• среда, 25 декември 2024

Министерството за одбрана на прво место во регионот според Индексот на отвореност

Министерството за одбрана на прво место во регионот според Индексот на отвореност

Скопје, 7 декември 2023 (МИА) - Министерството за одбрана е прворангирана институција во Северна Македонија и во регионот според најновиот извештај согласно Индексот на отвореност на Фондацијата Метаморфозис. Северна Македонија, пак, е лидер во однос на отвореноста во споредба со Црна Гора, Босна и Херцеговина и Србија, соопштија денеска од Министерството за одбрана.

Со 89,72 процентна исполнетост на критериумите во четирите столба- пристапност, ефикасност, интегритет и транспарентност, како што е наведено во соопштението, Министерството за одбрана е на прво место, Владата на Република Северна Македонија со 79,14 проценти е второрангирана, додека Министерството за внатрешни работи со 78,9 проценти е на третата позиција.

Во однос на четирите столба на кои се основа овој композитен индекс, одбраната предничи во делот на транспарентноста, како и во доменот на интегритетот, каде се исполнети 100 проценти од критериумите.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска, која се обратила по презентирањето на Индексот на отвореност за оваа година, порачала дека е горда на достигнатиот успех, за кој кажала дека е важна законската регулатива, но и волјата за нејзино спроведување која е евидентна во Министерството за одбрана.

-Фактот што сме први во ова истражување ме прави горда, меѓутоа тоа е резултат на добар тим, кој е посветен на оваа проблематика чиј приоритет број еден му е транспарентноста на Министерството. Многу е важно да постои законска регулатива која што треба да ја следиме  и клучниот услов за таа законска регулатива да биде имплементирана е да се има волја која во Министерството за одбрана постои, нагласила Петровска.

Министерката истакнала дека отвореноста на одбраната е воспоставена со правни акти, со правилници, Комуникациска стратегија, но и со посветен тим кој соработува и со граѓанските организации.

-Вратите на сите институции треба да бидат отворени за соработка со граѓанските организации затоа што многу често тие даваат решенија кои можеби институциите и администрацијата во тој момент не можат да ги препознаат. Благодарна сум им на граѓанските организации што секогаш будно ја следат работата на институциите, нагласила министерката.

Транспарентноста е и најдобриот одговор на дезинформациите и лажните вести, порачала Петровска, и додала дека Министерството е подготвено да ги пренесе своите искуства за да се изгради општествена отпорност на овие штетни појави.

-Институциите мора да бидат транспарентни зашто во светот, во регионот и во Северна Македонија постои еден прикриен натпревар за тоа како да се пласираат невистини, како да се изместат институциите, па и општеството од секојдневните активности. Остануваме отворени и се нудиме за помош и поддршка на останатите институции, посочила министерката.

Петровска информирала дека во рамки на Министерството подолго време функционира Регионалниот центар за односи со јавноста кој има за задача да се бори со дезинформациите и да помага во транспарентноста и отвореноста. Изминатиот период во овој Центар биле спроведени обуки за градење на општествена отпорност на кои се презентирани позитивните искуства на одбраната и значењето на транспарентноста во борбата со лажните вести.

Програмската директорка на Фондацијата Метаморфозис, Данче Даниловска Бајдевска укажала на сеопфатноста на Индексот кој е состои од стотици индикатори распоредени во четири подобласти и порача дека овој Индекс е креиран согласно највисоките светски стандарди за отвореност и транспарентност. Даниловска посочила на одличниот резултат на Министерството за одбрана и укажа на потребата од раст на отвореноста и транспарентноста на сите органи во извршната власт.

На панел-дискусијата говореле и Пламенка Бојчева, директорка на Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер и Константин Битраков, специјалист за спречување на корупција од Правниот факултет „Јустинијан Први“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Одбраната, како што се навцедува во соопштението, веќе неколку години има исклучително добри резултати во однос на отвореноста и на активната транспарентност. Согласно Индексот за активна транспарентност, Министерството е позиционирано на првото место четири години по ред, од кои последните три со максимален учинок, односно 100-процентно исполнување на критериумите. дма/бак/

Фото:Министерство за одбрана
 

Остани поврзан