
Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски во рамки на официјалниот посета на Обединетите Арапски Емирати денеска имаше средба со претседателот и раководството на Стопанската комора на Шарџа.
-Разговорот беше насочен кон создавање мостови на соработка помеѓу нашите економии, размена на добри практики и идентификување на можности за заеднички инвестиции и поддршка на приватниот сектор. Ваквите средби се клучни за зајакнување на билатералните односи и отворање нови перспективи за бизнис заедницата, напиша Мицкоски на својот Фејсбук профил.
Како што најави владината прес-служба, владиниот тим ќе престојува во ОАЕ до четврток, а предвидени се средби и со шеикот Мохамед бин Рашид Ал Мактум, владетел со Дубаи, потпретседател и премиер на ОАЕ, со претставници на развојниот холдинг на Абу Даби, со државната „Мубала“ инвестициска компанија, како и „Масдар“ државната енергетска компанија, и на неколку стопански комори, со цел разгледување на можности за соработка во инфраструктурни проекти, инвестиции во агро-бизнисот, обновливи извори на енергија, туризмот, иновации и современа технологија.
Скопје - Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) утврди низа пропусти во Законот за угостителска дејност. Анализата ја спроведе по сопствена иницијатива, откако се случи трагедијата во Кочани во која загинаа 61 лице.
Упис на физички лица во Регистарот за вршење угостителска дејност без претходна проверка од надлежен орган за исполнетоста на минимално-техничките услови, е само една од слабостите што ги нотира ДКСК. Според Комисијата, регулаторен ризик се забележува и во однос на проверката на условите за вршење угостителска дејност, во постапката и условите за давање лиценца, во однос на казните, а не е јасно и кои дополнителни дејности покрај угостителската се опфатени со Законот.
Софија - Бугарија е целосно подготвена да потпише договор со Северна Македонија и да започне со изградба на прекуграничен железнички тунел долж Коридорот 8, најави вицепремиерот и министер за транспорт и врски Гроздан Караџов, пренесува БТА.
Изјавата е дадена за време на работниот појадок во Софија со амбасадорите на земјите од ЕУ и НАТО, посветен на напредокот на стратешкиот инфраструктурен проект. На средбата присуствуваа и министрите за регионален развој и јавни работи Иван Иванов, министерот за одбрана Атанас Запријанов, претставници на Европската комисија, Националната железница и Агенцијата за патна инфраструктура.
Скопје - Вкупниот број на активни претплатници во мобилна телефонија заклучно со третиот квартал 2024 година достигна 2 095 819 и бележи раст за 9,7 проценти во однос на претходниот квартал, а за 1,05 проценти споредено со третиот квартал минатата година.
Според денеска објавениот Извештај за развој на пазарот на електронски комуникации во третиот квартал 2024 година, пристап до интернет со широк и тесен опсег преку мобилни мрежи (2G/3G/4G) имаат 1 732 063 претплатници, а пристап до интернет со широк опсег 544 937. Порастот на квартално ниво кај претплатниците со мобилен интернет изнесува 11,75 проценти, а на годишно ниво 2,3 проценти.
Скопје - Грејната сезона завршува денеска, но од Регулаторната комисија за енергетика велат дека на дневно ниво се следат температурите и доколку има потреба ќе биде вклучен системот за топлинска енергија.
Од Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и управување со комунален отпад (РКЕ) информираа дека согласно Правилата за снабдување со топлинска енергија и Тарифниот систем за продажба на топлинска енергија грејната сезона завршува денеска (15 април 2025 година) и стартува т.н. преоден период кој трае до 30 април.
-Од утре па се до крајот на април, доколку прогнозираната средна надворешна температура за следниот ден е еднаква или помала од 12 степени Целзиусови снабдувачот е должен во грејните простории во времето од 06:00 до 22:00 часот во текот на денот да обезбеди температура на греење од 20+1 степени Целзиусови, велат од Регулаторната комисија за енергетика.
Белград - Студентите во блокада на високообразовните институции во Белград испратија отворено писмо до Комитетот за култура и информирање на Народното собрание на Република Србија и најавија колку ќе трае протестот пред РТС, јави дописникот на МИА од Белград.
„Бараме од вас, Комисијата за култура и информирање, да го повторите процесот на избор на членови на Советот на Регулаторното тело, со откажување на претходниот Јавен повик и објавување на нов, со транспарентен процес пред јавноста. Протестот пред РТС ќе трае додека не објавите јавен повик за избор на членови на Советот на РЕМ“, стои во писмото на студентите во блокадата на високообразовните институции во Белград.
Белград - Кандидатот за премиер на Србија Ѓуро Мацут денеска во експозето нагласи дека главен приоритет на Владата ќе остане одржувањето на макроекономската стабилност и постигнувањето услови за подинамичен и поодржлив економски развој во иднина.
За време на експозето во Собранието на Србија, Мацут рече дека таа цел се постигнува преку стратешки јавни инвестиции во инфраструктурата, модернизација на индустријата, транзиција кон одржлива економија и развој на сектори со висока додадена вредност, како што е ИКТ.
Атина – Соочени сме со трговска војна, што започна од Соединетите Американски Држави, а резултатите сè уште, до денес, се непредвидливи. Но, сите трговски војни на крајот имаат само губитници и ниеден победник, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот на средбата со претседателот на Грција Константинос Тасулас, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис беше примен од Тасулас во Претседателската палата, што воедно е нивна прва средба по инаугурацијата на новиот грчки претседател минатиот месец. Грчкиот премиер посочи дека нивната прва средба е во време на големи геополитички и економски турбуленции.
Тирана - До 2055 година, бројот на новородените во Албанија се очекува да биде речиси 4 пати помал од сегашниот. Во последниот извештај на ОН за наталитет, Албанија е посочена како една од земјите со најголем пад на раѓања.
-Проекциите на ОН предвидуваат дека раѓањата ќе се намалат на 6.000 од сегашните 23.000. Намалувањето се очекува да биде драстично во првите 10 години, односно до 2035 година, кога раѓањата ќе се намалат на 15 илјади, достигнувајќи 10 илјади годишно во 2045 година, објавија албанските медиуми.
Според ОН, постојат два главни фактори зад падот на наталитетот: емиграцијата и стареењето на населението.
Истанбул - Турските власти денеска соопштија дека уапсиле 234 осомничени лица во пет земји во голема меѓународна операција против организации вмешани во трговија со дрога.
„Уапсени се 234 високи членови на организирани криминални групи, 225 во земјата и девет во странство“, изјави турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја, додавајќи дека апсењата се извршени во Холандија, Германија, Шпанија и Белгија. Тој рече дека меѓу уапсените има членови на организации кои се занимаваат со шверц на кокаин, хероин и екстази на неколку континенти.
Брисел - Европската Унија останува конструктивна и е подготвена за фер царински договор со САД, вклучувајќи и реципроцитет во форма на нула царини на индустриските стоки, изјави еврокомесарот за трговија и економска безбедност Марош Шефчович по разговорите со неговите американски колеги во Вашингтон.
Според Шефчович, постигнувањето на оваа цел ќе бара „значителни заеднички напори“ од двете страни на Атлантскиот океан.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Шефчович од вчера престојува во Вашингтон на преговори за трговските односи помеѓу ЕУ и САД во обид да се избегне взаемна спирала на воведување царини и трговска војна.
Брисел - НАТО цврсто го поддржува територијалниот интегритет и суверенитет на Босна и Херцеговина според Дејтонскиот договор, кој мора да се почитува, бидејќи тоа е основа на стабилноста и државноста, порача денеска заменик-генералниот секретар на пактот, Радмила Шекеринска, во изјава во седиштето на Алијансата во Брисел.
