• среда, 25 декември 2024

Мицкоски: Илинден е историска вистина и нашиот најсилен повик за акција и единство денес

Мицкоски: Илинден е историска вистина и нашиот најсилен повик за акција и единство денес

Скопје, 2 август 2024 (МИА) - Илинден не е само историска приказна или историски сон, туку пред се историска вистина. Илинден е нашиот најсилен повик за акција и единство денес. Илинден е повик за сите нас – да продолжиме да се бориме за нашите права, за нашата култура, за нашата слобода, порачува премиерот Христијан Мицкоски во објава на својот Фејсбук профил.

Тој нагласува дека Македонија денес го одбележува Денот на Републиката, празник со кој се прославуваат двата големи историски и државотворни настани, Илинденското востание и Првото заседание на АСНОМ.

-Забележете ги внимателно зборовите од Крушевскиот манифест кој освен тоа што ја слави слободарската идеја, неговата најголема порака е повикот за единство. Врз тоа единство се градеше Крушевската република, и во име на тоа единство сите го кренаа бајракот на слободата. Вистинското прашање и дилема денес е дали тоа единство постои во состојба кога борбата мора да трае, за да имаме победа. Борбата трае – потсетувајќи не дека борбата за слобода, правда и за подобра иднина бара истрајност, храброст и единство. Од нив треба да научиме како се добиваат големите победи, бидејќи битка може да изгубите, но важно е да победите во својата конечна цел, посочува Мицкоски.

Истрајност, внимателност и пред се добар план да се дојде до вистинската цел, како што вели, е стратегијата што треба и ние да ја користиме, да бидеме гласни во нашите ставови, да имаме план и да бидеме истрајни.

-Борбата не е завршена! Борбата продолжува! Борбата ја водиме со секој наш изговорен збор, во секоја наша направена акција, со секоја наша мечта за подобра иднина. Борбата за иднина, борбата за Македонија во рацете на народот е нашата обврска. Ова е борбата на нашата генерација со која оставаме трага низ времето, цврсто верувајќи во нејзината исправност и големина. Нека е честит и вековит Илинден, нагласува Мицкоски во својата објава на Фејсбук.вј/нд/

Фото: МИА архива и Фејсбук Мицкоски

Остани поврзан