранешниот претседател Во Ван Туонг поднесе оставка во екот на одлучната борба против корупција.

Од август, То Лам ја извршуваше и функцијата генерален секретар на Комунистичката партија, по смртта на поранешниот лидер Нгуен Фу Тронг во јули.

Назначувањето на новиот претседател значи дека То Лам ќе биде само генерален секретар – што се смета за најмоќната позиција во виетнамската политика.

Во борбата против корупцијата во последните години, десетици илјади владини функционери ги загубија своите работни места, вклучително и еден поранешен претседател, Нгуен Ксуан Пук.

Тронг беше одговорен за интензивирање на борбата против корупцијата, откако обезбеди втор мандат како шеф на Комунистичката партија во 2016 година. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан