• среда, 25 декември 2024
МИА Радио флеш

13 декември 2024 

Скопје - Во рамки на работната посета на Република Молдавија, министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска во Кишинев оствари средба со Заменик претседателката на Владата на Република Молдавија, задолжена за евроинтеграција, Кристина Герасимов. Во фокусот на разговорот беа билатералната соработка и заедничката амбиција за напредок на патот кон ЕУ, со што се зајакнуваат врските преку заемна поддршка и соработка, информираат од Министерството за европски прашања.

Муртезани и Герасимов се осврнале на тековните процеси за пристапување во ЕУ на Северна Македонија и Молдавија, при што бил ставен акцент на предизвиците и можностите во усогласувањето на националните политики со европските стандарди. Исто така, биле разменети мислења за клучните приоритети на реформите, особено оние поврзани со зајакнувањето на институциите, унапредувањето на доброто владеење и поттикнувањето на економскиот развој.

Скопје - Од страна на полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција- Сектор за недозволена трговија со дрога и оружје и СВР Струмица- ОВР Валандово запленети се околу четири тони марихуана од правно лице во село Јосифово, Валандово.

Како што денеска соопштија од МВР, при крајот на октомври и почетокот на ноември 2024 година во правното лице за производство,трговија и услуги со приоритетна дејност, одгледување на останати повеќегодишни посеви и добиена лиценца за одгледување на марихуана за медицински цели, била извршена контрола од страна на Комисијата при Министерството за здравство, по барање на МВР, и во присуство на полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција и СВР Струмица- ОВР Валандово. Во текот на контролата биле утврдени бројни неправилности околу произведената марихуана за медицински цели, при што е известен надлежен јавен обвинител од ОЈО Гевгелија, кој дал наредба да биде извршен претрес во правното лице, по претходно издадена наредба од судија на претходна постапка од Основен кривичен суд Гевгелија и Комисијата при Министерството за здравство за исполнетост на условите за простор, опрема и кадар за добивање на одобрение за производство на марихуана за медицински цели.

Скопје - Полнењето на буџетот е стабилно и сосема е извесно дека годината ќе ја завршиме со исполнување на планот, бидејќи до крајот на годината останува да се наплатат уште 5 проценти од годишниот план, оцени денеска директорката на управата за јавни приходи (УЈП) Елена Петрова. 

-Заклучно со 30 ноември планот е целосно исполнет и натфрлен со 2 проценти. Сега се наоѓаме во период од месец декември кога се уште не поминале клучните датуми кога се роковите за плаќање на обврските, тоа се 15-ти и 25-ти во месецот, но еве до крајот на годината останува да се наплати уште 5 проценти од годишниот план и споредбено со тоа какви се историските тенденции колку приходи или колкав дел од годишниот план се наплаќа во текот на месец декември секоја година сосема е извесно дека овие 5 проценти ќе ги наплатиме до крајот на годината, изјави Петрова во одговор на прашање пред почетокот на презентацијата на најновиот Извештај на Светска банка за земјава.

Скопје - По доставена иницијатива од граѓани за спроведување вонреден инспекциски надзор, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во Скопје, спровела контрола кај оператор со храна кој стопанисува со киосци (тобако), каде е затекнато поголемо количество небезбедна храна со поминат рок.

За утврдениот прекршок, соопштија денеска од АХВ, инспекциските служби на Агенцијата издале решение за уништување на 1920 килограми небезбедната храна повлечена од неколку киосци со кои стопанисувал операторот. За сторениот прекршок, изречена е парична казна.

При спроведена вонредна инспекциска контрола во угостителски објект во Битола, затекната е небезбедна храна во количина од 241 килограм, која по издадено решение од инспектор нештетно е уништена. За пуштање во промет на небезбедна храна на операторот изречена му е казна во висина од 600 евра во денарска противвредност, а со 300 евра во денарска противвредност, казнето е и одговорното лице во правниот субјект. Дополнително, на овој оператор со храна изречена му е и казна од 300 евра и 150 евра во денарска противвредност за одговорното лице во правното лице за неизвршени задолжителни здравствени прегледи за вработените, соопшти АХВ.

Скопје - Проекции се прават од сите страни, а клучно е дека постои свесност дека недостасуваат средства во Пензискиот фонд и дека е потребно да се изнајде решение за санирање на дупките во фондот, порача денеска Глигор Бишев, претседателот на Фискалниот совет. 

