• недела, 24 ноември 2024

Монодрамата „Нижински" изведена на 18. МТФ „Скупи фестивал“

Монодрамата „Нижински

Скопје, 18 октомври 2024 (МИА) - Монодрамата „Нижински“ во изведба на актерот Филип Ристовски синоќа беше изведена на 18-то издание на Меѓународниот театарски фестивал „Скупи фестивал“ - Скопје. 

Како што информира МТФ „Скупи фестивал“, Ристовски е роден во Битола, а со децении живее и работи во Букурешт, Романија. Тој ги компресира, како што се наведува, највозвишените моменти напишани во дневникот на 200 страници од уметникот Вацлав Нижински, светски познат танчар и кореограф.

- Во оваа претстава Нижински е прикажан во моментите кога се наоѓал на границата меѓу нормалноста и лудилото. Чувствувајќи го неизбежното губење на допирот со реалноста, Нижински прави очајнички обид да ја пренесе својата порака до светот, пишувајќи бесно два месеци по ред во обид да го спаси себеси и своето создание од заборав. По неполни три месеци, тој бил затворен во психички азил од кој никогаш не излегол, а и каде починал 30 години подоцна, стои во соопштението.

Според програмата, денеска на „Скупи фестивал“ ќе има театарската работилница со режисерката Сенем Џехвер од Турција, а главна тема ќе биде интерпретација со маски.

В сабота, односно на последната вечер на „Скупи фестивал“ на сцената на Албански театар - Скопје ќе биде изведена „Елементарни честитки“ во режија и драматизација на Крис Шарков, а во продукција на Народен театар „Иван Вазов“ од Софија, Бугарија. Во претставата играат: Теодора Духовникова, Жаклин Даскалова, Димитар Николов, Мартин Димитров, Елена Иванова, Славена Зајкова, Дарина Радева. мд/дма/

Фото: „Скупи фестивал“ 

 

Остани поврзан