• среда, 25 декември 2024

Мирен протест во Атина во рамките на генералниот штрајк

Мирен протест во Атина во рамките на генералниот штрајк

Атина, 17 април 2024 (МИА) – „Не бркаат на улица, излегуваме на улица“; „Нивниот профит или нашите животи“,  „Достоинствен живот за сите“, беа дел од слоганите  на денешниот мирен протест во центарот на Атина во рамките на генералниот штрајк на Синдикатот на вработените во приватниот сектор во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

На протестот учествуваа низа федерации и здруженија кои побараа зголемување на платите, но и враќање на колективните договори.

Дел од демонстрантите за МИА велат дека повеќе не можат да ја издржат актуелната ситуација, со драстичните поскапувања на цените на основните продукти, но и со месечните примања, кои не им се доволни.

-Денеска сите ние вработените сме тука за да го кренеме нашиот глас за подобра иднина, за да можат нашите деца да живеат подобро, но и се бориме против инфлацијата, невработеноста и сите проблеми со кои се соочуваме, вели еден од демонстрантите.  

Синдикатот на вработените во приватниот сектор во Грција, еден од двата најголеми синдикати во земјата, утрово започна со генерален 24-часовен штрајк.

Бродовите денеска се закотвени на пристаништата, намален ќе биде бројот на возови што ќе сообраќаат, а проблеми има и во јавниот превоз во Атина.

Грчката метропола е без метро и трамвај, автобусите и тролејбусите  работат од 9 до 21 часот, а до 15 часот штрајкуваат и таксистите, кои со возилата учествуваа во протестот.

Иако во штрајкот не учествува другиот голем синдикат, оној на вработените во јавниот сектор, сепак одредени федерации донесоа одлука денеска да штрајкуваат.

Меѓу нив се Асоцијацијата на лекари во државните болници во Атина, Федерацијата на просветни работници, Федерацијата на сметководители, Федерацијата на организациите на банкарските службеници.

Новинарите во Грција, како што е пракса во изминатите години при генерални штрајкови, учествуваат, но ден претходно, па така вчера одржаа 24-часовен штрајк, поддржувајќи ги барањата на синдикатот. ср/сд/

Фото: МИА

 

Остани поврзан