МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
26 декември 2024
Скопје - Во текот на 51. недела од 2024 година, од 16 до 22 декември, во Република Северна Македонија се пријавени 139 случаи на групни пријави за заболени од грип - заболувања слични на грип, 17,8 отсто повеќе во споредба со претходната недела, се наведува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје, објавен утрово.
Деведесет и пет лица се на возраст од 15 до 64 години. Дваесет и четири се деца на возраст од пет до 14 години, 12 на возраст до четири години. Осум лица се на возраст над 65 години. Највисока инциденца (12,4/100.000) се регистрира кај децата на возраст до четири години.
- Заболените се пријавени од 16 ЦЈЗ/ПЕ, Дебар - 42, Гостивар - 33, Куманово - 22, Тетово - 15, а во Прилеп, Скопје, Кавадарци, Охрид, Струга, Неготино, Македонски Брод, Струмица, Битола, Свети Николе, Кратово и Штип, бројот на заболени е еднаков или помал на пет. Во 14 извештајни единици што пријавија случаи во текот на оваа недела, се регистрира многу ниска, во Гостивар - сезонска, а во Дебар - средна активност на вирусот на грип, пишува во извештајот.
Скопје - Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопшти дека од 1 јануари 2025 почнува со наплата на до 100 отсто зголемени надоместоци за експлоатација на природните ресурси, со цел да се воведе ред во користењето на националните богатства и фер наплата.
-Со измените во Тарифник за утврдување на висината на надоместоците за издавање дозволи и концесии за вршење детални геолошки истражувања и концесии за експлоатација на минерални суровини, надоместоците за минерални суровини се зголемуваат до 100 проценти, што ќе значи и значајно зголемување на приходите за државата. Предлогот на министерството за зголемување на надоместоците е усвоен од Владата и објавен во Службен весник, со што новиот Тарифник почнува да се применува на 1 јануари, соопшти Министерството за енергетика.
За користење на просторот за експлоатација, надоместот се зголемува за околу 30 отсто, за експлоатација на мермер надоместот ќе изнесува 5 отсто од приходот од продадената минерална суровина, наместо досегашниот процент од фиктивна цена. За металични минерални суровини, досегашните 2 отсто се зголемуваат на 4 отсто, а за неметалични минерални суровини, зголемувањето е во просек од над 100 порценти.
Скопје – Сите јавни инвестиции над 120 милиони денари или 2 милиони евра ќе поминуваат филтер во Министерството за финансии и ќе бидат одобрувани од Владата со цел да се надмине состојбата на појавување проблеми во подоцнежната реализација. Ова е предвидено со измени во Законот за буџети, а со цел да се креираат проекти кои ќе можат да се реализираат, најави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Како што информира Министерството за финансии, Димитриеска-Кочоска во гостување во Тв 21 истакна дека има многу наследени проекти од претходната Влада кои сега се прекинуваат поради објективни проблеми.
- За жал многу од проектите што ги наследивме и за кои очекувавме дека ќе има реализација ги прекинуваме во овој период поради објективни проблеми. Како на пример се раскинува договор заради откриена фалсификувана банкарска гаранција, рече министерката и додаде дека кај одредени проекти има и забрзана динамика.
Скопје - Стабилноста на денарот е загарантирана благодарение на капацитетот и инструментариумот со кој располага Народната банка за одбрана на курсот на домашната валута, со акцент на девизните резерви коишто годинава се околу 40 отсто над нивото од претпандемичниот период. Се очекува натамошно постепено стабилизирање на инфлацијата и следната година. Идната монетарна политика ќе зависи од инфлацијата и од девизниот пазар. Ова го посочи гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за Македонската телевизија.
Гувернерката, како што информира Народна банка, нагласи дека и покрај бројните предизвици НБ преку своите мерки успеа да ја одржи макроекономската стабилност, како и стабилноста на курсот на домашната валута во однос на еврото. Говорејќи за нивото на девизните резерви, како главен инструмент за одржување на стабилноста на курсот, гувернерката посочи дека тоа е значително повисоко во однос на претпандемичниот период и нагласи дека тоа се должи на постојаниот откуп на девизи од страна на Народната банка на девизниот пазар во изминатите две години, во услови на значително постабилен платен биланс особено трговската сметка, дознаките, како и солидните странски инвестиции.
Скопје - Отсуството на одредби за утврдување на платите на вработените во судовите кои вршат технички и помошни работи, средствата кои се издвојуваат од Буџетот за 2023 година за финансирање на Судската власт не го достигнуваат законски утврдениот процент од 0.8 % од бруто домашниот производ на Буџетот на Република Северна Македонија, односно одобрените средства во износ од 2.690.800 илјади денари претставуваат 0,3% од БДП, односно извршено е намалување на одобрениот Буџет за Судска власт за износ од 89.906 илјади денари.
