• вторник, 15 октомври 2024
МИА Радио флеш

14 октомври 2024

Скопје - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски денеска и утре ќе учествува на состанокот на шефови на Влади на земјите од Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес. 

Во македонската делегација што ја предводи Мицкоски се и министрите за надворешни работи и трговија, за внатрешни работи и за европски прашања Тимчо Муцунски, Панче Тошковски и Орхан Муртезани.

Како што најавија од владината прес-служба предвидено е учество и заедничка прес-конференција на Канцеларот на Сојузна Република Германија Олаф Шолц и Урсула фон дер Лајен, претседател на Европската комисија и домаќин на следниот Самит.

Скопје – Во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, денеска ќе се одржи свеченост по повод заклетва на 28. класа студенти питомци.

За време на одржувањето на свеченоста свое обраќање ќе имаат претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска – Давкова, министерот за одбрана Владо Мисајловски, како и деканот на Воената академија, полковник Митко Богдановски.

Како што соопштуваат од Министерството за одбрана, на настанот ќе присуствуваат началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор, Сашко Лафчиски, генерали, претставници на воено-дипломатскиот кор, претставници од Министерството за одбрана и Армијата, како и роднини и пријатели на 28.класа питомци. 

Скопје – Во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, којшто го спроведува УНДП во партнерство со Министерство за животна средина и просторно планирање, денеска, во хотел Александар Палас ќе се презентираат резултати од загадувањето на воздухот во пет општини – Куманово, Гостивар, Струмица, Кавадарци и Струга.

Како што информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање, настанот ќе го отвори првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити и постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации, Армен Григорјан, додека резултатите од истражувањето ќе ги сподели ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“, проф. Дејан Мираковски.

Скопје - Во Скопје денеска ќе се одржат отворени денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, а на самата манифестација ќе бидат промовирани нивните најнови изданија.

Како што најавија од Институтот, обраќања ќе имаат директорка на Институтот, Елена Јованова-Грујовска, министерка за образование и наука Весна Јаневска и академик Катица Ќулавкова.

Скопје - Во Друштвото на писателите на Македонија денеска синологот Игор Радев ќе одржи предавање на тема „Класичниот кинески поет како дејствувачко лице на историјата“. 

-Првиот именуван поет на европската култура е Хомер, слепиот бард, кој пее за војни, јунаци, градови и држави, но не учествува во нив: токму физичкиот хендикеп – слепоста, небаре служи како симбол за неговата одвоеност од историската пракса. Од друга страна, првиот именуван поет во кинеската традиција Чју Јуен (343-278 пр. н.е.) е висок службеник на својата држава, активен политичар и воено-дипломатски стратег, за кого поезијата претставува и еден вид призма, низ која се прекршува државничката дејност, стои во објавата на настанот.

Скопје - Во Кинотеката од денеска до 18 октомври ќе се одржи „Недела на романски филм“, во чии рамки ќе бидат прикажани три играни и два документарни филмови. Вечерва ќе се прикажува филмот „Дете од војна“, во режија на Мариан Кришан.

Улогите во филмот ги играат Даниел Балис, Реџиналд Амонс и Едуард Адам. Мариан Кришан е романски синеаст познат по филмовите „Морген“ (2010), „Рокер“ (2012), „Хоризонт“ (2015) и „Кампања“ (2020). „Дете од војна“ е нетипична мешавина од жанрови како историски и воен филм, вестерн, но и детска авантура.

Утре ќе се одржи проекција на филмот „Меѓу револуциите“, во режија на Влад Петри, а во улога на Илинка Харнут и Викториа Стоичиу. Во среда ќе биде прикажан филмот „Мамалија“, во режија на Себастијан Михаилеску. Улогите ги толкуваат Иштван Теглаш, Малина Мановиќи и Дениса Николае.

Белград - Со оглед на тоа што Владата на Србија и Парламентот не ги исполнија барањата на белиот штрајк до 13 октомври, членовите на Самостојниот синдикат на просветните работници на Србија (НСПРС) денеска ја започнуваат втората фаза  -  пишување оценка „одличен 5“ за секој ученик, соопшти синдикатот, јавија беглрадските медиуми.

Таа петка, доколку барањата на белиот штрајк не се усвојат и до крајот на полугодието, ќе биде основа за заклучување на оценките „одличен 5“, без разлика на сите други оценки што ќе бидат дадени според објективни критериуми, во вообичаени начини, се наведува во соопштението.

Барањата на белиот штрајк се да се подобри безбедноста во училиштата преку соодветни измени на законот и придружните прописи преку гарантирање на наставниците поефикасна правна заштита од напади, овозможувајќи им веднаш да ги суспендираат учениците кои несоодветно се однесуваат на наставата како и укинување на анонимните пријави до просветната инспекција.

Атина – Имаме обврска одново да им дадеме надеж и перспектива на Грците, на младите генерации. Тука сме да ги понудиме големите промени што му се потребни на нашето општество, рече доцна синоќа актуелниот претседател на ПАСОК Никос Андрулакис, откако одново беше избран за лидер на грчката опозициска партија со убедлива победа и освоени речиси 60 отсто од гласовите, јави дописничката на МИА од Атина.

Според конечните официјални резултати, во вториот круг од изборите за лидер на Социјалистичката партија, гласаа 213.781 членови, Андрулакис освои 59,9 проценти, додека неговиот противкандидат, градоначалникот на Атина Харис Дукас доби 40,1 отсто од гласовите. 

Андрулакис за победата доби честитки од Дукас, но и од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и од разрешениот лидер на СИРИЗА Стефанос Каселакис со кои имал одвоени телефонски разговори. 

Атина – Ве уверувам дека тоа не е дел од моите намери, вели министерот за одбрана на Грција Никос Дендиас во интервју за „Катимерини“ демантирајќи ги сценаријата и натписите во медиумите дека може да биде предложен од грчкиот премиер за претседател на земјата, јави дописничката на МИА од Атина.

Мандатот на актуелната претседателка Катерина Сакеларопулу завршува во март следната година, а шефот на државата во Грција го избира Парламентот по предлог на премиерот и Владата.

Дендиас вели дека се држи настрана од целата дискусија, за која посочува дека „освен сè останато е и во погрешен момент“.

Стокхолм - Денеска ќе биде објавен добитникот на Нобеловата награда за економија, што  традиционално се прогласува последна, според програмата на организаторите за 2024 година. Таа награда е единствената што не била вклучена во тестаментот на шведскиот индустријалец и филантроп Алфред Нобел. Востановена е во негово сеќавање речиси 70 години по другите престижни награди во негово име дури во 1969 година од страна на Шведската централна банка.

Нобеловата награда за економија или поточно наградата за економски науки ја доделува Шведската централна банка (Риксбанк). Тоа е најпрестижната награда во светот за придонес во областа на економијата и се доделува секоја година од страна на Кралската шведска академија на науките.

Берлин - Во германскиот главен град денеска ќе се одржи самит на т.н Берлинскиот процес, на кој ќе присуствуваат претставници на шесте земји од Западен Балкан како и на Европската Унија.

Берлинскиот процес за Западен Балкан започна во 2014 година на иницијатива на Германија и има за цел да ја поддржи и продлабочи економската интеграција на шесте земји од Западен Балкан (Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово, Албанија, Република Северен Македонија) и конвергенција на регионот со вредностите на ЕУ и социо-економските стандарди. Иницијативата обезбедува политичка поддршка на високо ниво и широк дофат и видливост на иницијативите за регионална соработка и поврзаните политики, како и на проектите за поврзување на ЕУ во регионот.