Уставниот поредок во државата треба да се зачува, нема да прифатиме безбедносен вакуум и нема да дозволиме да се наруши тешко стекнатиот мир. Стабилна и безбедна Босна и Херцеговина е во наш интерес и е од корист на сите. Земјата е вреден партнер, подготвени сме да ја продлабочиме нашата соработка. Сакаме Босна и Херцеговина да напредува на патот кон ЕУ и НАТО. Многу е постигнато, се надеваме дека ќе продолжиме на оваа основа во интерес на оние што живеат таму. Остануваме загрижени поради последните случувања“, додаде Шекеринска.
Брисел - Високиот претставник на Европската унија, Каја Калас ги повика европските лидери да не учествуваат на воените прослави во Москва на 9 мај, туку да покажат солидарност со Украина.
Како што пренесува Политико, повикувајќи се на руски медиуми, рускиот претседател Владимир Путин на прославата на 9 мај ги поканил лидерите на Кина, Индија, Бразил, како и Словачка и Србија.
Берлин - Најверојатниот нов германски канцелар Фридрих Мерц планира да ја посети Украина на покана на нејзиниот претседател Володимир Зеленски за да учествува на самитот на 9 мај на таканаречената „коалиција на подготвени“ да испрати мировни сили на украинска територија по завршувањето на војната, објавија украинските медиуми.
Мерц, кој најверојатно веќе ќе биде избран за канцелар дотогаш, се очекува да присуствува на настанот заедно со другите европски лидери. Според „Велт“, подготовките веќе се во тек. Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха им се обрати на учесниците на Советот за надворешни работи на ЕУ што се одржа во понеделникот во Луксембург преку видео-конференција.
Вашингтон – Стив Виткоф, специјалниот пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп, го опиша својот неодамнешен разговор со рускиот претседател Владимир Путин како „убедлив“ и изјави дека се разговарало за прекин на огнот во Украина и за создавање нови деловни можности, јави Укринформ, повикувајќи се на интервју на Виткоф за „Фокс њуз“.
Во текот на речиси петчасовната средба, Путин изразил подготвеност да обезбеди „траен мир“ со Украина. – Барањето на Путин е воспоставување траен мир. Значи, освен прекинот на огнот, добивме одговор и на тоа прашање. Ни требаше извесно време да стигнеме дотука, изјави Виткоф.
Вашингтон - Претседателот на Универзитетот Харвард, Алан Гарбер, во јавно писмо изјави дека оваа приватна високообразовна институција се спротивставува на барањата на американското Министерство за образование, оценувајќи дека тие ги загрозуваат темелните вредности на универзитетот.
– Ниту една влада, без разлика која партија е на власт, не треба да диктира што приватните универзитети можат да предаваат, кого можат да примат и вработат, ниту кои области на студии и истражувања можат да ги спроведуваат – напиша Гарбер.
Пекинг - Кина повика да се избегне каква било „политичка манипулација“ во врска со апсењето на двајца нејзини граѓани во Украина, откако тие се бореле на страната на руската армија.
-Ги повикуваме засегнатите страни да внимаваат на објективната и непристрасна позиција на Кина и да се воздржат од политички манипулации и медиумска возбуда, изјави за новинарите портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лин Џианг.Кинеските власти во моментов ги проверуваат информациите и околностите околу двајцата граѓани, додаде тој.
Газа - Во израелски воздушен напад е погоден северниот влез на теренската болница во Појасот Газа, при што се ранети 10 лица, тројца медицински лица и седум пациенти, изјави портпаролот на болницата, Сабер Мохамед.
Цел на нападот беше теренската болница во Кувајт во областа Муваси, каде што стотици илјади луѓе побараа засолниште во огромни шаторски кампови. Портпарол на болницата изјави дека двајца од пациентите се тешко повредени. Засега нема коментар од израелската армија.