• петок, 27 декември 2024

Мијалков во центарот на вниманието на судските настани

Мијалков во центарот на вниманието на судските настани
Скопје, 2 јануари 2022 - По неколку години судски рочишта минатата година завршница добија главните предмети иницирани од поранешното Специјално јавно обвинителство за масовното незаконско прислушување. Главен протагонист во овие предмети беше поранешниот директор на некогашната Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, кој како првообвинет во случајот „Тврдина-Таргет", за масовното незаконско прислушување 2008 - 2015, беше прогласен за виновен и осуден на 12 години затвор. На почетокот на 2021 година, исто така во Кривичниот суд Скопје, се донесе пресуда и за случајот  „Трезор“, во кој Мијалков беше прогласен за виновен за „злоупотреба на службената положба и овластување“ и осуден на казна затвор во траење од 8 години. Пресудите за овие предмети се неправосилни и се наоѓат во жалбена постапка пред Апелациониот суд Скопје. Освен за овие предмети против Мијалков, изминатите години се одвиваше судска постапка и за случајот „Тортура“, каде што, според обвинението, ексдиректорот на УБК навел неколку припадници на единицата „Алфа“, во вршењето на службата, при лишување од слобода осомничено лице - оштетениот Љубе Бошковски, кај него да предизвикаат душевно страдање. Меѓутоа, во јули минатата година судијката Александра Ристеска, која го водеше случајот „Тортура“, изрече ослободителна пресуда за ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, поранешниот командант на полициската единица „Алфа“, Ивица Анчевски-Пуки, и петтемина „алфи“: Новица Станковски, Петар Милошевски, Филип Атанасов, Јован Боцевски и Метуш Шабани. Судијката при изрекувањето на пресудата наведе дека обвинителот Љубомир Лапе не докажал надвор од основано сомнение дека тие се виновни за делот мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување. Случајот се однесуваше на начинот на кој беше уапсен лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, на 6 јуни 2011 година, ден по тогашните парламентарни избори. Но, неколку дена пред изрекувањето на пресудата за масовно прислушување граѓани без судски наредби и законски процедури обвинетиот Мијалков лани направи голема збрка кога не беше достапен за органите на прогонот повеќе од 48 часа. Овој настан се случи кон крајот на февруари, неколку дена пред изрекувањето на пресудата за предметот „Тврдина-Таргет“. За на крајот, откога судот даде согласнот да се распише меѓународна потерница против Мијалков, тој самиот да се појави во Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и да го подигне решението за куќен притвор, кое претходно го издаде Кривичен суд. Во изјава за новинар за тоа каде бил изминатите денови Мијалков, на 23 февруари рече дека имал висока температура, околу 40 степени, и дека бил изолиран. Друг случај што лани ги карактеризираше судските случувања беше и притворот на бизнисменот Јордан Камчев, осомничен во случајот „Плацови на Водно“ (во судска постапка). Тој по претходната најава на тајната полиција беше приведен на 14 март и потоа со решение на судија на претходна постапка однесен во притвор. Одбраната на осомничениот Камчев тврдеше дека овие сомневања се неосновани од причина што на нивниот клиент претходно му биле одземени патните исправи и како гаранција дека нема да се даде во бегство имал дадено имот. Имињата на Мијалков и на Камчев беа актуелни и во последните денови од 2021. Особено во рочиштата за предметот „Плацови на Водно“ и неодамнешната одлука на скопска апелација, која го прекина притворот на обвинетиот Сашо Мијалков, со образложение дека ја прифаќа гаранцијата од 11 милиони евра дадена за случајот „Трезор“. Меѓутоа, по притисок од јавноста Обвинителството побара на Мијалков да му се изрече мерка притвор за случајот „Плацови на Водно“, која во ист ден беше усвоена од Кривичниот суд Скопје. Вака се одвива работи се до 29 декември кога скопска апелација конечно пресуди дека на Мијалков му се укинува мерката притвор и за случајот „Плацови на Водно". оџ/ац/

Остани поврзан