• недела, 01 септември 2024

Мицкоски: 10 милиони евра годишно ќе добива Општина Кисела Вода за реализација на проекти

Мицкоски: 10 милиони евра годишно ќе добива Општина Кисела Вода за реализација на проекти

Скопје, 5 октомври 2023 (МИА) - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска при посетата на општина Кисела Вода најави дека кога ќе дојдат на власт секоја година ќе се одвојуваат до 10 милиони евра за реализација на проекти во оваа општина или за еден четиригодишен мандат до 40 милиони евра. 

 - За неколку месеци од денеска ќе имаме Влада којашто ќе е предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ќе има многу средства, надвор од буџетот на општината, за реализација на проекти, што се однесуваат, пред се, на инфраструктурата, канализацијата, водоводот, училиштата, градинките и друг тип на капитални инвестиции кои им се потребни за граѓаните, истакна Мицкоски во изјава за медиумите дадена кај населеното место Подстаница во Драчево.

Настанот, на кој покрај Мицкоски присуствуваше и градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, беше по повод пуштањето во употреба на реконструираната улица „Сердарот“, а беше промовиран и нов мал плоштад, новоизграден паркинг простор, нов терен за фудбал со вештачка трева и ново игралиште за кошарка.

Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека во населеното место Подстаница изминатиот период направени се сериозни инвестиции.

 - Согласно она на што се имаме обврзано пред две години во кампањата дека нема да оставиме населено место без асфалтирана улица, пристапивме кон реконструкции онаму каде што имаше потреба што значи дека патната инфраструктура како што споменав е целосно решена, нагласи Ѓорѓиевски.

Изградено е и фудбалско игралиште обложено со вештачка трева со што овозможени се сите услови за спортување.

Покрај инвестициите во Подстаница, Ѓорѓиевски соопшти дека работат и на два сериозни проекта во Драчево поврзани со водоснабдувањето, кои се во завршна фаза. 

- Работиме и во Припор. Утре го отвараме спортскиот комплекс „Пржино“, голема, сериозна инвестиција. Пред два дена го отворивме спортскиот центар во „Круме Кепевски“ во Кисела Вода. Исто и во „Партенија Зографски“ отворивме нови спортски терени така што со силно темпо ќе продолжиме и наредниот период како и досега со реализација практично на сето она што сме се обврзале да го реализираме, истакна тој. сан/бак/

 

Фото: ВМРО - ДПМНЕ / Општина Кисела Вода

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан