• среда, 27 ноември 2024
МИА Општински пул

1 ноември 2024 

Битола - БАС Институт за менаџмент и Бизнис академија Смилевски во Битола одржаа меѓународна научна конференција за образованието и бизнисот во глобалните мегатрендови на која со свои трудови настапија истакнати научници од државата и странство.

Претставници на науката и образованието имаат општествена одговорност да дадат личен придонес во делот на глобализацијата, заклучија учесниците на академскиот собир во Битола.

-Чинот на глобализација на опкружувањето денеска е толку голем што ги афектира сите општествени и природни и институционални актери за тоа што се случува во светот. Оттука произлегува обврската на нас како професионалци или институции во областа на науката и образованието кои што имаме општествена одговорност, но исто така и академска компетенција, да го дадеме својот придонес во собирањето, споделувањето и обработувањето на научното знаење како придонес во светските придонеси во делот на глобализацијата, истакна професорот Цветко Смилевски, претседател на програмскиот одбор.

Струга - Под мотото „Боите на Струга – култури кои се среќаваат“ над дваесет изложувачи од Струга, но и цела држава денеска ги претставија своите бизниси на првиот езерски базар што го организираа координаторките за еднакви можности на жените и мажите при Општина Струга.

Целта на првиот општински базар, според Билјана Спасеска, координатор за еднакви можности, е промоција на локалните бизниси и културните разлики во Струга. 

- Целта на настанот е промоција на локалните бизниси и културните разлики во нашиот град, со што денес сите заедно овде ќе кажеме, „да за толеранција по пол, раса, етничка припадност, социјални разлики и политичка припадност“, истакна Спасеска, со надеж дека базарот ќе прерасне во традиција.

Базарот, според дел од изложувачите, е одлична можност да ги презентираат своите производи, повеќето рачни изработки, но и меѓусебно вмрежување.

Гевгелија - Совет на Општина Гевгелија донесе одлука и годинава Општината да додели уште пет стипендии на студенти запишани во прва година на медицинските факултети во државата - отсек Општа медицина.

Според одлуката, Комисијата за образование, култура и спорт при Советот на Општина Гевгелија ќе распише Јавен конкурс, а доставените пријави ќе се разгледуваат според Правилникот за услови, критеируми и правила за доделување стипендии.

-Висината на стипендиите ќе изнесува 6.000 денари месечно за 10 месеци во академската година. Средствата за стипендиите се обезбедени од буџетот на Општина Гевгелија, а ќе се исплаќаат врз основа на склучен договор за стипендија, стои во информацијата од локалната самоуправа.

Изминативе години Општина Гевгелија стипендираше 21 студенти, од кои 16 се запишани на факултетите за медицина, 3 на факултетите за електротехника и информатичка технологија и 2 на машинските факултети.

Виница – Водата од чешма на локалниот водовод во селото Трстија во општина Виница има зголемена бактериолошка загаденост, а во однос на физичко-хемиските својства, исто како и кај чешма од водоводот во Трсино, регистрирана е неисправност поради што тие воопшто не треба да се користат за пиење.

Загаденоста е утврдена со последните испитувања што ги направиле стручни екипи од Центарот за јавно здравје од Кочани. Анализите од земените примероци во вкупно 9 села покажале дека во Трстија и Трсино има зголемена потрошувачка на калиум перманганат, поради што неопходна е претходна дезинфекција на водата за да може да се користи за пиење.

- Испитаниот примерок вода за пиење од чешма во двор во село Трстија не одговара на законските и стручни прописи во однос на испитаните параметри за бактериолошка анализа заради присуство на колиформни бактерии. Во однос на физичко-хемиската анлиза, водата во Трстија и Трсино не одговара на законските прописи за испитаните параметри заради зголемена потрошувачка на калиум перманганат. Водата не се препорачува за пиење и потребна е редовна и правилна дезинфекција за да може да се користи, се истакнува во извештајот од Центарот за јавно здравје во Кочани.