Учесници на состанокот традиционално се шесте земји од Западен Балкан, нивните земји-подржувачи Австрија, Франција, Италија, Словенија, Хрватска, Велика Британија, Полска, а од 2019 година и Грција и Бугарија, како и ротирачкото претседателство со Советот на ЕУ, Советот за регионална соработка, ЦЕФТА и Регионалната младинска канцеларија (RYCO).

Брисел - Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте денеска ќе го посети Врховниот штаб на сојузничките сили во Европа во белгискиот град Монс. 

Како што соопшти НАТО, за време на оваа негова правата официјална посета на Штабот по преземањето на должноста генерален секретар на Алијансата на 1 октомври, Руте ќе се сретне со врховниот командант на сојузничките сили во Европа, генералот Кристофер Каволи и други високи штапски офицери. 

Во попладневните часови, предвидено е Руте да отпатува за германскиот град Визбаден, каде ќе има средба министерот за одбрана на Германија, Борис Писториус и ќе ја посети Командата на НАТО за безбедносна помош и обука на Украина (НСАТУ). 

Брисел – Руската агресија врз Украина и актуелната состојба на Блискиот Исток ќе бидат двете главни теми на денешната средбата на шефовите на дипломатии на земјите членки на ЕУ во Луксембург. 

Денешното редовно заседание на Советот за надворешни работи се одржува во пресрет на средбата на шефовите на држави или влади на земјите членки на ЕУ предвидена за в четврток и петок во Брисел на која меѓу темите за расправа се и поддршката за Украина и случувањата на Блискиот Исток по иранските напади врз Израел и интензивирањето на конфликтот во Либан. 

Во делот од заседанието на Советот на кое ќе се разговара за руската агресија врз Украина и поддршката на ЕУ за земјата, преку видео конференцискиа врска ќе се вклучи украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, кој со своите европски колеги ќе има неформална размена на мислења за случувањата на теренот. 

Тел Авив - Четворица израелски војници беа убиени, а седум тешко ранети синоќа во најсмртоносниот напад на либанска екстремистичка група откако Израел ја започна копнената инвазија врз Либан пред две недели.

Хезболах го опиша нападот во близина на градот Бињамин како одмазда за израелските напади врз Бејрут во четвртокот, во кои загинаа 22 лица.

Подоцна беше објавено дека мета била елитната израелска бригада Голани и дека биле истрелани десетици ракети за да се активираат израелските противвоздушни системи за време на нападот со беспилотно летало.

Москва - Околу 30.415 луѓе, вклучително и речиси 8.000 деца, се евакуирани од областите што граничат со Украина поради гранатирање и напади, изјави рускиот омбудсман Татјана Москалкова. Во интервју за Аргументи и факти, Москалкова рече дека евакуираните се засолнети во речиси 1.000 центри за привремено сместување низ Русија.

Москалкова рече дека примила пријави за повеќе од 1.000 руски државјани од Курск, чии места се непознати и кои се тврди дека биле киднапирани од украинските сили.

Засега нема потврда од западни медиуми ниту од Киев за податоците што ги презентира Москалкова. Двете страни негираат дека нападнале или држат цивили во заробеништво.

Газа - Најмалку 20 лица, меѓу кои и деца, загинаа во израелски воздушен напад врз училиште, претворено во засолниште во централниот дел на Појасот Газа, соопштија локалните болници.

Во нападот синоќа во Нусејрат загинаа и две жени. Во училиштето беа сместени некои од многуте Палестинци раселени од повеќе од едногодишната војна во Газа.  

Според Министерството за здравство на Газа, над 42.000 Палестинци се убиени во бомбардирањето и копнената операција на Израел во Газа. Податоците на министерството не прават разлика меѓу борци и цивили.

Бејрут - Во израелските напади во Либан во саботата загинаа 51 лице, а ранети се уште 174, соопшти либанското Министерство за здравство, јави ДПА.

