• петок, 27 декември 2024

Мурал со лозаровинарска содржина на фасадата на Винскиот музеј во Кавадарци

Мурал со лозаровинарска содржина на фасадата на Винскиот музеј во Кавадарци
Кавадарци, 20 јули 2022 (МИА) - Мурал со лозаровинарска содржина се изработува на фасадата на Винскиот музеј во Кавадарци. Директорката на музејот, Весела Честоева денеска информираше дека станува збор за проект што има за цел да стимулира ново творештво во визуелните уметности, организирање на уметничко дело во јавен простор. Проектот е финансиран од Министерството за култура преку програмата за национален интерес, како и од локалната самоуправа. -Сакаме да ја поттикнеме иновативноста и креативноста. Винскиот музеј добива ново уметничко дело, со што ќе придонесеме за поголемо препознавање на овој објект и ќе поттикнеме заштита и афирмација на културниот идентитет. Уметноста е форма на наше дејствување, преку која се издигнуваме над секојдневието и во своето живеење бараме поинтересна смисла за наше дејствување. Сметаме дека со оваа уметност во јавен простор, ќе дадеме една нова димензија во остварувањето на нашите цели, рече Честоева за МИА. На лице место творат локални академски ликовни уметници. Горан Боев, Ива Јосифова-Даневски, Лазар Дојчинов и Ќиро Јосифов. -Тие преку различни форми и методи ги реализираат зацртаните цели и задачи. Станува збор за уметници од кавадаречкото здружение на граѓани љубители на уметноста и културата, „Роднокрајци", додаде Честоева. Таа изрази надеж дека муралот ќе биде готов за месец дена. Се очекува тој да биде промовиран за време на манифестацијата „Тиквешки гроздобер" во септември, кога и ќе се одбележат две години од отварањето на Вински музеј. свд/рп/

Остани поврзан