МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
10 јануари 2025
Скопје - Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози. Намалена видливост поради магла има, 20 - 30 метри од Тетово до с.Гајре, Делчево - 50 метри и Страцин - 100 метри.
Мостот на река Вардар на регионалниот пат Р1312, кај Башино село е затворен за секаков вид на сообраќај.
Желино - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски утре ќе го посети Желино, при што ќе отвори нова канцеларија на Управните служби на МВР.
По настанот, како што е најавнео од МВР, планирано е министерот Тошковски да даде изјава за медиумите.
Скопје - Собранието денеска треба да ја започне 29. седница на која на дневен ред се пет интерпелации. Четири интерпелации се поднесени од пратеници на Европскиот фронт против работата на вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени од ДУИ. Петата интерпелација е поднесена од Левица за работата на претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади Илире Даути.
Скопје - Во Собранието денеска ќе се одржи конститутивна седница на Клубот на пратенички.
Клубот на пратенички е неформална група во Собранието на Република Северна Македонија, составена од сите пратенички, независно на која пратеничка група припаѓаат.
Клубот на пратенички е формиран на 7 март 2003 година во рамките на регионалниот проект на Пактот за стабилност - Маса за родова рамноправност, со помош на локалните партнери Македонско женско лоби, СОЖМ и Одделението за унапредување на рамноправноста меѓу половите при Министерството за труд и социјална политика. Во изминатите пет години, Клубот на пратенички имаше за цел да ја разгледа постојната и да предложи нова законска регулатива во областа на родовите прашања.
Скопје - Основното јавно обвинителство Штип донело наредба за спроведување истражна постапка против двајца соизвршители на кривични дела изнуда од член 258 став 1 и предизвикување општа опасност од член 288 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничените, како што денеска соопштија од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, во последните неколку дена од старата година, испратиле повеќе заканувачки пораки кон трето лице, изнудувајќи му парични средства.
Скопје - Дел од корисниците од ул. „Св. Наум Охридски“ во Црниче, општина Кисела Вода, денеска од 8 до 13 часот ќе немаат електрична енергија.
Според известување што РЦУК-Скопје го добил од ЕВН Македонија АД, без струја од 10 до 14 часот ќе бидат и дел од корисниците од бул. „Илинден“, реонот кај крстосницата со ул. „Коле Неделковски“ во општина Карпош.
Лос Анџелес - Според проценката на американската мултинационална компанија за финансиски услуги „Џеј Пи Морган“ (JP Morgan), економските загуби од шумските пожари во округот Лос Анџелес веројатно се двојно повеќе во последните 24 часа и сега изнесуваат близу 50 милијарди долари.
Се проценува дека осигурените загуби ќе надминат 20 милијарди долари, а таа бројка може да се зголеми во зависност од тоа кога пожарите конечно ќе бидат под контрола, според „Џеј Пи Морган“, најголемата банка во САД, во извештајот за проценка на влијанието на пожарите врз индустријата, јави денеска Си-Ен-Ен.
Лoс Анџелес - Жителите на пошироката област на Лос Анџелес по грешка примиле предупредување за евакуација на своите телефони вчера доцна попладне по локално време.
Официјалните лица работеа брзо за да го поправат известувањето, кое ги предупредува жителите да бидат подготвени веднаш да ја напуштат својата област поради околните пожари.
Џенис Хан од Одборот на супервизори на округот Лос Анџелес напиша во објава на платформата Х дека многумина ги добиле предупредувањата „поради техничка грешка“ и дека „наскоро ќе биде објавена поправка“, јави Си-Ен-Ен.
Вашингтон – Најмалку десет луѓе загинаа во шумските пожари во Лос Анџелес, соопшти Одделението за медицински испитувања на округот Лос Анџелес.
Сè уште не се објавени имињата на жртвите бидејќи се чека идентификација на жртвите и да се известат нивните семејства.
Се претпоставува дека бројот на жртвите е поголем, но истражителите немаат сигурен пристап до одредени делови зафатени од пожарите.
Вашингтон – Најмалку 20 луѓе се уапсени во округот Лос Анџелес поради кражби за време на пожарите, изјави членката на надзорниот одбор на округот, Кетрин Бергер.
- Нема да дозволиме ова да се случува. Нема да стоиме по страна и да дозволиме ова трауматично искуство дополнително да се влошува, истакна Бергер.
Киев – Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека на вчерашната средба на Контакт групата за одбрана на Украина, што се одржа во американската воздухопловна база Рамштајн, Германија, западните сојузници ветиле дополнителна воена помош.
- Имавме добра средба со многу добар резултат. Имаше дополнителни пакети помош за Украина во висина од две милијарди долари, посочи Зеленски.
Вашингтон - Администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден привремено го блокираше договорот за признавање на вината за обвинетиот организатор на нападите на 11 септември 2001 година, Калид Шеик Мохамед, што ќе го поштеди од ризикот од смртна казна за нападите на Ал Каеда врз САД.
Одлуката на федералниот апелационен суд во Вашингтон уследи по барањето на владата да го одложи договорот постигнат од претставници на Министерството за одбрана, јавија американските медиуми.
Мохамед требаше да се изјасни денеска.
Вашингтон – Врховниот суд на САД денеска ќе ја изрече пресудата за новоизбраниот претседател Доналд Трамп за случајот со исплата на пари на порно актерката Сторми Даниелс за да молчи за наводната афера со него.
Трамп вчера поднесе барање за итна интервенција, еден ден откако Апелацискиот суд во Њујорк го одби неговото барање за одложување на изрекувањето на пресудата.
Судијата Хуан Мерчан, кој го води процесот го одби барањето на Трамп да го одложи изрекувањето на пресудата.
Вашингтон - Американскиот производител на авиони Боинг донира еден милион долари за церемонијата на инаугурација на Доналд Трамп како претседател на САД, изјави портпаролот на компанијата.
Голем број големи американски компании, вклучувајќи ги Џенерал Моторс, Форд, Мајкрософт и Мета, исто така даваат донации за настанот на 20 јануари.
Досега Боинг донирал еден милион долари за последните три претседателски инаугурации, вклучувајќи ја и првата инаугурација на Трамп во 2017 година.
Вашингтон - Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека рускиот лидер Владимир Путин сака да се сретнат и дека се организира средба меѓу двајцата. Тој ја даде изјавата синоќа, само една и пол недела пред да ја преземе функцијата, по ветувањата за време на неговата кампања да донесе мир во Украина, која е под руска инвазија од февруари 2022 година.
„Тој сака да се сретнеме, а ние се подготвуваме за средбата“, рече Трамп на состанокот со републиканските гувернери во неговото одморалиште Мар-а-Лаго во Палм Бич, Флорида.
Отава - Канадскиот премиер Џастин Трудо рече дека коментарите на новоизбраниот американски претседател за евентуално припојување на Канада се тактика со цел да се одвлече вниманието на луѓето од влијанието на царините што Доналд Трамп предупреди дека има намера да ги воведе.
Трудо изјави за Си-Ен-Ен дека ако Трамп го следи својот план да воведе царина од 25 проценти на целиот увоз од Канада, „сè што американските потрошувачи купуваат од Канада одеднаш ќе поскапи многу“.
Отава – Либералната партија на Канада (ЛПК) соопшти на 9 март ќе избира нов лидер откако Џастин Трудо најави повлекување од лидерската функција.
- Либералната партија на Канада на 9 март ќе избере нов лидер и ќе биде подготвена да се бори и да победи на изборите во 2025 година, се наведува во партиското соопштение.
Името на новиот лидер на најверојатно ќе биде објавено на денот на изборите.
Трудо минатата недела соопшти дека се повлекува од партијата, која ја води од 2013 година. Сепак, тој посочи дека ќе продолжи како премиер и лидер на либералите додека не се избере неговиот наследник.
Брисел - Руски ботови покренаа „кампања за дезинформации во корист на Кремљ“ на социјални мрежи за да го поддржат хрватскиот претседателски кандидат против НАТО, објави „Политико“, повикувајќи се на група истражувачи од Центарот за информациска отпорност (ЦИР - Centre for Information Resilience).
Непрофитната организација со седиште во Лондон, која разоткрива операции за дезинформации, објави извештај во кој се тврди дека „проруски, анти-ЕУ и анти-НАТО мрежи на ботови“ работеле на зајакнување на актуелниот хрватски претседател Зоран Милановиќ пред првиот круг од претседателските избори во Хрватска на 29 декември.
Хелсинки - Финската влада објави дека има намера да го продолжи затворањето на границата со Русија, продолжувајќи ја важноста на контроверзниот привремен закон кој им дозволува на граничарите да не дозволуваат влез на барателите на азил во Финска под одредени услови.
Привремениот закон стапи на сила на 22 јули како одговор на приливот на баратели на азил кои пристигнаа на границата со Русија во есента 2023 година. Хелсинки инсистира на тоа дека нивното пристигнување било организирано од Москва, обвинение што Кремљ го негира.
Санта Фе - Американскиот глумец Алек Болдвин поднесе граѓанска тужба за злонамерно гонење и повреда на неговите граѓански права, во врска со ненамерното убиство на снимателката Халина Хачинс, на снимањето на филмот „'Рѓа“.
Обвинението беше поднесено вчера пред Окружниот суд во Санта Фе, Ново Мексико, САД, којшто во јули го отфрли обвинението за убиство од небрежност против Болдвин.