• петок, 25 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Мисајловски и Лафчиски на симулациска вежба на Командата на СЕЕБРИГ во Велес и на теренски вежби на Криволак

Мисајловски и Лафчиски на симулациска вежба на Командата на СЕЕБРИГ во Велес и на теренски вежби на Криволак

Скопје, 10 април 2025 (МИА) – Министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генерал штабот на Армијата, генерал Сашко Лафчиски денеска присуствуваат на вежбата „Seven Stars 25“ која се реализира во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес каде е сместена и Командата на Бригадата на Југоисточна Европа - СЕЕБРИГ, додека теренските вежби се одржуваат на Армискиот полигон Криволак.

-Денеска можевме да видиме како заеднички се справуваат со сите ризици, но и симулација како се справуваат. Вежбата продолжува на Криволак, каде ќе видиме и теренски активности. Преку 200 луѓе директно учествуваат во оваа вежба, и може да видиме како заеднички се справуваат со сите несакани појави, но и потоа како да се воспостави мир што е многу важно, изјави Мисајловски по симулациската вежба.

На овој начин, додаде, се подобруваат и способностите на нашата армија, но секако и правиме интероперабилност со останатите армии.

Прецизира дека на вежбата покрај нашите, учествуваат и војници од Албанија, Бугарија, Грција, Романија и Турција. 

Началникот на Генералштабот, генерал Лафчиски ја оцени симулациската вежба како успешна и додаде дека интероперабилноста меѓу сите учесници била на завидно ниво.

-Беше постигнато се она што беше врзано со самото сценарио да се покаже интероперабилност и во исто време да се покаже координацијата и начинот на командувањето и контролата од Штабот на бригадата со единици. Се надеваме дека и за време на теренската вежба сите цели ќе бидат исполнети со цел да имаме убав завршеток на вежбата, рече Лафчиски.

Нагласи дека согласно сценариото во најголемиот сегмент на теренската вежба ќе учествуваат единици од земјата домаќин, односно од македонската армија, поконкретно вториот баталјон.

-Ќе решаваат задачи согласно сценариото - патролирање, неколку конторлни точки, реакција на контакт. Воглавно тоа се неколку настани во кои ќе има одредени инциденти, коишто припадниците на Армијата, кои се дел од оваа вежба, ќе треба да ги решат, појасни Лафчиски.

На теренската вежба, додаде, 90 проценти се учесници од вториот баталјон, значи од македонската армија, а командата и контролата ќе ја има мултинационалниот штаб на СЕЕБРИГ. вј/ев/

Фото: 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан