• четврток, 26 декември 2024

Муцунски: Очекувам новата влада да биде формирана малку порано од крајниот рок

Муцунски: Очекувам новата влада да биде формирана малку порано од крајниот рок

Скопје, 4 јуни 2024 (МИА) - Потпретсесателот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски денеска изјави дека новата влада ќе биде формирана согласно уставните рокови и оти се уште се во тек разговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ. Негови очекувања се дека новата влада би можела да биде формирана малку порано од крајниот рок. 

- Се уште се во тек разговорите. Како што знаете се уште мандатарот односно претседателот на ВМРО - ДПМНЕ се уште формално го нема земено мандатот, што значи течат уставните рокови. Тоа што би можел во овој момент да го кажам е дека согласно уставните рокови ќе биде формирана новата влада, изјави Муцунски, кој денеска присуствуваше на настанот по повод Денот на Европа во организација на Европското движење во Северна Македонија во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер..

Во однос на поделбата на ресорите, тој рече дека дискусијата кој претставник од ВМРО - ДПМНЕ каде ќе се најде е процес којшто прво секој од нив треба да го разговара со идниот премиер, но исто така процес којшто е предмет на дискусија на органите на политичката партија - Централниот и Извршниот одбор.

- Сметам дека е сосема неблагодарно од кого било да ја дискутира својата политичка иднина пред медиумите. Тоа е прашање со идниот премиер ќе го дискутираме, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ. 

Тој очекува новата влада да може да биде формирана малку порано од крајниот рок, но сепак, додаде Муцунски, тоа е дискусија помеѓу мандатарот и претседателот на државата иако верува дека тоа ќе се случи во текот на оваа недела. 

Според информациите на МИА, се очекува претседателката Сиљановска Давкова во четврток да му го додели мандатот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, од кога ќе почне да тече дваеседневниот рок за формирање влада. 

Официјалните информации се дека разговорите меѓу работните групи на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ се уште течат. Поделбата на ресорите е веќе позната, а неофицијално во јавноста веќе излегоа и имињата на некои од идните министри. 

Во Собранието се прават подготвки за измени на новиот Закон за организација на работата на органите на државната управа и според него да се изгласа новата реорганизирана влада и да бидат избрани нејзините членови. Имајќи предвид дека измените треба да го минат собранискиот филтер, денеска Комисијата за прашања на изборите и именувањата го изгласа составот на Комисијата за политилки систем и односи меѓу заедниците и на Законодавно - правната комисија. Но, за да се донесат измените на овој закон потребно е двотретинско мнозинство, кое според сегашната математика мнозинството го нема. За измените на овие системски закони потребно е двотретинско мнозинство.  

Исто така, можни се и измени на Законот за локална самоуправа и Изборниот законик, за да се најде преодно решение, да не се распишуваат избори само за неколку месеци мандат односно до одржувањето на локални избори во целата држава наредната година, во оние општини каде градоначалници веќе станаа пратеници и ќе станат министри. ев/аа/

Фото: МИА Архива

 

 

Остани поврзан