• петок, 27 декември 2024
МИА Радио флеш

26 декември 2024  

Скопје - Над 50 проценти од лицата со попреченост во анкета спроведена во рамки на проектот „Алијанса по прашањето хендикеп за развојни и инклузивни реформи во регионот“ се изјасниле дека нема соодветни рампи за пристап, а над 60 проценти изјавиле дека нема паркинг простор за лицата со попреченост. 

Податоците од анкетата покажуваат дека 77 проценти од испитаниците кажале дека наидуваат на непристапни ходници, а 75 проценти дека нема тактилни патеки и пристапен тоалет. Во однос на остварувањето на правото на пристапност во здравството, податоците покажуваат дека 76 проценти од испитаниците со попреченост користат придружник при посета на здравствените установи, а само 42 проценти од лицата со физичка и 43 проценти од лицата со интелектуална попреченост одат сами во здравствените установи. Педесет и шест отсто од испитаниците со попреченост велат дека немаат пристап до соодветни или разбирливи информации во здравствените установи. 

Скопје - Од денеска од 7:00 часот се воведува забрана за сообраќај за тешки товарни возила на планинскиот премин Ѓавато, соопшти АМСМ.

Оттаму потсетуваат дека се уште е активна забраната за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Тетово – Попова Шапка. 

Скопје - Ограничување на маржите и цените на прехранбените производи, кои не се дел од Новогодишната кошничка, најавува Владата доколку трговците не покажат општествена одговорност и не ги намалат цените. Пазарните инспектори, според изјавите на надлежните, се на терен и за два до три дена ќе завршат нивните анализи по што ќе се знае дали ќе се донесат поригорозни мерки.

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши вчера ги повика трговците да ги коригираат цените на најосновните производи во овој период и најави дека доколку не го сторат тоа, Владата пред Нова година ќе донесе одлука за воведување поригорозни мерки. 

Скопје - Собранието денеска ќе ја одржи 26. седница, на чиј дневен ред се пратенички прашања. Ваква пленарна седница вообичаено се одржува секој последен четврток во месецот. 

Согласно Деловникот, прашања до премиерот и министрите први поставуваат пратениците од опозицијата. 

Скопје - Во Собранието денеска ќе заседаваат две комисии - Комисијата за култура и туризам и Законодавно- правната комисија.

Членовите на Комисијата за култура и туризам ќе расправаат по Предлог на законот за изменување на Законот за заштита на културното наследство, Предлогот на законот за изменување на Законот за употребата на македонскиот јазик, Предлог на законот за изменување на Законот за музеите, Предлог на законот за изменување на Законот за издавачката дејност, Предлог на законот за изменување на Законот за филмската дејност, Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за аудиовизуелните добра.

Скопје - Државната изборна комисија денеска ќе ја одржи 117-та седница, на чиј дневен ред е Предлог - Стратешкиот план на ДИК за периодот 2025-2028 година.

Членовите на ДИК ќе ги разгледаат записниците од 115-та и од 116-та седница.

Дамаск - Четиринаесет припадници на сириската полиција се убиени за време на судирите со силите лојални на поранешниот претседател Башар ал Асад во провинцијата Тартус, соопшти денеска преодната администрација.
Новиот сириски министер за внатрешни работи на Телеграм објави дека и 10 полицајци биле ранети од, како што ги нарече, „остатоци“ од владата на Асад во Тартус.

Тој додаде дека ќе се справи со секој кој ќе се осмели да ја поткопа безбедноста на Сирија или да ги загрози животите на нејзините граѓани. Сириската полиција воведе полициски час во текот на ноќта во градот Хомс, објавија државните медиуми, по немирите поврзани со протестите што жителите им ги припишуваат на припадниците на малцинските верски заедници.

Сеул - Главната опозициска партија во Јужна Кореја, Демократската партија, денеска ќе поднесе барање за импичмент на привремениот претседател Хан Дак-су, кој истовремено е и премиер, пренесе јужнокорејската новинска агенција Јонхап.

Партијата соопшти дека целта е гласањето за импичмент да се одржи утре.

Газа - Најмалку 10 лица загинаа, а десетици се ранети во израелските напади врз Појасот Газа извршени доцна синоќа, соопштија локални медицински лица. Пет лица загинаа, а 20 се повредени во израелски воздушен напад врз станбен објект во населбата Зејтун во градот Газа, соопштија медицинските лица.

Во друг напад, пет новинари беа убиени кога нивното комбе беше погодено во областа на болницата Ал Авда. Новинарите работеа за телевизијата Ал Кудс Ал Јум, поврзана со Хамас. Палестинските медиуми и локални известувачи рекоа дека комбето имало ознаки за медиумско превозно средство и го користеле новинари кои ја покриваат ситуацијата во болницата и бегалскиот камп Нусејрат.

 Токио - Националниот јапонски авиопревозник,Џапан ерлајнс, соопшти за кибер напад што може да влијае на домашните и на меѓународните летови.

„Денеска во 07:24 (локално време) мрежната опрема што ги поврзува нашите внатрешни и надворешни системи беше подложена на кибер напад што предизвика проблеми. Се очекува тоа да влијае врз внатрешните и меѓународните летови“.

Вашингтон - Актуелниот претседател на САД Џо Бајден и новоизбраниот претседател Доналд Трамп испратија различни пораки по повод Божик.

Бајден ги повика Американците на размислување и обединување, додека Трамп ги поздрави со серија објави на социјалните мрежи. Пораката на Бајден беше проследена со прошетка низ Белата куќа, украсена за празникот. Тој ги повика граѓаните да се обединат и да заборават на несогласувањата.

 Вашингтон - Американскиот претседател Џо Бајден побара од Пентагон да продолжи со своите активни испораки на оружје за Украина и го осуди рускиот напад врз украинските градови и енергетската инфраструктура на Божик.

„Целта на овој срамен напад беше да се прекине пристапот на украинскиот народ до греење и електрична енергија во текот на зимата и да се загрози безбедноста на мрежата“, наведе Бајден во изјавата. Киев соопшти дека во средата Русија нападнала украински енергетски објекти и некои градови со крстосувачки и балистички ракети и беспилотни летала.

Остани поврзан