• сабота, 23 ноември 2024

На денешен ден

На денешен ден
20 март 2021 (МИА) 43.п.н.е.- Роден е Публиј Овидиј Насон, еден од најталентираните римски поети, пријател на Вергилиј и Хорациј. Во своите исклучително музикални стихови најмногу внимание и посветувал на љубовта. Неговите дела се одликувале со фантазија, со психолошко забележување, со духовитост и хумор. Умрел во 17-та година на новата ера.   1413.- Умре англискиот крал Хенри Четврти, основач на династијата Ланкастер. На престолот дошол во 1399 година симнувајќи го својот братучед, кој во 1400 година под мистериозни околности умрел во заробеништво во замокот Понтефракт. Последната година од неговото владеење го одбележала неговата тешка болест и острите фракциски борби во врвот на власта. 1828.- Роден е Хенрих Ибзен, норвешки писател. Во своите дела го осуди современото буржоаско општество и односите што владееја во него. Негови најпознати дела се „Нора“, „Комедија на љубовта“, „Непријател на народот“ и други. Умрел во Осло, на 23 мај 1906 година. 1890.- Роден е италијанскиот пејач Бењамино Ѓиљи, еден од најголемите оперски тенори во 20. век. Повеќе од 40 години импресивно толкувал 60-ина улоги, посебно во оперите на италијанските и француските  композитори. Исто така, играл и во низа филмови. 1890.- Вилхем Втори го сменил германскиот „железен“ канцелар Ото фон Бизмарк. 1894.- Умрел унгарскиот револуционер Лајош Кошут, водач на Унгарската револуција во 1848 година, еден од најголемите противници на режимот на Хабзбуршката монархија. По упадот на хрватските сили предводени од банот Јосип Јелаичиќ во Унгарија во септември 1848 година, го организирал Комитетот за одбрана на татковината. Ги победи Хрватите и тргнал кон Виена за да се пресмета со Хабзбурзите, но унгарските реакционерни офицери го осуетиле планот. Народното собрание во април 1849 година прогласило независност и ја симнало монархијата, а во мај го избрало за прв претседател на владата на слободна Унгарија. Републиката набрзо подлегнала на надворешните воени напади. Емигрирал во август во 1849 година во Италија, а во Торино останал се до неговата смрт. 1908.- Роден е англискиот театарски и филмски актер Мајкл Редгрејв. Филмови: „Госпоѓата која исчезнува“, „Браунингова верзија“, „Важно е да се викаш Ернест“, „Осаменоста на тркачот на долги патеки“, „Јуришот на лесната коњаница“, „Демони“. 1915.- Роден е рускиот клавирист од германско потекло Свјатослав Теофилович Рихтер, најзначајниот пијанист во 20. век. Според одредени музички критичари, најголем пијанист во историјата на музиката. Оригинално ги толкувал композициите од различни епохи, интерпретирајќи ги со совршена техника со што ја воодушевувал концертната публика ширум светот. 1929.- Умрел францускиот маршал Фердинанд Фош, кој во Првата светска војна командувал во клучните битки против Германците на Западниот фронт. 1933.- Германските нацисти во Дахау го отвориле првиот концентрационен логор. 1934.- Во Софија умре Ѓакон Евстати, македонски револуционер. Покрај другото, водел борба против великогрчките, великобугарските и великосрпските чети во Македонија. Роден бил во селото Нестрам, Костурско, во 1873 година. 1986.- Во Њујорк умре Бернард Маламуд, американски писател. Добитник е на Пулицеровата награда за романот „Поправувач“ (1971). Во 1979 година беше претседател на Американскиот ПЕН-клуб. Роден е во 1914 година. 1991.- По одржаните повеќепартиски избори во СРМ, во Скопје била формирана првата Влада на Република Македонија. За прв претседател бил избран д-р Никола Кљусев. 1992.- Во Скопје бил формиран Македонскиот олимписки комитет. За претседател бил избран Васил Тупурковски. 1996.- Во Скопје, во издание на приватното претпријатие „Круг“, излегол првиот број на дневниот весник „Дневник“. 2001.- Најголемата нафтена платформа во светот за само неколку минути потонала спроти бразилскиот брег, пет дена по силната експлозија во која загинале 11 луѓе. 2003.-  Американските и британските сили ја почнале инвазијата на Ирак, и покрај противењето на Франција, Русија, Кина и Германија, за само два часа по истекот на ултиматумот кој му го поставил претседателот Џорџ Буш на Садам Хусеин со синовите и соработниците да ја напушти земјата. 2005.- САД ја усвоиле стратегијата за превентивни удари против државите кои претставуваат закана. 2007.- Светската здравствена организација објавила дека во супсахарска Африка во последните два месеца од менингитис умреле 1.670 лица, а уште 16.000 биле заразени со оваа болест. 2013.- Белгиецот Пјер Делињ станал добитник на Абеловата награда  на норвешкиот комитет, кој го доделува ова престижно признание од областа на математиката, вредно милион долари. Според Советот на експерти, неговата работа во пронаоѓањето на врските меѓу различни полиња на математиката довела до неколку важни откритија. 2020.- Легендарниот кошаркар и долгогодишен функционер на ФИБА, Бора Станковиќ почина во Белград на 95-годишна возраст. Беше еден од основачите на белградска Црвена ѕвезда, репрезентативец на поранешна Југославија и играч кој го постигна првиот кош во историјата на Светските првенства (СП 1950 во Аргентина). Со Црвена ѕвезда освои три шампионски титули по што ги облече дресовите и на белградски Железничар и на Партизан. Со југословенската репрезентација учествуваше на СП во Буенос Аирес по што го формираа ОКК Београд. Станковиќ беше генерален секретар на Светската кошаркарска асоцијација во периодот од 1976 година до 2002 година, беше член и на Интернационалниот олимписки комитет и член на Куќата на славни во Спрингфилд од 1991 година. ###

Остани поврзан