• среда, 25 декември 2024

Набавено ново возило за чистење снег за комуналното претпријатие во Крива Паланка

Набавено ново возило за чистење снег за комуналното претпријатие во Крива Паланка
Крива Паланка, 12 април 2022 (МИА) - Во Крива Паланка денеска беше извршено примопредавање на новото возило за чистење снег со придружна опрема, набавено за службата за зимско одржување на Јавното претпријатие „Комуналец“ од градот. Возилото е во вредност од три милиони денари, средства обезбедени со грант од Бирото за регионален развој, а градоначалникот на Крива Паланка Сашко Митовски, од име на општината му го предаде на директорот на ЈП „Комуналец“, Миле Марковски. - Јавното комунално претпријатие денеска добива ново возило наменето за чистење снег. Возилото е соодветно и компатибилно со теренската конфигурација на територија на општината, за да може да се реализира брзо и навремено зимско одржување. Набавката е извршена во рамки на програмата за намалување диспаритети помеѓу планските региони, преку договор со Министерството за локална самоуправа, за проектот „Безбеден сообраќај во зимски услови во Општина Крива Паланка”, информира градоначалникот на Општината Сашко Митовски. Со набавката на ова ново и современо возило за чистење снег, како што посочи, ќе се подобри услугата за зимско одржување на службите од „Комуналец“ на подрачјето на целата општина. - Во консултација со надлежните од „Комуналец“, бев информиран дека возилото и во останатите периоди од годината ќе може да се интегрира во работењето на претпријатието со цел активно и навремено извршување на услугите за граѓаните, изјави Митовски. Со ова возило ќе се докомплетира возниот парк на јавното комунално претпријатие кое располага со шест возила за смет, од кои четири се нови, два камиони, два скипа и еден трактор, а ова ново возило ќе биде 12-то во возниот парк. - Изминатите неколку месеци направивме реорганизација на работењето во Јавното претпријатие „Комуналец“ и интензивирани се сите активности за: редовно перење, метење на улиците и јавните површини, уредување и одржување на јавните зелени површини, модерно хортикултурно уредено зеленило, за нов урбан лик од влезот, до излезот на градот. Јавните институции во служба на граѓаните е нашето мото, а наша цел е чиста, модерна и убава Крива Паланка, дополни Митовски. ид/мс/

Остани поврзан