Микати: Либан сака да избегне земјата да биде вовлечена во војната меѓу Израел и Хамас
- Либан сака да избегне вклучување на земјата во војната меѓу Израел и Хамас, изјави либанскиот премиер Наџиб Микати. Тој предупреди дека постои ризик конфликтот да го „запали“ целиот регион.
Бејрут, 30 октомври 2023 (МИА) - Либан сака да избегне вклучување на земјата во војната меѓу Израел и Хамас, изјави либанскиот премиер Наџиб Микати. Тој предупреди дека постои ризик конфликтот да го „запали“ целиот регион.
Од нападот на Хамас врз Израел, тензиите се зголемија долж израелско-либанската граница, а речиси секојдневно има гранатирање меѓу Израел и вооружените пропалестински групи. Меѓу овие групи е и шиитското движење Хезболах, кое е сојузник на Хамас.
Микати нагласи дека не може да се исклучи ескалација на конфликтот.
-Јас ја извршувам мојата должност да избегнам Либан да биде вовлечен во војна. Либан е во окото на бурата, рече тој.
Според него, поради недостигот на прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, ризиците од регионална ескалација се високи.
Тој додаде дека не може да каже дали либанското шиитско движење Хезболах, со кое одржува добри односи, сака нова војна со Израел.
-Сè е поврзано со развојот на настаните во регионот. Засега гледам дека Хезболах дејствува разумно и мудро, но во исто време не можам да ги уверам Либанците, рече либанскиот премиер.
Од 8 октомври Хезболах особено ги гранатира израелските позиции блиску до границата меѓу двете земји, давајќи му поддршка на Хамас.
Микати денеска предупреди дека ескалацијата на конфликтот нема да влијае само на Либан.
-Се плашам дека ескалацијата ќе го покрие целиот регион и дека безбедносниот хаос ќе се прошири низ Блискиот Исток, предупреди тој. мс/
фото: МИА архива