Ова се дел од клучните утврдени состојби дадени во денеска објавените конечни ревизорски извештаи на Основниот кривичен суд Скопје (3 сметки) од страна на Државниот завод за ревизија.
Скопје - Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевскки додели 66 смарт таблети во СОСУ „Илинден“ по повод новогодишните и божиќните празници.
Како што соопшти Општина Илинден, Георгиевски истакнал дека оваа иницијатива е во согласност со неговите заложби и посветеност кон модернизацијата на образованието и обезбедување на најдобрите услови за учење и развој на учениците.
Приштина - Рокот за пријавување на гласачите надвор од Косово за гласање на парламентарните избори на 9 февруари истекува денеска.
Централната изборна комисија ги повика сите косовски граѓани кои живеат во странство да го остварат своето уставно право да станат дел од изборниот процес во Косово – прво со пријавување како гласачи надвор од Косово, а подоцна и со гласање.
Периодот за изборна кампања за политичките партии и кандидатите кои имаат уверение за учество на изборите официјално започнува на 11 јануари 2025 година.
Милано - Претседателот на Интер, Џузепе Марота го сподели своето мислење за кандидатите за триумф во италијанското фудбалско првенство во сезоната 2024/25.
- Денес сме речиси на крајот од првиот дел и фаворитите се секогаш исти. Има мала група на врвот составена од Аталанта, Интер и Наполи, но Милан и Јувентус се спремни да ги фатат, така што навистина сме во средна фаза. Од друга страна, мислам дека еден од главните фаворити годинава е Аталанта затоа што постигнаа зрелост, авторитет, убедување каков што досега немале. Мислам дека ова е одличен модел за следење, се разбира не за големите клубови бидејќи е тешко, но тие покажаа дека може да се победува без да се потрошат многу пари, изјави Марота за веб-страницата на Џанлука ди Марцио.
Брисел – Во традиционалното божиќно обраќање до нацијата, холандскиот крал Вилем-Александер упати посебна порака до муслиманите и евреите во Холандија, повикувајќи ги да покажат поголемо разбирање и единство и да се спротивстават на „сето она што ги раздвојува“.
- Мораме да се погрижиме да не внесуваме горчина и омраза на нашите улици. На еврејските Холанѓани кои ми велат дека стравуваат за нивната иднина овде, им велам: Останете. Ние си припаѓаме едни на други. На холандските муслимани им велам: Ова е и ваша земја, ова исто така е ваша земја, порача кралот Вилем-Александер.
Во тој контекст, холандскиот монарх во своето божиќно обраќање се осврна и на тензиите во општеството предизвикани од различни геополитички конфликти во странство.
Москва - Русија нема интерес за привремено примирје што ќе ја замрзне војната во Украина, туку инсистира на правно обврзувачки мировен договор што ќе ја гарантира нејзината безбедност и безбедноста на нејзините соседи, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
- Примирјето е пат за никаде, оцени Лавров, додавајќи дека Москва верува дека Западот би го искористил за повторно вооружување на Украина.
Тој додаде дека Москва сака правните документи да бидат составени на таков начин што ќе се обезбеди „неможноста да се прекршат овие договори.
Лавров рече дека новиот сириски лидер ги нарекол односите со Русија „долготрајни“ и „стратешки“ и дека Москва ја споделува таа оценка.
Москва - Руски фирми се повеќе користат биткоин и други дигитални валути за меѓународни плаќања како одговор на западните санкции, јавија западни медиуми.
Кинеските банки, некогаш клучни посредници во руската трговија, значително ги намалија трансакциите поради страв од губење на пристапот до американските финансиски пазари. До средината на 2024 година, околу 80% од руските плаќања во кинески јуани наводно биле одбиени или вратени. Овој пресврт следи по законските измени во Русија кои овозможуваат употреба на криптовалути во надворешната трговија за да се ублажи влијанието на санкциите.
Москва ги прифати криптовалутите, вклучувајќи го и легализирањето на рударење Биткоин.
Рускиот министер за финансии Антон Силуанов за време на интервјуто за каналот „Русија-24“ потврди дека домашно рударениот Биткоин сега се користи во надворешната трговија во експериментална рамка.
Киев – Директорот на украинскиот Центар за борба против дезинформациите, Андриј Коваленко денеска на Телеграм објави дека патничкиот авион на „Азербејџан ерлајнс“, што вчера се урна во близина на казахстанскиот град Актау, бил погоден од руска противвоздушна одбрана.