-Ние имаме дијагноза и дијагнозата е заедничка. Постои консензус, а тоа е дека има недостаток на  средства. Останува да се утврди терапија. Терапијата се дискутира и ние не сме замена за носителите на економските политики. Тоа во една поширока дебата е решение што на крај треба да го усвојат и да го решат носителите на економските политики, изјави Бишев во одговор на новинарско прашање пред почетокот на презентацијата на Извештајот на Светска банка за земјава..

Оцени дека доколку не се изнајде решение, тогаш Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на долг рок ќе мора да се финансира од буџетот. 

Белград - Српската Влада досега објави повеќе од 140 документи за реконструкција на железничката станица во Нови Сад, каде се урна бетонска настрешница, при што загинаа 15 лица, а две беа тешко повредени, пренесе Бета.

Објавувањето на документите од Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура во врска со можното извршување на кривично дело во врска со уривањето на настрешница на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември започна вчера врз основа на одлука на Владата, а на иницијатива на српскиот претседател Александар Вучиќ.
Владата ќе продолжи да ги објавува тие документи, од кои Вучиќ вели дека се 195, а според Форбс Србија се повеќе од 850.

Тирана - Собранискиот платен список покажува дека албанските пратеници во ноември добиле плата по 4.044, од кои половина на име дневници, гориво, кирии и телефон.
Платите, пратениците пред речиси една година, со одлуката што ја изгласаа, си ги зголемија платите на 2.295 евра од 1.173 евра.

Во меѓувреме, хонорарите, надоместоците за гориво, кириите, телефонските и други надоместоци значително се зголемени, откако во собранието беше изгласан законот за плати и бонуси. На пример, секој пратеник добива по 173 евра за телефон, 408 евра за гориво и по 102 евра за состаноци на комисиите.

Тирана - Податоците на Централна банка на Албанија, покажуваат дека дознаките на иселениците, во периодот јануари-септември, забележале раст од 14 отсто, споредено со истиот период минатата година.

Според податоците објавени во платниот биланс на банката девизните приливи на иселениците во овој период достигнале 772 милиони евра.

Италија, Грција, Германија и Велика Британија водат како земји од кои доаѓаат најголеми приливи поради големиот број албански иселеници кои живеат и работат во овие земји.

Банката забележува дека високите нивоа на дознаки, туристичките трошоци и странските директни инвестиции се главните фактори за силното зајакнување на албанската валута лек, во однос на странските валути во целина, посебно еврото чија вредност е 98 леки, што е историски најниска вредност.

Атина – Серија земјотреси од 1,8 до 4,6 степени беа регистрирани утрово на Света гора на третиот крак на Халкидики во период од околу 40 минути, според податоците на Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија, јави дописничката на МИА од Атина.

Првиот беше со јачина од 3,1 степен, следеше втор од 3,8 степени, а нешто повеќе од 20 минути беше регистриран уште еден, посилен од 4,6 степени според Рихтер.

Засега нема информации за повредени лица или предизвикана материјална штета.

Белград  -   Исполнувањето на поставените услови е клучно за успешен пристап на сите земји кандидати во Европската унија (ЕУ), соопшти бугарската Амбасада во Белград во одговорот до ТВ Н1 во врска со средбата на амбасадорите на земјите членки на ЕУ на која не беше даден договор да се даде Србија зелено светло за отворање на Кластерот 3 во преговорите со ЕУ, пренесе Бета.
Бугарската амбасада соопшти дека земјата „доследно ја поддржува европската интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ заснована на заслуги“.

„Бугарија конструктивно учествува во дискусиите во рамките на Советот на ЕУ за политиката на проширување и бугарското Министерство за надворешни работи не смета дека е соодветно да коментира за прашање што во моментов е предмет на внатрешна дебата во подготвителните тела на Советот на ЕУ“.

Moсква - Русија истрела 93 проектили кон Украина рано наутро, насочени кон енергетскиот сектор на Украина, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Уште еден руски ракетен напад против Украина. Крстосувачки ракети, балистички ракети. Според првични проценки 93 пректили биле испукани, најмалку еден од севернокорејско производство. Соборени се вкупно 81 проектил од кои 11 пресретнати од наши авиони Ф-16. Дополнително руските сили во нападот употребија 200 дронови. Тоа беше еден од најголемите напади врз нашата енергетска инфраструктура“, објави украинскиот лидер на Икс, повикувајќи на поголема западна противвоздушна одбрана и поостри санкции кон Москва. 

