• недела, 24 ноември 2024

МСУ: Изложба „Дефрагментација“ со личен кустос водич, Матине и Детско катче

МСУ: Изложба „Дефрагментација“ со личен кустос водич, Матине и Детско катче

Скопје, 2 септември 2023 (МИА) - Во Музејот на современата уметност (МСУ) - Скопје денеска со личен кустос водич ќе може да се погледне изложбата „Дефрагментација“. Станува збор за дел од колекцијата на Музејот - дела подарени од уметници од централноевропските земји.

Организиран ќе биде и пропратен настан - Матине со диџеј сет на Мирко Попов и Виолета Качакова, за посетителите да се подружат и да ги сумираат впечатоците од изложбата. За најмладата публика, пак, ќе биде организирано Детско катче за цртање, инспирирано од изложбата.

На „Дефрагментација“ се претставени 96 дела од 86 уметници од Чешка, Унгарија, Полска и Словачка. Куратори се Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец.

Според МСУ, на оваа изложба која претставува и одбележување на 60-годишнината од скопскиот земјотрес, претставен е избор од слики, скулптури и графики, кои се создавани во текот на 20-от век, поточно во периодот од 1905 до 1989 година и претставуваат репрезентативен преглед на достигнувањата во уметноста на повеќе генерации уметници од земјите од Централна Европа.

-Ова ќе биде последна можност, кустосот Бојана Јанева да ги доближи до посетителите делата подарени од уметници од централноевропските земји, бидејќи изложбата ќе биде отворена уште само две недели. Како што велат и самите куратори, изложбата е потсетување на светската солидарност, концепт на кој се темели МСУ, а степенувањето на важноста на меѓународната соработка е основа за унапредување на општествената сфера и справување со заедничките предизвици, наведува Музејот.

Во колекцијата на МСУ Скопје се чуваат вкупно 5 291 дело, меѓу кои 22 дела од 11 уметници од Словачка, 56 дела од 27 уметници од Унгарија, 266 дела од 105 уметници од Чешка и 224 дела од 136 уметници од Полска. мч/лв/

фото: МСУ

Остани поврзан