• четврток, 26 декември 2024

НАТО ги осуди кибер нападите насочени против демократските институции, безбедноста и слободното општество 

НАТО ги осуди кибер нападите насочени против демократските институции, безбедноста и слободното општество 

Брисел, 3 мај 2024 (МИА) – Северноатлантскиот совет (НАК) денеска изрази солидарност со Германија по злонамерната кибер кампања против Социјалдемократската партија на Германија (СПД) и со Чешка, која се соочува со злонамерни кибер активности против нејзините институции. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во соопштението на НАК се наведува дека одговорноста за овие злонамерни кибер активности, Германија и Чешка му ја припишаа на актерот АПТ28, кој е спонзориран од Русија, а пред се од руската воена разузнавачка служба - Главната дирекција на Генералштабот на руските Вооружени сили (ГРУ). 

НАК додава дека со загриженост забележува дека истиот актер упатува закани насочени и кон други национални владини ентитети, оператори со критична инфраструктура и други ентитети низ Алијансата, вклучително и во Литванија, Полска, Словачка и Шведска. 

- Силно ги осудуваме злонамерните кибер активности насочени кон поткопување на нашите демократски институции, националната безбедност и слободното општество. Злонамерните кибер активности насочени против Германија и Чешка потврдуваат дека кибер просторот е под ризик во секое време. Актерите на кибер заканата упорно се обидуваат да ја дестабилизираат Алијансата, се наведува во соопштението на Северноатлантскиот совет. 

Во реакцијата натаму се посочува дека НАТО останува посветени на спротивставување на суштинската, континуираната и зголемена кибер закана, вклучително и кон демократските системи и критична инфраструктура на неговите членки.  

- Ние сме решени да ги искористиме потребните потенцијали со цел да го одвратиме, да се одбраниме и да се спротивставиме на целиот спектар на кибер закани со меѓусебна поддршка, вклучително и со разгледување на координирани одговори. Промовираме слободен, отворен, мирен и безбеден кибер простор. Ги повикуваме сите земји, вклучително и Русија, да ги почитуваат своите меѓународни обврски и меѓународното право и да дејствуваат во рамката на одговорно однесување на една држава во кибер просторот, како што е потврдено од сите членки на Обединетите нации, се додава во соопштението на НАК. сп/ 

Фото: МИА архива 

Остани поврзан