• недела, 24 ноември 2024

Мијатовиќ: Бугарија да го спречи присилното иселување, да се справи со стигматизацијата и маргинализацијата на Ромите

Мијатовиќ: Бугарија да го спречи присилното иселување, да се справи со стигматизацијата и маргинализацијата на Ромите
Стразбур, 3 ноември 2020 (МИА) - Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ го објави денеска својот поднесок до Комитетот на министри во контекст на надзорот за извршувањето на пресудата од 24 април 2012 година од страна на Европскиот суд за човекови права во случајот Јорданова и други против Бугарија. Притоа Мијатовиќ бара од бугарските власти да спречат присилно иселување, да се справат со стигматизацијата и маргинализацијата на Ромите и да го подобрат нивниот пристап до соодветно домување, вклучувајќи ги и социјалните станови, јави дописникот на МИА. Случајот се однесува на планираното иселување на Ромите од неформална населба во Софија, спротивно на членот 8 (право на приватен и семеен живот) од Европската конвенција за човекови права. Комесарот ги заснова своите забелешки врз нејзиниот извештај за Бугарија објавен во март 2020 година и нејзината тековна работа за унапредување на почитувањето на човековите права на Ромите низ земјите-членки на Советот на Европа. Комесарот нагласува дека покрај сериозно нарушување на правото на соодветно домување, присилното иселување, всушност, може да доведе до кршење на широк спектар на човекови права, што значи дека е од суштинско значење да се спречат истите. Таа посочува дека државите имаат обврска да го ограничат ризикот од кршење на човековите права во врска со иселувањето и да обезбедат почитување на принципите на пропорционалност и недискриминација во кој било процес на иселување. Таа исто така смета дека проблемот со иселувањето на Ромите во Бугарија може ефективно да се реши само во контекст на поширок напор за справување со широко распространетата предрасуда и институционален расизам против Ромите и преку структурни промени во областа на правата на домување. Во врска со ова, таа ја повторува својата загриженост за бројните пречки за пристапот на Ромите до социјалните станови, вклучително и јавното противење на локално ниво, што доведе некои општини да откажат градежни проекти. - За да запре овој неприфатлив круг на иселувања, властите треба да се оддалечат од казнените пристапи и да започнат да ја решаваат состојбата со домувањето на Ромите врз основа на релевантните меѓународни стандарди за човекови права, заклучува Мијатовиќ, нагласувајќи ги чекорите кои смета дека треба да бидат преземени од Софија за да се спречи присилното иселување во светло на овие стандарди. тг/

Остани поврзан