• среда, 26 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Австрија открила руски проект за ширење дезинформации за Украина

Австрија открила руски проект за ширење дезинформации за Украина

Виена, 24 март 2025 (МИА) - Австриските власти соопштија дека откриле „руски проект насочен кон ширење дезинформации за Украина“, откако Бугарка била приведена во оваа земја во декември под сомнение дека шпионирала за Москва.

Австриските разузнавачи пронашле докази за операцијата додека ги анализирале уредите пронајдени при претрес на домот на осомничената, се додава во соопштението на Министерството за внатрешни работи.

Во него се наведува дека истрагата покажала дека неколку недели по инвазијата на Русија во Украина во 2022 година, била формирана група луѓе кои работеле за руското разузнавање и планирале голема кампања за дезинформации во земјите со германско говорно подрачје.

Осомничената Бугарка, чие име не е објавено, се верува дека имала значајна улога во акциите на групата и дејствувала како разузнавачки контакт, соопшти Министерството, додавајќи дека таа ја признала вината.

Најголемиот шпионски скандал во Австрија во последните неколку децении изби пред една година со апсењето на поранешен разузнавач, кој, меѓу другото, беше обвинет дека и ги предал податоците од мобилните телефони на поранешни високи австриски функционери на руската разузнавачка служба и помагал во планирањето на упадот во станот на познат новинар.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан