• сабота, 23 ноември 2024

Мицкоски: Ќе бидеме дел од одбележувањето на 75 години од НАТО, ќе имаме средби со државници, со бизнисмени и со дијаспората, а ќе најавиме и нова инвестиција

Мицкоски: Ќе бидеме дел од одбележувањето на 75 години од НАТО, ќе имаме средби со државници, со бизнисмени и со дијаспората, а ќе најавиме и нова инвестиција

Скопје, 7 јули 2024 (МИА) - Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска од Вашингтон во видео порака најавува дека следните денови тој и делегацијата што ја предводи ќе бидат дел од одбележувањето на 75 години од основањето на НАТО, дека ќе бидат остварени повеќе средби со државници, но и со бизнисмени, како и со нашинци од дијаспората. Мицкоски најави дека ќе биде најавена и нова инвестиција. 

- Следниве неколку дена во Вашингтон и во Њујорк ќе престојува владина делегација која што ќе ја предводам јас, а во нејзин составен дел се и министрите за надворешни работи, внатрешни работи и одбрана. Ќе бидеме дел од настанот кој што ќе прославува 75 години од постоењето на НАТО алијансата. Она кое што сакам исто така да го потенцирам се големиот број билатерални средби кои што ќе ги имам заедно со државници на земји кои што се членки на НАТО алијансата, во деновите кои што следат, но исто така во деновите кои следат ќе имам средби со бизнис заедницата овде во САД, каде што ќе ги презентирам потенцијалите кои што ги нуди Македонија за инвестирање, рече Мицкоски во видео пораката.

Премиерот потенцира дека ќе најави уште една нова странска инвестиција на компанија која што е дел од листата на најголемите петстотини компании во САД, нови десетици милиони евра инвестиција и нови работни места за македонските граѓани.

Тоа е она кое што преставува основен приоритет на новата влада во Македонија. Би сакал исто така да напоменам дека последните денови во Њујорк ќе ги искористам за средба со македонската дијаспора, македонските иселеници. Би сакал од нив да слушнам што е она што тие го очекуваат од новата влада и нормално, што е она што новата влада ќе го понуди за да можат нашите исселеници да се вратат дома, во нивната татковина, таму да инвестираат и практично да ги избегнат сите оние пречки кои што беа изминатиот период со кои тие се соочуваа при своето доаѓање назад во својата татковина, рече Мицкоски.

Претседателот на Владата охрабрува дека доаѓаат, како што вели, нови убави моменти за македонските граѓани, како и дека тие на најдостоинствен начин, како што прилега, ќе ги претставуваат интересите на граѓаните и државата овде во Вашингтон, а потоа и во Њујорк.

Мицкоски ја предводи македонската делегација во чиј состав се министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски како и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на Самитот на НАТО, а ќе оствари бројни билатерални средби со високи американски и меѓународни лидери. Посетата на Мицкоски, како што информираа од владината прес-служба, има за цел да ги зајакне билатералните односи со САД, да ја афирмира Македонија како стабилен партнер и да ги промовира економските можности на нашата земја пред американските инвеститори. ев/

ФОТО: Принтскрин

Остани поврзан