• недела, 22 декември 2024

Народната банка го поднесе барањето за членство во СЕПА

Народната банка го поднесе барањето за членство во СЕПА

Скопје, 11 јули 2024 (МИА) - Народната банка го поднесе барањето за пристапување на земјава во Европската област за плаќања во евра (СЕПА) што претставува клучен исчекор за понатамошниот развој и интеграција на домашниот финансиски систем во европскиот економски простор.

Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, која го потпиша барањето, истакнува дека предностите од пристапувањето во СЕПА се многу значајни за граѓаните и за компаниите, имајќи предвид дека најголемиот број од плаќањата со странство се извршуваат во евра.

Како што посочува гувернерката, минатата година, 87 проценти од вкупните одливни плаќања, односно 77 проценти од вкупните приливни плаќања со странство кај домашните банки се извршени во евра. 

- За граѓаните и претпријатијата, придружувањето кон СЕПА ќе значи пред сѐ, поевтин, побрз, безбеден, едноставен и ефикасен начин (еднаков на националните плаќања) за безготовински плаќања во евра кон земјите членки на СЕПА. Клучна придобивка е очекуваното значајно намалување на трошоците за прекуграничните трансакции со овие земји, што е особено значајно за дознаките од иселениците и лицата на привремена работа во странство, кои се важни за македонската економија. Стандардизираните регулативи кои се применуваат во СЕПА придонесуваат и за повисоки нивоа на заштита на потрошувачите и транспарентност, обезбедувајќи еднаков приод кон сите даватели на платежни услуги и по конкурентски цени, појасни гувернерката во изјава за МИА објавена во вторникот. 

Пристапувањето кон СЕПА, за граѓаните и компаниите ќе значи пониски надоместоци, како и подобрено управување со паричните текови, имајќи предвид дека трансферите на СЕПА вообичаено се обработуваат во рок од еден работен ден, а кај инстант плаќањата, преносот на паричните средства ќе се извршува најмногу за 10 секунди, во кое било време во текот на денот, за викенди и за празници.

Со пристапот до СЕПА, домашните даватели на платежни услуги ќе добијат можност да бидат учесници во платните системи (платежните шеми) во областа на СЕПА, што ќе обезбеди директни релации со многу странски даватели на платежни услуги и намалување на нивните трошоци коишто произлегуваат од кореспондентното банкарство, а тоа ќе придонесе за побрзи и поевтини плаќања во евра за граѓаните и за компаниите во земјата.

Самата апликација за пристапување кон СЕПА, како што појасни Ангеловска-Бежоска за МИА, е резултат на повеќегодишни активности и меѓуинституционална соработка во земјата, како и на поддршката од меѓународните институции.

- Овие напори веќе резултираа со значајни достигнувања во усогласувањето на домашната регулатива со онаа на ЕУ, во делот на платежните услуги и платни системи, спречување на перење на пари, слободно движење на капиталот и заштитата на личните податоци, како и ефикасна примена на оваа регулатива, нагласи гувернерката на Народната банка во изјавата за МИА.

Документацијата за поднесување на барањето во СЕПА е резултат на заедничкиот напор на Народната банка и повеќе министерства и институции, како и на Македонската банкарска асоцијација. 

Процесот на подготовка на барањето започна во рамки на регионалниот проект „Модернизација на плаќањата за земјите од Западен Балкан“, како дел од Планот за раст на Западен Балкан, финансиран од ЕУ и произлезен од Берлинската иницијатива за создавање заеднички регионален пазар. Тој беше технички поддржан од долгогодишниот и значен партнер на Народната банка во сферата на плаќањата - Светската банка. 

За членството на нашата земја во СЕПА одлучува Европскиот совет за плаќања кој е одговорен за стандардизација и подобрување на платниот систем во Европа, со седиште во Брисел. Во наредниот период, Советот ќе го разгледа барањето и по процената на усогласеноста со стандардите на СЕПА, во соработка со Европската комисија, ќе донесе конечна одлука за прием во членството.

СЕПА брои 36 земји членки, при што покрај  27-те земји членки на Европската Унија, членуваат и девет европски земји коишто не се во ЕУ (Обединетото Кралство, Норвешка, Швајцарија, Исланд, Андора, Монако, Лихтенштајн, Сан Марино и Ватикан). 

Повеќе информации за предностите од пристапувањето во СЕПА, може да се најдат на следниот линк: https://www.nbrm.mk/ns-newsarticle-soopstenie-09072024.nspx. бак/

Фото: Народна банка

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан