• петок, 08 ноември 2024
МИА Општински пул

5 јули 2024

Скопје - Општина Центар денеска го објави јавниот повик за субвенции за купување нов велосипед, електричен велосипед и електричен тротинет, во рамки на проектот „Цел Центар на точак“. Финансиската поддршка изнесува 30 проценти од сумата на купениот велосипед, но во износ најмногу до 3.000 денари.

- Секој полнолетен жител на Општина Центар може да се пријави на овој Јавен повик. Морам да нагласам дека велосипедите и електричните тротинети треба да се купени по 1.6.2024. Потребно е само да ја доставите потребната документација. Проектот „Цел Центар на точак“ со години наназад се покажа како успешен. Центарци имаат навистина огромен интерес, а во исто време проектот придонесува кон здрава и чиста животна средина, се наведува во пишаната изјава на градоначалникот Горан Герасимовски.

За доделување на финасиската помош, како што информираат од Општина Центар, потребно е да се достави барање за субвенционирање, копија од лична карта и трансакциска сметка, како и фискална сметка во оригинал за купен нов велосипед, е-велосипед или е-тротинет.

Кавадарци - Поради високите температури, започна шпицот во наводнувачката сезона, а земјоделците бараат повеќе вода, рече денеска во изјава за МИА, Дане Јошев, претседател на регионалното здружение „Тиквешки лозароовоштари". 

- Според нас, проблемот е во тоа што има недостаток од вода за наводнување поради горештините и недостаток на технички кадри и недостаток на резервни делови за одржување на системите во водостопанското претпријатие. Во такви услови земјоделците се принудени да чекаат да дојде вода, да стражарат и чуваат, немој случајно некој да им ја сопре водата. Проблемот е и во тоа што тие со земјоделски имоти  од пониска зона имаат повеќе шанси да наводнуваат од тие во повисоките зони. Бидејќи сите гледаат да се снајдат за вода, точно е тоа дека поединци сами пуштаат и сопираат вентили за вода што го регулираат водоснабдувањето на одреден реон, појасни Јошев. 

Тој реагираше дека имало такви коишто се соочувале со проблеми во изминатиот период, недоволно да наводнат, а биле задолжувани за плаќање за наводнување како да имале нормално водоснабдување. Воедно се осврна и на губитокот на вода низ каналската мрежа.

Скопје - Општина Илинден отпочна со изградба на атлетска патека и трибина на веќе изграденото  мултифункционално игралиште во близина на средното училиште во Илинден. Со завршување на градежните работи овој спортски комплекс ќе добие сосема нов лик кој веќе го носи името на прерано загинатиот бранител Драго Маневски.

Атлетската патека ќе биде со 4 патеки во вкупна должина од 200 метри, на којa ќе биде поставена најсовремена тартан подлога, ќе се гради бетонска трибина на која ќе бидат поставени 175 седишта, како и ограда околу трибината.

Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски денеска направи увид на градежните работи и истакна дека работите се одвиваат според предвидената динамика. Тој додаде дека Општината е голем поддржувач на спортистите, а доказ за тоа се големиот број спортски натпревари, но и инвестициите кои ги прави Општината за создавање на соодветни, модерни спортски терени за нашите спортисти.

Неготино - Набљудување на месечината преку телескопи е целта на астрономската работилница што ќе се реализира на 10 јули, а беше најавена денеска во Неготино, од страна на организаторите на настанот, Локалната библиотека „Страшо Пинџур“ и Здружението на граѓани „Ековита".

На денешната најава за несекојдневната активност, беше кажано дека љубителите на астрономијата и природата ќе имаат можност да бидат дел од специјално доживување. Вечерта под отворено небо ќе се одржи во паркот спроти градскиот музеј, каде библиотеката има поставено едукативни табли со слики и интересни факти за планетите од сончевиот систем. 

Целта на работилницата, е, како што беше нагласено, популаризација на науката и природата и да се поттикне љубопитноста и интересот кај младите за астрономијата. Телескопите што ќе бидат достапни на настанот ќе овозможат детално и јасно набљудување на површината на месечината, младите посетители ќе имаат можност за правење слики и видеа.

Кочани – Само половина од предвидените слободни места се пополнети во првиот рок за запишување во средните училишта во Кочани и Виница. Поради слабиот одѕив за одредени струки во прашање е доведено формирањето на планираните паралелки и реализирањето на наставниот процес.

Во Кочани од вкупно 530 слободни места пополнети се 289, а завршените основци покажале поголем интерес за стручното образование, во однос на гимназиското, така што за вториот уписен рок во овие паралелки има само по неколку места.

-Во гимназијата „Љупчо Сантов“ се пријавија 171 ученик и тие најмногу се интересираа за стручното образование, односно за струките економија, право и трговија, каде сите профили се исполнети со максимален број. Тоа не значи дека бројот на запишани ученици во гимназиското образование не ги исполни очекувањата, но ќе работиме на создавање можности за да ги мотивираме и да го изберат и овој профил на образование. Слободни места за запишување во вториот уписен рок, освен кај гимназиското образование има и за хемиско-лабораториската струка, истакна Катерина Димитрова, од СОУ „Љупчо Сантов“.