Варшава - Во Полска утрово се подигнати ловци Ф-16 за да го заштитат воздушниот простор на земјата поради рускиот ракетен напад на територијата на Украина, соопшти полската армија.

Поради рускиот напад врз објекти лоцирани, меѓу другото, на запад од Украина, во согласност со важечките процедури, подигнати се дежурни парови ловци, а копнените воздушни одбранбени и радарски извидувачки системи достигнаа највисоко ниво на подготвеност, соопшти на платформата Икс, Оперативната команда на Полската армија.

„Русија утрово изврши голем напад врз украинските енергетски капацитети“, изјави украинскиот министер за енергетика Херман Галушченко.

Виена - Геотермалната енергија, или обновливата енергија од природната топлина на подземните слоеви на планетата, има светла иднина да ги задоволи растечките потреби за електрична енергија ширум светот, проценува Меѓународната агенција за енергија во извештај, цитиран од светските агенции, кој исто така ги охрабрува нафтените компании да инвестираат во оваа област.

Во извештај, насловен „Иднината на геотермалната енергија“ и објавен денеска, Меѓународната агенција за енергија напиша дека геотермалната енергија би можела да покрие 15 отсто од зголемувањето на глобалната побарувачка на електрична енергија до 2050 година, доколку цената на проектите продолжи да се намалува.

Досега, сепак, само еден процент од светската потрошувачка на електрична енергија доаѓа од геотермална енергија, наведува Меѓународната агенција за енергија.

Брисел – Земјите членки на Европската унија денеска постигнаа договор околу нивниот заеднички став за Предлог-законот за спречување и спротивставување на криумчарењето мигранти, кој ќе биде основа за претстојните преговори на Советот на ЕУ со Европскиот парламент за конечната верзија на ова законско решение. 

Како што соопшти Европскиот совет, целта на овој предлог е да обезбеди усогласување на одредбите во кривичните законодавства на земјите членки на ЕУ за прашања како што се дефинирањето и санкционирањето на криумчарењето мигранти.  

Според унгарскиот министер за правда Бенце Тусон, третирањето на кривичното дело криумчарење мигранти на униформен начин низ ЕУ би одиграло клучна улога во справувањето со оваа појава. 

Брисел - Соработката меѓу Европската Унија и НАТО во услови на актуелните геополитички предизвици беше главна тема на синоќешната средба на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте во Брисел.  

Во објава на платформата Икс посветена на средбата, Фон дер Лајен наведе дека партнерството меѓу ЕУ и НАТО претставува „камен-темелник на нашата безбедност“. 

- Во свет кој се менува, каде што заканите добиваат многу форми, добро е да се држиме до извесноста, наведе утрово Фон дер Лајен во објавата. 

Руте, исто така во објава на Икс, порача дека трансатлантската алијанса претставува камен-темелник на европската безбедност. 

Вашингтон - Белата куќа ја претстави својата национална стратегија за борба против исламофобијата, истакнувајќи дека ова е прв ваков документ во историјата на САД.

Стратегијата вклучува листа на повеќе од 100 мерки што федералните власти можат да ги спроведат за да се спречи омразата, насилството, дискриминацијата и предрасудите кон муслиманите и Арапските Американци.

Предлогот беше објавен откако претседателот Џо Бајден објави сличен план за борба против антисемитизмот во март минатата година, поради зголемениот страв кај американските Евреи од зголемени манифестации на омраза и дискриминација.

Сакраментo - Речиси 45 тони канабис пронајде полицијата во понеделникот во складиште во сојузната држава Калифорнија во САД, но сопственикот на дрогата не е идентификуван, се вели во соопштението објавено од полицијата на округот Сан Бернардино.

Полицијата била повикана од соседите кои почувствувале силен мирис на канабис кој се шири од новоизградениот магацин каде дрогата била спакувана во вреќи за ѓубре.

Непознат е сопственикот на хангарот во кој е пронајдена дрогата со пазарна вредност од над 100 милиони долари. Канабисот е легален во Калифорнија, но комерцијалното одгледување бара дозвола.

 

Остани поврзан