• среда, 25 декември 2024

Народниот правобранител на Албанија поведе истрага за апсењето на Илир Мета

Народниот правобранител на Албанија поведе истрага за апсењето на Илир Мета

Тирана, 28 октомври 2024 (МИА) - Народниот правобранител на Албанија поведе административна истрага за случајот со апсењето на Илир Мета, поранешен претседател на Република Албанија и актуелен лидер на опозициската Партија на слободата.

- Оваа управна истрага се однесува на постапувањето на Државната полиција за тоа како е извршен налогот на Специјалното обвинителство  против организиран криминал и корупција. Истрагата ја започнаа главно инспекторите на Народниот правобранител без да чекаат да добијат официјална жалба од Илир Мета или неговите адвокати, објави Ора њуз.

Случајот го истражуваат тројца инспектори на правобранителството кои го презеле видеото на кое се гледа моментот на апсењето на Мета од страна на оперативците и припадниците на специјалната единица „РЕНЕА“.

Мета беше уапсен на 21 месецов на влезот во Тирана, на враќање од Косово, под обвинение за корупција, перење пари и прикривање имот.  На обвинувањата од опозицијата за „употреба на прекумерна сила при апсењето“ Министерството за внатрешни работи објави дека припадниците на полицијата му рекле да излезе од автомобилот, но тој одбил, агресивно се однесувал и упатувал навреди кон службениците лица.

Специјалниот суд за корупција и организиран криминал два дена подоцна одлучи да ја остави непроменета безбедносната мерка „затворски притвор“ за Мета, кој мерката ја издржува во затворот „313“, кој се смета за затвор со висока безбедност.
Неговиот адвокат Генц Ѓокутај најави дека деновиве ќе поднесе кривична пријава против сите полицајци кои учествуваа во акцијата за апсење, по што се очекува да се надоврзат и Агенцијата за полициски надзор и Обвинителството во Тирана. вт/паг/

Фото: Фејсбук

Остани поврзан