Тој упати критика кон Русија поради тоа што не го затворила воздушниот простор над главниот град на руската република Чеченија, Грозни, што можело да ја спречи трагедијата.
- Авионот беше оштетен од Русите и беше насочен кон Казахстан наместо итно да слета во Грозни и на тој начин да спаси животи, додаде Коваленко.
Во авионот имало 67 лица, а според првичните информации загинале 38 лица.
Киев – Украинската армија соопшти дека синоќа соборила 20 руски беспилотни летала.
Руската армија истрелала 31 дрон врз украинска територија.
- Единаесет дронови лансирани од руските сили не стигнаа до целта благодарение на активните акции на украинската противвоздушна одбрана, соопшти армијата.
Тел Авив - Најголемиот израелски дневен весник „Хаарец" објави колумна која длабоко ги анализира политичките и историските паралели меѓу израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и двајца значајни лидери од историјата – Винстон Черчил и Слободан Милошевиќ. Во текстот, авторот Етан Нечин истакнува дека, иако Нетанјаху се стреми да биде запаметен како Черчил, неговото наследство би можело да заврши поблиску до она на Милошевиќ, поранешниот лидер на Југославија обвинет за воени злосторства.
Нетанјаху, како син на историчар, секогаш бил опседнат со своето наследство и јавното мислење. Често се споредува со Черчил, прикажувајќи се како лидер во време на криза, одличен говорник и силен бранител на демократијата. По неговиот говор во американскиот Конгрес, дури се фотографираше до бистата на Черчил, за да ја зацврсти оваа споредба. Но, како што пишува „Хаарец", многу пореална е споредбата со Милошевиќ, чиј популизам и соработка со екстремистички сили го одведоа до разурнувачки конфликт и соборување од власт.
Амстердам - Повеќе од половина од родителите во Холандија со деца на возраст од 16 или 17 години сметаат дека е прифатливо нивните тинејџери одвреме-навреме да испијат чаша алкохолен пијалак за време на празниците, според истражување спроведено од агенцијата „РТЛ њуз панел“ (RTL News Panel).
Испитувањето покажа дека 58 отсто од родителите веруваат дека е прифатливо нивните деца да се напијат малку алкохол при божиќните и новогодишните прослави, пишува „НЛ тајмс“ (NL Times).
Многу од родителите, патем, велат дека им е тешко да се одлучат за строга забрана за алкохол, според наводите, плашејќи се дека тоа може да доведе до тајно консумирање алкохол.
Астана - Претседателот на Сенатот на Казахстан Маулен Ашимбаев изјави дека причините за вчерашната авионска несреќа на азербејџанскиот „Ембраер 190“ во близина на градот Актау сè уште не се познати.
- Ниту Азербејџан, ниту Русија, ниту Казахстан имаат интерес да ја кријат вистината. Сите достапни информации ќе бидат споделени со јавноста, изјави Ашимбаев.
Според досегашните информации, 38 лица загинаа во несреќата. Авионот летал од Баку кон Грозни, а во него се наоѓале 67 патници.
Вашингтон - Доналд Трамп ќе ја преземе функцијата претседател на САД на 20 јануари, а за неговата инаугурација се собрани значително повеќе средства отколку за инаугурацијата на актуелниот претседател Џо Бајден.
Големи корпорации како Тојота, Форд, Џенерал Моторс, Амазон, Мета, ОпенАИ донираа по еден милион долари, а Убер два милиони долари. Форд и Џенерал Моторс ветија дека ќе обезбедат и возила за овој настан.
„Седумцифрени чекови“, според „Волстрит журнал“, биле донирани од Еј-ти-ен-ти (AT&T), Чартер Комуникејшнс (Charter Communications), Стенли Блек енд Декер (Stanley Black & Decker), Интуит (Intuit), Чартер Комуникејшнс (Charter Communications), Прат Индустрис (Pratt Industries) и групата Фарма (The PhRMA Group).
Вашингтон - Со цел да го следат движењето, т.е. поместувањето на Северниот магнетен пол на Земјата, американски и британски научници објавија надграден модел со којшто го предвидуваат местото на магнетните полови до 2029 година. Така, за северниот сега се очекува сè повеќе „да се лизга“ кон Сибир (во Русија).
Северниот магнетен пол официјално ја промени својата местоположба, тврдат научниците, кои предупредуваат дека може да има уште промени во магнетното поле на Земјата што би можеле значително да влијаат на животот тука. „Светскиот магнетен модел“ на Националната океанска и атмосферска администрација на САД - НООА, е главниот уред за следење на промените во магнетното поле на нашата планета и тоа е од клучно значење за светските системи за навигација, обезбедувајќи правилно функционирање на многуте технолошки системи коишто зависат од магнетното поле на Земјата.