• четврток, 26 декември 2024

Мицкоски очекува до крајот на годината да бидат потпишани договорите за изведба на интерконекторот со Грција

Мицкоски очекува до крајот на годината да бидат потпишани договорите за изведба на интерконекторот со Грција

Скопје, 19 ноември 2024 (МИА) – Премиерот Христијан Мицкоски очекува дека до крајот на годината ќе бидат потпишани договорите за изведба на интерконекторот со Грција и дека напролет ќе почне работата на терен.

Овој проект, според него, е многу важен за државата затоа што ќе имаме алтернативен извор на природен гас, посочувајќи дека веќе е потпишан и договор азербејџански „Сокар“ по цена и услови што се многу прифатливи.

Првиот тендер за изградба беше неуспешен по што беше распишан нов на кој се очекува да се пријават компании кои би имале интерес за изградба.

Интерконекторот е во должина од 123 километри, а од македонска страна треба да бидат изградени 67 километри од Гевгелија до Неготино.

Во моментот, единственото гасно поврзување на државата е преку Бугарија.

Следен приоритет, како што вели Мицкоски во интервјуто за косовската државна телевизија, ќе биде изградба на интерконектор и со Косово.

- Може да оствариме исклучително квалитетна комуникација на овој план односно гасот којшто дел ќе завршува кај нас, дел ќе завршува и во Косово имајќи предвид дека употребата на гас тука е многу помала претпоставувам поради големите количини на јаглен. Од 1.1 2026 година поради Планот за раст ќе мора сите компании кои извезуваат во Европската унија да користат електрична енергија којашто е произведена од т.н. зелена енергија. Од тие причини треба да го имате природниот гас како дел од своето производно портфолио, нешто за што ние сме подготвени да соработуваме истовремено и со размена на електрична енергија и тоа во период кога кај нас недостасува, а тука има повеќе и обратно, кога кај нас има повеќе, а во Косово недостасува, вели Мицкоски во интервјуто. фф/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан