Кабинетот на Велковски реакциите на ЦСР ги оцени како оркестриран напад, тие, пак од него побараа извинување
- Оркестриран напад по вчерашните објави за сторен криминал од страна на раководни лица во ЦСР нема да не поколеба јавноста да ја дознае вистината тоа како се исплаќала социјална помош и социјални пензии. Овој атак има име и презиме, а јавноста многу добро знае кое е тоа, реагираше денеска преку соопштение Минисерството за труд и социјална политика, предводено од техничкиот министер за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски, по пишаната реакција на повеќе центри за социјална работа во земјава, во која бараат извинување за нарушување на интегритетот на нивните вработени.
Скопје, 19 март 2024 (МИА) - Оркестриран напад по вчерашните објави за сторен криминал од страна на раководни лица во ЦСР нема да не поколеба јавноста да ја дознае вистината тоа како се исплаќала социјална помош и социјални пензии. Овој атак има име и презиме, а јавноста многу добро знае кое е тоа, реагираше денеска преку соопштение Минисерството за труд и социјална политика, предводено од техничкиот министер за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски, по пишаната реакција на повеќе центри за социјална работа во земјава, во која бараат извинување за нарушување на интегритетот на нивните вработени.
-По вчерашната прес-конференција на повидок излезе грубата партизација на Министерството од изминатите министри. Од вчера сме сведоци и на притисоци кон вработени и инспектори да не се доставуваат податоци за откриените злоупотреби. Директорите на центрите за социјална работа, кои се поставени од претходните министри на СДСМ, откривањето на противправни исплати на социјална помош го престават како навреда кон вработените, се вели во денешната реакција на МТСП.
Оттаму додаваат дека на прес-конференцијата во ниту еден момент не било потенцирано кои се одговорни лица вмешани во овие злоупотреби, туку се посочуваат дека во ова се вклучени повеќе лица и оти понатамошните постапки ќе ја утврдат одговорноста.
-Почитувани директори на центрите за социјална работа. Доколку се докаже дека по откривањето на овој скандал направите макар еден прекин на социјална помош по основот кој го наведовме дали ќе ја преземете комплетната одговорност за злоупотреба на исплата на средства на лица кои не исполнувале законски услови со месеци или години назад, се вели во реакцијата.
Министерот за труд и социјална политика во техничката Влада, Ѓоко Велковски вчера изјави дека добил сознанија за злоупотреби на системот за социјална заштита со кои, според првичните информации, на 2.252 лица незаконски им биле исплаќани средства за социјална помош како и за социјална пензија, иако не ги исполнувале условите.
- Во Министерството за труд и социјална политика сум веќе 50 дена и за овој краток период добив сознанија кои ни малку не се пријатни, а уште помалку влегуваат во рамката на законско постапување и совесно вршење на работните задачи и обврските. Досега ни се познати 2.252 исплаќања на сметките на корисници кои по сила на законот не треба да ја примаат истата. Имаме првични сознанија дека забележана е и ретроактивна исплата на средства за повеќе месеци наназад, што отвори голем сомнеж за извршени злоупотреби во институциите под надлежност на Министерството за труд и социјална политика, рече Велковски на прес-конференција.
Според сознанијата, како што рече тој, манипулацијата е системска а во неа најверојатно биле вклучени повеќе лица.
Веднаш изреагира Кабинетот на дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, во која беа демантирани изјавите на Велковски.
- „Набрзо деновиве ќе ги имаме конкретните записници по овие констатирани податоци“ вака заврши непотребната и лажна прес-конференција на техничкиот министер Велковски за информации кои не се плод на неговата работа. Повторно министерот без да има конкретни информации со завршени записници, факти и докази, излегува во јавност и се користи со лажни обвиненија, кои инаку се дел од информациите на тековно работење на министерството, пишува во демантот.
Како што појаснуваат од Кабинетот на Тренчевска, таа во јануари потпишала меморандум за соработка со Министерството за внатрешни работи, за размена на податоци за поседување моторно возило во реално време.
- Ваквиот меморандум, кој стапи на сила од февруари, е мерка за превенција од злоупотреба на системот за социјална заштита. Конкретно Велковски се служи со информации кои се дел од транспарентните одлуки на Тренчевска. Тука не се работи за непостапување на службениците од социјална заштита, туку за замајување на јавноста со нерелевантни податоци и засенување на видливите резултати од одлуките донесени од страна на СДСМ, се истакнува во демантот.
Пред потпишувањето на меморандумот, како што додаваат од Кабинетот на Тренчевска, податоците со МВР биле разменувани на месечно ниво со доставување на барање за проверка на информациите.
Денеска директорите на неколку центри за социјална работа во земјава реагираа на изјавата на техничкиот министер Велковски.
Тие бараат извинување за нарушување на интегритетот на вработени, посочувајќи дека никакви политички игри не смеат да ја навредат нивната професионалност. Реакцијата беше испратена од центрите за социјална работа од Битола, Прилеп, Валандово, Пробиштип, Гостивар, Македонски Брод, Кавадарци, Гевгелија. сст/ац/
Фото: МИА архива