• вторник, 12 ноември 2024

Мицкоски за случајот Пендиков: Софија го исполитизира случајот за поен плус во предизборната кампања

Мицкоски за случајот Пендиков: Софија го исполитизира случајот за поен плус во предизборната кампања

Скопје, 8 февруари 2023 (МИА) – Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска на новинарско прашање да даде коментар за секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, Христијан Пендиков, кој по претепувањето во Охрид со бугарски владин авион беше пренесен на лекување во болница во Софија, и најавата дека ќе добие бугарско државјанство, рече дека Софија го исполитизирала случајот за да добие поен плус во предизборната кампања.

-Состојбата со тоа што денеска овој човек стана ВИП личност во Софија, дава одговор дека целата оваа ситуација е политизирана. Но јас кога би бил бугарски државјанин и кога ќе го видам Пендиков дека е ВИП личност, односно ужива поголеми права од мене, би се засрамил од раководството на мојата држава. А тоа за жал се уште е техничко раководство таму, но и би се засрамил и од политичарите на мојата држава, кои даваат поддршка на тој човек што воопшто не го познаваат. А доколку се потруделе нешто повеќе да дознаат за тој човек, ќе дознале дека тој заслужува се, само не ВИП третман и ќе дошле до заклучокот дека станува збор за човек кој не ужива никаков углед во средината во којашто е растен. И ако малку повеќе се распрашале, ќе ја дознаеле вистинската причина зошто се случил тој инцидент, рече Мицкоски.

Тој изрази жалење што политичарите во Софија решиле да да го исполитизираат овој случај, мислејќи дека тоа ќе им донесе некој поен плус во изборната кампања.

-Но мислам дека ќе добијат контраефект, на голем број потенцијални гласачи ќе им се згади ова однесување на официјална Софија. Бидејќи тој човек, заслужува се, само не ВИП третман. Јас познавам многу мои колеги од универзитетот, од бизнисот во соседна Бугарија, кои имаат многу поголеми предизпозиции отколку од овој човек, да бидат ВИП третирани. Но за жал, како што гледате, тие се игнорирани од бугарските политичари, затоа што тие одлучиле да прават политика, наспроти изборите и изборната кампања што ќе се случи на почетокот на април, рече Мицкоски.

Вчера на оваа тема премиерот Димитар Ковачевски кажа дека бугарските власти можат да издадат државјанство или да подарат стан на кого било, и оти ние не можеме да се мешаме во нивните одлуки и активности што ги преземаат, исто како што никој, рече, не може да се меша кај нас доколку ние решиме да го направиме тоа со некој граѓанин.

Освен бугарско државјанство, бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков вчера најави дека на Пендиков ќе му обезбеди и стан во кој ќе биде привремено сместен додека е во Бугарија, а можно е да добие и свое лично обезбедување зашто, како што рече тој, Пендиков стравувал за својот живот доколку се врати во Северна Македонија. нд/аа/

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан