• петок, 10 јануари 2025
МИА Општински пул

10 јануари 2025

Струмица - Согласно податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентниот воздух (ДАМСКВ) од вчера среднодневните концентрации на РМ10 честичките се под дефинираниот праг на алармирање од 150 милиграми на метар кубен и епизодата од два последователни денови со надминување на прагот на алармирање за РМ10 е прекината во Струмица.

Инаку, според завчерашните податоци прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (надминување на вредноста од 150 мg /m3 во текот на два последователни денови) беше надминат на мерното место Струмица. На 6 овој месец беа измерени 175, а на 7 јануари 191,60 милиграми на метар кубен, по што Министерството за животна средина и просторно планирање нареди повеќе мерки за намалување на аерозагадувањето. 

Скопје - Дел од корисниците од ул. „Св. Наум Охридски“ во Црниче, општина Кисела Вода, денеска од 8 до 13 часот ќе немаат електрична енергија.

Според известување што РЦУК-Скопје го добил од ЕВН Македонија АД, без струја од 10 до 14 часот ќе бидат и дел од корисниците од бул. „Илинден“, реонот кај крстосницата со ул. „Коле Неделковски“ во општина Карпош. 

Скопје - ЈП Водовод и канализација - Скопје информира дека денеска поради дефект на затварач од ф 200мм на бул. „Јане Сандански“ бр. 107 без вода ќе останат дел од корисниците од булеварот од број 53 до број 109.

Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 11:15 до завршување на интервенцијата. 

Дебар - Општина Пустец е дел од проектот „Заедничка услуга за лица со попреченост“ што со поддршка на Европската унија го спроведува албанското Министерството за здравство и социјална заштита.

- На настан организиран од Министерството за здравство и социјална заштита, со присуство на министерката Албана Кочиу, амбасадорот на Делегацијата на Европската унија, Силвио Гонзато, градоначалниците на општините и претставници на меѓународни организации, градоначалникот на Општина Пустец, Пали Колефски, го потпиша договорот помеѓу Општина Пустец и Државната социјална служба за проектот „Заедничка услуга за лица со попреченост", објави општина Пустец.

Се додава дека проектот има за цел да обезбеди потребни услуги за лицата со попреченост, подобрувајќи ја нивната интеграција и поддршка во заедницата. 

- Ова претставува голема можност за граѓаните на Пустец, обезбедувајќи поширока и поконзистентна поддршка за оние кои имаат потреба од помош и социјална грижа. Во исто време со потпишувањето на договорот нашата општина го зајакнува своето вклучување во создавање подобри можности и гарантирање услуги за сите свои граѓани, особено за оние кои се соочуваат со поголеми предизвици, посочуваат од општина Пустец.

Остани поврзан