Програма за размена на студенти и научници како дел од билатералната соработка со Полска
- Полската национална агенција за академска размена - NAWA известува дека во академската 2025/26 година реализацијата на билатерална соработка во областа на високото образование и науката од страна на Полска ќе биде спроведена во рамки на „Програмата за размена на студенти и научници како дел од билатералната соработка – понуда за дојдовни студенти и научници“.

Скопје, 24 март 2025 (МИА) - Полската национална агенција за академска размена - NAWA известува дека во академската 2025/26 година реализацијата на билатерална соработка во областа на високото образование и науката од страна на Полска ќе биде спроведена во рамки на „Програмата за размена на студенти и научници како дел од билатералната соработка – понуда за дојдовни студенти и научници“.
Како што објави МОН на својата веб-страница, според полската позиција во рамките на Берлинскиот процес, Полската национална агенција за академска размена ќе додели стипендии за македонски истражувачи и студенти за академската 2025/26 година, во вкупно времетраење од 20 месеци годишно за научно-истражувачка пракса и за едносеместрални студии, на универзитети и институции кои се во надлежност на министерот за наука и високо образование на Република Полска.
-Стипендијата изнесува 1800 PLN месечно за студенти, 2500 PLN за истражувачи кои се на докторски студии и 3500 PLN за истражувачи со докторат на науки. Почнувајќи од академската 2022/23 година NAWA ги прифаќа и Еразмус+ студентите, кои би можеле да ја комбинираат стипендијата NAWA и стипендијата Еразмус+. Исто така, во прилог е понудата за македонски студенти и истражувачи во рамките на Програмата за размена на студенти и истражувачи како дел од билатералната соработка – Програмата Zawacka NAWA. Како и обично, ги охрабруваме студентите и истражувачите од Република Северна Македонија да учествуваат во други програми на NAWA како што се Ulam NAWA и Banach NAWA, се наведува во објавата.
Информации за потребните документи за поднесување на кандидатурите се достапни на веб-страниците: https://nawa.gov.pl/en/students/foreign-students и https://nawa.gov.pl/wspolpraca-i-wymiana-miedzynarodowa/zawacka-nawa/przyjazdy/educja-2025/ogloszenie-o-naborze-2025
Треба да се има во предвид дека понатамошниот процес на аплицирање ќе се одвива преку NAWA ICT системот. Апликацијата заедно со потребните документи треба да бидат доставени до Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија најдоцна до 15 април 2025 година. Линкот за регистрација е: https://programs.nawa.gov.pl/login, посочува МОН. хс/са/
Фото: МИА архива