• петок, 27 декември 2024

Музичка младина ќе го реализира меѓународниот камп за млади музичари „Етно Македонија“

Музичка младина ќе го реализира меѓународниот камп за млади музичари „Етно Македонија“
Струга, 12 јуни 2022 (МИА) – Во организација на Музичка младина на Македонија, од 13 до 21 јуни во Струга, втора година по ред ќе се реализира Меѓународниот камп за млади музичари „Етно Македонија“. На кампот, којшто е дел од светски познатата програма „Етно“ на Меѓународната музичка младина, годинава ќе учествуваат музичари од Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Аргентина, Германија, Грција и од Бугарија. - Работилниците на кои младите музичари ќе ја споделуваат и ќе учат традиционална музика на секоја од државите од кадешто доаѓаат учесниците, ќе бидат предводени од искусни ментори. Меѓу предавачите кои ќе работат со нив се и македонскиот композитор и диригент Ангел Спироски, како и перкусионистката Деа Плевнеш. Одржувањето на кампот мината година се покажа како успешно и беше позитивно оценет од сите учесници, поради што етномузичката приказна ја продолжуваме и годинава, истакна Верица Ајтовска, координаторка на кампот. Музичарите за само неколку дена, за време на работилниците во рамки на кампот ќе подготват интернационална музичка програма што ќе ја претстават пред публиката. Завршниот концерт ќе се одржи на 20 јуни на летната сцена на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга со почеток од 20 часот, а влезот ќе биде слободен. Кампот „Етно Македонија 2022“ финансиски е поддржан од Министерство за култура и е во соработка со Центарот за култура од Струга. та/мс/

Остани поврзан