• среда, 25 декември 2024

Москва домаќин на средби за Авганистан со учество на регионални сили

Москва домаќин на средби за Авганистан со учество на регионални сили

Москва, 4 октомври 2024 (МИА) - Регионалните сили се собираат денеска во Москва за шестиот круг на средби во рамки на Московскиот формат на консултации за Авганистан, јави германската новинска агенција ДПА.

На платформата ќе учествуваат претставници на Русија, Кина, Иран, Узбекистан, Пакистан, Индија, Казахстан, Таџикистан и Туркменистан за да разговараат за ситуацијата во Авганистан.

Фокусот на состанокот ќе биде промовирање на националниот процес на помирување во Авганистан и проширување на практичната соработка помеѓу регионалните држави и владата на талибанците во Кабул, според руското Министерство за надворешни работи. По затворените разговори, се очекува да биде издадена заедничка изјава.

Во средата, де факто министерот за надворешни работи на Авганистан, Амир Кан Мутаки, кој е поканет како „почесен гостин“, замина за Русија за да учествува на состанокот.

Заменикот-портпарол на владата на талибанците, Хамдула Фитрат, изрази надеж дека овие состаноци ќе придонесат за регионална безбедност и економска стабилност. Фитрат ја нагласи важноста на користењето на ваквите можности за поврзување на регионот и промовирање на хармонија меѓу земјите.

Московскиот формат за консултации за Авганистан е регионална платформа основана за решавање на предизвиците со кои се соочува Авганистан и за промовирање на регионална соработка.

Откако заврши окупацијата на Авганистан од страна на САД во 2021 година, регионалните сили активно соработуваат со владата на талибанците. Меѓутоа, ниту една земја досега официјално не ја призна владата на Талибанците. Талибанците се соочуваат со критики, особено од западните земји, поради строгите политики против авганистанските жени. ссм/

фото: архива

Остани поврзан