• сабота, 09 ноември 2024

Наврат: НАТО останува посветено на одржување на безбедноста и стабилноста во Косово и регионот

Наврат: НАТО останува посветено на одржување на безбедноста и стабилноста во Косово и регионот

Приштина, 2 октомври 2024 (МИА) – Директорот на советодавниот тим за врски на НАТО, Кристијан Наврат, изјави дека Алијансата останува посветена на својата улога во поддршката на безбедноста и стабилноста во Косово и целиот регион, јави дописникот на МИА од Приштина.

На годишната конференција на Безбедносните сили на Косово (ФСК), „ФКС и партнерите 2024“, Наврат порача дека НАТО ќе помогне на ФСК да ги зголеми своите капацитети, трансформирајќи се во мултиетничка сила.

„НАТО останува посветена да ја игра својата улога во поддршката на безбедноста и стабилноста во Косово и во целиот регион. Работиме, но има уште многу да се направи во овој мандат. Со нудење на нашите совети како мултинационален тим врз основа на мандатот на ФСК, ние играме единствена улога меѓу меѓународниците кои ја поддржуваат ФСК. Нашите сојузници остануваат на истата цел, да ја поддржат ФСК да создаде сила способна да обезбеди можности на поединци без разлика на полот и етничката припадност“, рече Наврат на конференцијата во Приштина, на која учествуваат претставници на Министерството за одбрана и на Безбедносните сили на Косово, како и амбасадори и воени аташеа од сојузничките земји.

Амбасадорот на Италија во Косово, Антонело Де Риу, упати честитки за професионалноста на ФСК и нагласи дека оваа сила ги избегнала сите провокации и реторики кои би можеле да доведат до ескалација на ситуацијата по нападот во Бањска на северот на Косово во септември минатата година.

„Има предизвици, особено ова последното прашање со Русија и оние лоши намери на Србија во Косово, и тие бараат исклучителен пристап. Многу е суштинско ова да се реши и подигањето на персоналот на КФОР за контрола на границата беше многу клучно. Исто така, во врска со минатогодишниот напад кој го изврши паравоена група, во тој случај ФСК покажа вистинска професионалност, избегнувајќи ги сите провокации и реторики што можеа да доведат до разни ескалации“, рече Де Риу.

Според него, многу е важно да се создаде дијалог и ова прашање да се реши преку дијалог и соработка со меѓународната заедница.

„Во овој контекст, НАТО и членките на Квинта се подготвени да го олеснат дијалогот и да најдат решение за прашањата кои се уште не се решени. Очекувам да се направи пристап на соработка со кој сите страни ќе можат да ги поминат овие предизвици“, рече Де Риу.

Амбасадорот на Велика Британија Џонатан Харгривс изјави дека Обединетото Кралство е задоволно од напредокот на ФСК.

Тој се заблагодари на косовските безбедносни сили за поддршката што ја даваат за Украина и стабилноста во Европа, додавајќи дека ФСК е на пат кон интеграција во безбедносните институции на високо ниво.

„Велика Британија е многу среќна и задоволна од напредокот на ФСК, за да се осигура дека ФСК е професионална, инклузивна и одговорна. Ние сме многу задоволни од нашата улога овде и таа е многу важна за регионалната стабилност. Оваа година особено не радува поддршката што ФСК ја пружи за Украина и стабилноста во Европа. Како што слушнавме и ќе слушаме, ФСК постигна извонредни достигнувања за кои ви честитаме. ФСК е сè уште на пат за создавање вештини и нивно зајакнување, а исто така и на патот на евроатланските интеграции, што ние целосно го поддржуваме“, рече Харгривс. иа/рп/

Остани поврзан