• недела, 24 ноември 2024

Млади од Европа, од културниот и креативниот сектор, ќе креираат нови искуства за културното наследство

Млади од Европа, од културниот и креативниот сектор, ќе креираат нови искуства за културното наследство
Скопје, 28 јули 2022 (МИА) - Од август до октомври ќе се организираат три теренски школи на археолошките локалитети „Стоби“ (Северна Македонија), „Емона“ (Словенија) и „Виминациум“ (Србија). За учество, можат да аплицираат сите студенти и заинтересирани млади луѓе на возраст меѓу 18 и 35 години кои ги интересира историја, уметност, културно наследство, дизајн, анимација, креативно пишување и компјутерски технологии, соопшти Центарот за социјални иновации БЛИНК 42 - 21. Во рамки на овие теренски школи, учесниците ќе имаат можност подетално да се запознаат со имерзивните технологии и како истите можат да се искористат за промоција и заштита на богатото културно наследство. Тие ќе бидат и меѓу првите корисници на мобилната апликација Immersium, која наменски се создава за овие три археолошки локалитети. На овој начин, ќе видат како се одвивал животот на локалитетите во Римскиот период, користејќи аугментирана реалност (AR), виртуелна реалност (VR) гемификација и сл. Од Центарот за социјални иновации БЛИНК 42 - 21 информираат дека тоа е уникатна можност за младите луѓе од културниот и креативниот сектор, да се поврзат и да креираат нови искуства и алатки, користејќи ги имерзивните технологии, со цел културното наследство да добие нова вредност. Младите ќе бидат дел и од хакатон, како и од повеќе работилници и теренски посети на локалитетите. Од 29 август до 4 септември се организира студиска посета на локалитетот „Стоби“ во Северна Македонија, од 20 до 27 септември студиска посета на локалитетот „Емона“ во Словенија, а од 27 септември до 4 октомври студиска посета на локалитетот „Виминациум“ во Србија. Заинтересирани лица на возраст од 18 до 35 години можат да аплицираат на линкот: https://bit.ly/3PDQ9NS, а учесниците од државава имаат можност најдоцна до 12 август да се пријават за посета на „Емона“ во Словенија и „Виминациум“ во Србија. Програмата „Heritage Field Schools“ се организира во рамки на проектот „Соработка за имерзивно раскажување за десиминација и промоција на културното наследство на Западен Балкан”, поддржан од Европската унија преку програмата „Креативна Европа“. Центарот за социјални иновации БЛИНК 42-21 како водечка организација, во соработка со Balkan Heritage Foundation ги организира овие теренски школи, кои ќе овозможат дополнителна промоција на културното наследство на Западен Балкан. Основната цел на овој проект е да понуди нови содржини во рамки на археолошките локалитети. Преку VR и AR технологија, како и преку гемификација, да се креираат нови алатки и начини на доживување на културното наследство, кое ќе стане поинтересно и за новите генерации, посочуваат од Центарот за социјални иновации БЛИНК 42-21. рп/са/

Остани поврзан