• среда, 27 ноември 2024

Надал: Алкараз и Синер се над сите, но ќе дојдат и нови деца

Надал: Алкараз и Синер се над сите, но ќе дојдат и нови деца

Ријад, 18 октомври 2024 (МИА) - Во сабота од 18 часот последен пат ќе гледаме натпревар помеѓу Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал. Одиграа 60 официјални натпревари, Новак води со 31-29, а сега ќе се сретнат на егзибициски дуел во Ријад, во меч за третото место, откако и двајцата загубија во полуфиналето.

Ѓоковиќ одигра драматичен меч со Синер, но четврти пат во низа загуби од Италијанецот - сега со 6:2, 6:7, 6:4.

Во второто полуфинале Карлос Алкараз го победи својот модел Надал со 6:3, 6:3. 
По ова, на Надал му останува уште еден турнир во кариерата – Дејвис купот со Шпанија во ноември.

-Немам голем притисок овде, само се трудам да се забавувам и да уживам во секој момент на теренот. Знаев дека ќе играм со ривали кои се во многу подобра форма од мене затоа што се на професионална турнеја, освојуваат турнири, а јас сум во друг момент од кариерата, за мене важното натпреварување кое ме очекува за еден месец е финалето на Дејвис купот. Се обидувам да уживам играјќи еден од моите последни натпревари, изјави Надал.

Финалето на „Сикс Кингс Слем“ турнирот во Ријад ќе го играат Синер и Алкараз в сабота по мечот меѓу Ѓоковиќ и Надал.

-Секако дека Алкараз може да биде прв, многу пати играше со Синер, некогаш победува едниот, некогаш другиот. Во моментов тоа е најдобриот натпревар што можеме да го добиеме на Турнејата. Тенисот е во добри раце, се надевам дека ќе останат здрави, без повреди и ќе го продолжат ривалството. Овие двајца се над сите по нивото на игра и конзистентност, но да видиме како ќе се развиваат другите, да видиме кој ќе дојде од новите деца. Ќе уживам во тенисот од друга перспектива, додаде Рафа Надал. дс

Фото: Принтскрин

Остани поврзан