• понеделник, 18 ноември 2024

„Мировно образование", приоритет на „Меѓаши" што успешно се спроведува

„Мировно образование
Скопје, 2 јули 2022 (МИА) -  Повеќе од 60 наставници и наставнички од средни училишта од Дебар, Виница, Гостивар, Македонски Брод, Велес и Скопје, како и претставници од Министерството за образование и наука, учествуваа на тридневната Втора мировна средба, што во организација на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши" се одржа во Берово. На оваа Мировна средба, која е надоврзување на темите кои се обработуват во континуитет во рамки на Програмата за мировно образование, се говорело за повеќе прашања кои не засегаат како општество. Акцент е ставен на: ,,Мировното образование и родовата правдa", ,,Мировната иднина", ,,Антициганизмот како бариера за вклучување на децата Роми во образованието", ,,Грижата за себе", ,,Форум театар". Креативноста и новите иницијативи, како што стои во соопштението од „Меѓаши", беа одлика и на разговорите кои се водеа со претставниците од МОН и со заменик министерот за образование и наука Лулзим Алиу. Заменик министерот Алиу остварил повеќе средби со професорите и посочил дека воспитанието и образованието се важни предуслови за градење здрави личности, кои решението на проблемите го наоѓаат по мирен пат, нагласувајќи ја токму нивната улога, покрај семејствата, во трасирањето и издигнувањето на учениците, кои во иднина секој конфликт треба да го решат со вербална, а не со физичка комуникација. Но, и дека за секој проблем, има и решение, ако истото го бараме по мирен пат - Да се превенира, да се преземе акција уште на самиот почеток, пред да се соочиме со немили сцени во училиштата, нагласи во своето обраќање заменик министерот за образование и наука. Работните групи на Мировната средба, во кои дискутирале професорите и разменувале лични искуства и примери. Во таа насока, Енвер Ајдини професор во средното економско ,,Арсени Јовков" од Скопје, смета дека преку мировното образование придонесуваат за самиот систем на образование во нашата држава, и особено да се смират политичките страсти кај учениците, кои ги прифаќаат внатре во своите семејства или преку медиумите. - Се грижиме за учениците, преку мировно образование се бориме против секакво насилство, во самиот процес и тоа е главниот мотив што сум дел од Мировното образование, а и понатаму ќе бидам. Имаме тим од шестмина наставници од нашето училиште и тим од дваесет ученици кои секогаш се со нас на нашите работилници, накусо не запозна со нивната Мировна приказна, вели Ајдини. На средбата професорот Џевит Мифтаровски од гимназијата во Дебар го истакна нивното значење. -За МЕЃАШИ јас дознав како дете а кога се вработив имав привилегија на ваков начин да станам дел од нив. На почетокот, во 2012 година, не знаев што ќе биде но нивниот интересен пристап ве привлече за нешто што е ново како правец. Првата средба беше во Кичево, меѓутоа темите кои се обработуваа беа навистина примамливи и сето тоа ми даде самодоверба да влезам таму. На поимот ,,мировно образование" поинаку гледам денес за разлика од тогаш. Дури и денес, на сопругата, која исто е професорка, кога ќе и споменам мировно образование, таа помислува дека е тоа нешто поврзано со војна. Но, мировното образование е многу повеќе од тоа. Ако тргнеме од тоа какви се теми сме слушале и обработувале овде, а потоа и успешно сме ги пренесувале на учениците, тоа им треба повеќе на возрасните особено во нашата држава. Мировно образование, би било долга дефиниција. Јас лично го сфаќам како превенирање за проблемите кои ги имаме и за проблемите кои не би сакале да ни се случат понатаму, вели Мифтаровски. Според професорот кога би постоело ова Мировно образование во 2001 година, многу полесно би поминала нашата држава, и особено во делот со конфликтите меѓу учениците. - Јас работам во средно училиште каде заедно учат Македонци, Албанци, Роми, Турци и на албански и на македонски јазик. Бидејќи предавам македонски јазик и литература, на часовите по книжевност преку обработка на некое дело се обидувам да го нафрлам проблемот. Еве да земеме македонска литература меѓу двете светски војни, битови и социјални проблеми, тие социјални проблеми јас ги нафрлам за да тие меѓу себе децата да почнат да зборуваат, "зошто ова вака, дали можеше поинаку да се реши, зошто овој човек вака реагира, зошто ќерката не ја дава заради тоа што е сиромав?" и таканатаму. Применувам техники што ги омекнуваат учениците, се обидуваат да влезат во туѓа кожа, за да можат да размислуваат и да го сфатат и другиот... Професорката Ирена Фејско, од истото училиште смета дека децата се како сликички од еден мозаик, кој треба соодветно да се состави, за се да биде во ред, а тоа од нас зависи. Професорката Валентина Штерјовска од Гостивар вели дека таа лично како личност најмногу се изградила со „Меѓаши" и со Мировното образование. -Нивната цел е да се вклучат во програмата мотивирани наставници. На почеток почнавме како млада група ентузијасти, имавме пред нас многу голем визија што сакаме да направиме, ама искрено кога ќе видам денес каде сме, не баш верував дека ова движење буквално ќе стане толку големо. Првите обуки беа со помал број наставници, и во поизолирани места каде буквално ќе се затворевме и работи, работи, сонувај сонувај, што и како ќе биде и така започна една приказна која со денес буквално е дел од мене во моето срце во мојата личност, раскажува таа. Валентина вели дека ова го смета за најголема вредност во образовниот систем во однос на таа некоја воспитна компонента која недостасува а треба некако да се воспитуваат децата но за тоа сепак наставникот треба да има насока, да биде обучен, за што најмногу придонесуваат овие професионални, специјализирани и ретки обуки на МЕЃАШИ. На Мировната средба во Берово проблемот со мобингот, партизираноста и партиските привилегии, социјалното исклучување, злоупотребата на службената положба и насилството што се врши во училиштата, професорките и професорите го прикажале преку Форум театарската претстава „ОБРАЗОВАНИЕТО Е (ПРИ)СИЛА – ОБРАЗОВАНИЕТО Е (НЕ)МОЌ“, на сцена пред сите учесници и учеснички на Мировната средба но и пред градоначалникот на општина Берово, како и други претставници од институции од Берово и Пехчево. цр/хс/    

Остани поврзан