Дојран - Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) во соработка со Министерството за внатрешни работи и Факултетот за безбедност-Скопје, денеска во Дојран реализираа активности од летната кампања „За безбедно лето-вози одморен“.

Како што соопштија организаторите, кампањата се организира за подобрување на безбедноста на сообраќајот на патиштата преку подигање на свеста кај македонските и кај странските учесници во сообраќајот за почитување на сообраќајните правила и прописи, со акцент на подигањето на свеста за влијанието на високите летни температури, заморот, неприлагодената брзина и конзумирањето алкохол врз способноста за управување со моторно возило.

Во рамки на кампањата се спроведуваат превентивно-едукативни активности и се дели рекламен материјал, вода и безалкохолни пијалоци.

Дебар - Под раководство на градоначалникот Хекуран Дука, во просториите на општина Дебар, одржана е втората средба на Локалниот совет за превенција,  кое е многу значајно тело, кое со своето функционирање ќе овозможи спречување на појави кои создаваат проблеми во општината, информираа од Општина Дебар. 

-Советот заседаваше за да координира некои заеднички активности кои ќе имаат многу позитивен ефект, особено во регулирањето на сообраќајот во градот, проблемот со питачите кои доаѓаат во нашиот град, проблемот со паркирањето и стационирањето на комбињата кои сообраќаат во општината и оние кои доаѓаат од надвор, додаваат од општината. 

Исто така разгледан бил и проблемот со паркирањето автомобили по тротоарите и некои други проблеми кои со заедничка заложба ќе се решат за рекордно време.

Поради очекуваното масовно доаѓање на иселениците, главно од западно европските земји, но и престојот на поранешни жители и мивни потомци во родните села, што видно ја зголемува фреквенцијата на возила, со цел да се надмине проблемот со паркинг места, се разгледала можноста и годинава, како и претходните, за тоа да се отстапи просторот кај деветолетката „Пенестија“.

Куманово - Домот за стари лица Куманово има потреба од негуватели, помошен персонал за во кујна, медицински кадар, информираа денеска, надлежните од јавната установа. Годишниот план за 2024 година е доставен и одговорните од „Зафир Сајто се надеваат дека надлежното Министерство ќе ги одбори вработувањата. И за наредната година во планот за вработувања, вметнати и потребни се 15 лица, негуватели, готвачи, помошници во кујна.

-Се надеваме дека новиот тим во Министерството ќе има слух за потребите за вработување. Ние согласно нашите финансиски можности може да ги обезбедиме. Имаме 160 корисници нормативите пропишани од Министерството за една ваква институција предвидуваат поголема бројка на вработени, изјави директорот на установата, Дејан Стојановски.

Струга - Во Основниот суд во Струга денеска почна главната расправа за казненото дело фалсификување исправа и несовесно работење во службата во училиштето во Велешта, во кое меѓу четворицата обвинети е и струшкиот градоначалник Рамис Мерко. Рочиштето, пак, на кое му се суди на Мерко за незаконско назначување директори во основните училишта, во селата Подгорци, Лабуништа и „Браќа Миладиновци“ во Струга, беше одложено поради не присуство на сведоците.

Обвинетите Егзона Шеи, Дритан Каба, Ваит Жута и Рамис Мерко, пред судот се изјаснија дека не се чуствуваат виновни.

Како сведок исказ даде Наташа Пинтоска Беќароска, просветен инспектор, кој во 2022 година на вонреден иснпекциски надзор констатирала дека назначената директорка Егзона Шеи не ги исполнувала законските услови од Законот за основно образование. Немала уверение за положен испит, не поседувала сертификат за познавање англиски јазик и немала пет години работно искуство. Директорката, која добила два мандати, била вработена со средно образование, таа се товари за фалсификување на дипломата.

Штип - Заврши Летната школа - БИБЛИОАРТ 2024, која осма година по ред ја организира Националната универзитетска-библиотека „Гоце Делчев“ - Штип. Во писменото соопштение од штипската библиотека се вели дека оваа летна школа се организира со цел да ги анимира учениците за време на летниот распуст.

- Интересот на учениците беше навистина голем и во четиридневната програма ги забавуваме, едуциравме, шетавме и покажавме дека библиотеката нуди многу повеќе од позајмување книги. Денес почнавме со MakerSpace, активност што секоја година традиционално ја реализираме со American Corner Shtip, а завршивме со посета на ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ Штип, каде се запознаа со програмата и условите на училиштето, со инструментите, училниците и музиката која ни ја презентираше професор од училиштето, се вели во соопштението од Библиотека „Гоце Делчев“-Штип.

Остани поврзан