Повеќето од жртвите се во јужен Либан, во близина на градот Набатие и планинските области, истакна Министерството.

Вкупно 2.306 лица се убиени, а 10.698 се повредени во Либан од избувнувањето на вооружените судири меѓу либанската група Хезболах и израелската армија пред нешто повеќе од една година, додаде одделот.

Њујорк - Пентагон објави дека ќе испрати ракетен одбранбен систем THAAD (Terminal High Altitude Area Defense) и негов персонал во Израел, во момент кога Израел размислува за одмазднички напади против Иран, објави Њујорк Тајмс.

САД испраќаат напреден ракетен одбранбен систем во Израел, заедно со околу 100 американски војници кои ќе го управуваат, соопшти Пентагон. Тоа е прво распоредување на американски сили во Израел по нападите извршени таму на 7 октомври 2023 година од Хамас.

Претседателот Џо Бајден му наложи на секретарот за одбрана Лојд Остин да го распореди системот, се вели во соопштението на портпаролот на Пентагон, генерал-мајор Патрик Рајдер.

Тој потег ќе ги стави американските војници со копнениот противракетен одбранбен систем, кој е дизајниран да се брани од балистички ракети, поблиску до проширувањето на војната на Блискиот Исток, наведува Њујорк Тајмс.

Вашингтон - САД ги осудија кинеските воени вежби околу Тајван, нагласувајќи дека потегот е „неоправдан и ризикува ескалација“. Тие го го повикаа Пекинг да дејствува воздржано.

„САД се сериозно загрижени од заедничките воени вежби на Ослободителната народна армија во Тајванскиот теснец и околу Тајван“, изјави портпаролот на американскиот Стејт департмент Метју Милер. 

Лас Вегас  - Маж од Невада кој кај себе имал огнено оружје и неколку фалсификувани пасоши во својот автомобил бил уапсен на контролен пункт во близина на митинг на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп во саботата во јужна Калифорнија.

Човекот бил ослободен истиот ден со кауција од 5.000 долари.

Осомничениот, 49-годишен жител на Лас Вегас, возел нерегистриран црн џип што бил запрен од локалните службеници за спроведување на законот кои го обезбедувале собирот на Трамп во Коачела, источно од Лос Анџелес, изјави шерифот на округот Риверсајд. 

Пекинг - Кинеската војска денеска почна нови воени вежби во близина на Тајван, нагласувајќи дека тоа е предупредување против „сепаратистичките акции на силите за независност на Тајван“. Тие не прецизираа датум за завршување на маневрите, што предизвика остра реакција од Тајпеј.

Источната воена команда на Кина во соопштение рано утринава соопшти дека маневрите се одржуваат кај Тајванскиот теснец и областите северно, југ и источно од Тајван.

„Вежбата служи и како строго предупредување за сепаратистичките дејства на силите за независност на Тајван. Ова е легитимна и неопходна операција за обезбедување на државниот суверенитет и националното единство“, се вели во соопштението објавено на кинески и англиски јазик.

Сеул - Јужнокорејската армија денеска соопшти дека е „потполно подготвена“ да одговори на предупредувањата од Северна Кореја, по зголемувањето на тензиите меѓу двете земји поради летови на беспилотни летала над Пјонгјанг. Северна Кореја ги обвини јужните соседи за летање дронови над Пјонгјанг и фрлање пропагандни летоци со „провокативни гласини и ѓубре“.

Пјонгјанг вчера предупреди дека следниот лет на дрон ќе го смета за „објава на војна“. Јужнокорејската армија ги негираше обвинувањата дека стои зад управувањето на дроновите, обвинувајќи ги јужнокорејските активистички групи, кои честопати праќаат пропагандни летоци кон Северна Кореја.

Северна Кореја синоќа нареди на дел од војската, која веќе е во борбена готовност, целосно да се подготви за отворање оган. Истовремено, воздушниот надзор над Пјонгјанг беше дополнително засилен.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан