• вторник, 24 декември 2024

Муртезани: Засилување на соработката за европска интеграција меѓу Северна Македонија и Молдавија

Муртезани: Засилување на соработката за европска интеграција меѓу Северна Македонија и Молдавија

Скопје, 13 декември 2024 (МИА) - По потпишувањето на Меморандумот за соработка со Молдавија во делот на ЕУ, министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска имаше средба и со Инa Кошеру, претседателка на Комисијата за надворешна политика и европска интеграција, во Парламентот на Република Молдавија.

Средбата, како што информира Министерството за европски прашања, беше фокусирана на унапредување на билатералните односи и засилување на соработката во процесот на европската интеграција.

- Министерот Муртезани и претседателката Кошеру разговараа за важноста од усогласување на реформските агенди и зајакнување на парламентарниот дијалог. Тие го истакнаа значењето на размената на најдобрите практики во законодавната усогласеност, реформите во јавната администрација и унапредувањето на демократските институции, се вели во соопштението. 

Муртезани, како што се наведува, ја реафирмираше подготвеноста на Северна Македонија во помагањето на Молдавија во нејзините реформски процеси, особено во областа на владеењето на правото и усогласувањето со правото на Европската Унија.  Претседателката Кошеру се заблагодарила за поддршката од Северна Македонија и ја подвлекла улогата на меѓупартиската соработка за успешна имплементација на реформите. Муртезани и Кошеру ја потврдиле заедничката посветеност за понатамошно зајакнување на партнерството во процесот на европската интеграција. мд/aa/

Фото: Министерството за европски прашања

 

Остани поврзан