• четврток, 26 декември 2024

Млади уметници од Франција, Германија и Северна Македонија ќе сликаат мурал со мировна порака

Млади уметници од Франција, Германија и Северна Македонија ќе сликаат мурал со мировна порака

Скопје, 4 мај 2023 (МИА) - Дваесет и еден млади уметници од Франција, Германија и од Северна Македонија се дел од проектот на Францускиот институт во Скопје, Гете институтот и здружението „Лоја“ од Тетово насловен „Оставете нè во мир!“, кој има за цел зајакнување на мултикултурниот дијалог помеѓу младите од трите земји, поттикнување на креативноста и слободното изразување кај младите, повик на мир и помирување преку уметноста.

Проектот се оствраува од 1 до 7 мај со поддршка на Француско-германската канцеларија за млади и Француско-германскиот културен фонд, во рамките на програмата „Наша Европа, наша иднина“ и во чест на 60-та годишнина од потпишувањето на Елисејскиот договор.

Младите, по седум од секоја од трите земји, под менторство на тројца реномирани уметници - Французинката Ема Попи, Германецот Дамјан Ив Род и Украинката Марина Сорокина - Сомари, изминатите два дена поминаа обука за сликање мурал. Обуката се одржа на 2 и 3 мај во гимназијата „Георги Димитров“ во Скопје, во присуство на средношколци од гимназијата.

Младите креативци денеска и утре ќе работат на муралот во Градскиот парк во Скопје (веднаш до ноќниот клуб „Pure", наспроти главниот влез на поранешниот Луна парк).

-Тие заедно ќе го осмислат муралот со пораки за мир во Украина и во светот, а пораката за мир треба да одекне широко до сите граѓани, до љубителите на уметноста и до младите, наведуваат организаторите.

Воедно, денеска, во 16:00 часот, во Europe House, ќе биде организирана и дебата на идеи „Европа е нашата иднина“, на која ќе земат учество млади уметници и домашни експерти, а ќе разговараат за актуелните предизвици пред кои се наоѓа Европската Унија, како и за иднината на Балканот. Дебатата се одржува во знакот на 60 години од Елисејскиот договор.

Уште еден помал мурал ќе биде изведен во општина Тетово со цел, како што се наведува, потсетување дека европската интеграција е единствената иднина за младите.

Муралот треба да биде завршен утре, а ќе биде одбележан со изјави на носителите на проектот директорите на Францускиот институт во Скопје и Гете институтот.

По завршувањето на проектот, ќе има видео запис којшто ќе биде споделен на социјалните мрежи. Ќе биде реализирана и изложба на фотографии на голем формат, која ќе биде прикажана во повеќе градови во Северна Македонија, а ќе го носи насловот „Младите за мир“. вг/са/

Фото: фб Француски институт - Скопје

 

Остани поврзан