• вторник, 24 декември 2024

ММФ одобри заем од 800 милиони долари на Аргентина

ММФ одобри заем од 800 милиони долари на Аргентина

Њујорк, 14 јуни 2024 (МИА) - Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и го отвори патот на Аргентина да повлече 800 милиони долари за да помогне во економското закрепнување, објавувајќи дека програмата за кредити е „цврсто на вистинскиот пат“.

Аргентина има програма од 44 милијарди долари со ММФ, што вклучува економски цели поврзани со растот, инфлацијата и девизните резерви.

ММФ во соопштението наведе дека неговиот Извршен одбор го завршил осмиот преглед на тој аранжман.

„Завршувајќи ја ревизијата, Извршниот одбор оцени дека програмата е цврсто на вистинскиот пат, со сите квантитативни критериуми за успешност исполнети до крајот на март 2024 година“, објави ММФ.

Тие додаваат дека за одржување на тој напредок ќе биде потребно подобрување на квалитетот на фискалното прилагодување, преземање чекори кон подобрена рамка на монетарната и девизната политика и спроведување реформи за раст.

Аргентинската влада најави дека ќе започне разговори со ММФ за нова програма.

Одобрувањето на ММФ доаѓа откако аргентинскиот претседател Хавиер Милеи, кој ја презеде функцијата во декември, спроведе опсежни фискални реформи и остро ги ограничи владините трошоци за да се справи со троцифрената инфлација, намалената економија и негативните девизни резерви. Промените што ги воведе и помогнаа на Аргентина да ги врати исцрпените девизни резерви, да оствари фискален суфицит на почетокот на годината и да ја стабилизира својата валута, пезосот.

Месечната стапка на инфлација во Аргентина во мај беше најниска од 2022 година, покажаа официјалните податоци во четвртокот, намалувајќи се петти месец по ред на 4,2 отсто благодарение на мерките за штедење.

Сепак, тамошната влада се соочува со предизвици, бидејќи економијата е во застој, а нивото на сиромаштија расте.

Во средата избувнаа протести во главниот град поради понатамошни реформи кои предвидуваат буџетски кратења. Пакетот реформи предложени од Милеи за заживување на економијата во земјата вклучува прогласување вонредна состојба, намалување на пензиите и намалување на работничките права. паг/

Фото: МИА архива
 
 
 

 

 

Остани поврзан