Охрид – Општина Охрид планира на следниот владин јавен повик за финанасирање на инфраструктурни проекти во февруари идната година да аплицира за добивање средства за реализирање на проектот каптажа на Свињишките извори, што во голема мера би го подобрило водоснабдувањето на градот, особено оние делови што во летните сезони се соочуваат со недостиг на вода од системот за водоснабдување.

Секретарот на Општина Охрид, Александар Китески, појасни дека спроведените испитувања на каптажата на изворите што се наоѓаат северно од градот во насока на Ресен покажале дека преку уредување на текот водоснабдувањето на градот до околу 60 проценти би се реализирало по природен пад на водата, со некаде 150 до 200 литри вода во секунда.

- Свињишките извори се во нашиот план и се надевам дека на следниот повик ќе пристапиме кон реализација на тој проект. Но, неговата реализација нема да биде одеднаш, бидејќи е скап проект, сигурно би чинел шест до осум милиони евра, рече тој притоа посочувајќи дека проектот би се реализирал во неколку фази, од кои првата би била 2025 односно со срества од следниот повик на Владата за финансирање проекти во општините, најавен за во февруари.

Крива Паланка - Најновата теренска анкета на "Рејтинг" спроведена во периодот од 26 до 28 септември годинава покажала дека мнозинството граѓани на Крива Паланка, 69.7 отсто се изјасниле дека имаат доверба во локалната власт. Истовремено, високи 68,7 отсто од граѓаните сметаат дека работите во Крива Паланка се одвиваат во правилна насока.

-Општина Крива Паланка ќе остане посветена на зголемување на квалитетот на животот и градење на подобра заедница за сите граѓани. Општината работи на подобрување на условите за живот и одговорно се залага за исполнување на очекувањата на граѓаните. На мое големо задоволство, последното истражување на јавното мислење покажа дека нашите сограѓани ги препознаваат позитивните чекори што континуирано ги превземаме, а истовремено, преку анкетата граѓаните непосредно добија можност да ги истакнат и своите приоритети за идниот развој на општината. Клучни наоди од истражувањето се високата доверба во нашето управување со општината, како и поддршката на спроведување на работите. Ова високо ниво на одобрување и поддршка од граѓаните претставува значаен мотив за општината да ги заврши најавените проекти. Остануваме силно посветени на обезбедување подобри услови за живот за сите жители и ќе продолжиме да вложуваме во капитални проекти кои одговараат на потребите и приоритетите на заедницата.Оваа поддршка ни е поттик да продолжиме да работиме со посветеност и одговорност, рече градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, кој денес бележи три години од преземање на функцијата.

Тетово -   Доколку го зголемат нивото на наплата на данокот на имот и комуналните такси општините самите ќе си обезбедат повеќе пари за инвестиции, порача денеска од тетовско Теарце министерот за локална самоуправа Златко Перински.

Одговарајќи на новинарско прашање за промени во фискалната децентрализација во однос на општините, тој рече дека фискална децентрализација е жива материја и не е затворена како тема, како и дека постојано се комуницира со локалните самоуправи, водејќи сметка и за состојбата на централниот буџет поради потребите за сервисирање на државниот систем.

- Оваа година има зголемување во делот на приходите шест проценти од ДДВ и персонален данок којшто е насочен кон локалните самоуправи. Сметам дека сме на солидно ниво, но сметам дека е поставена оваа фискална децентрализација на солидно ниво. Дополнително оваа година предвидуваме 100 милиони евра за општините, следната година предвидуваме 250 милиони евра за општините. Кога зборуваме за фискална децентрализација, она што постојано го апелирам за локалните самоуправи е дека мора поревносно да си ги собираат своите сопствени приходи, а тоа се даноците на имот и комуналните такси. Едноставно не можеме да се пофалиме со процент кој се движи некаде 50 отсто, дека е соодветно собирањето на сопствените извори на финансирање. На годишна основа локални самоуправи од тоа што несоодветно го колектираат данок на имот и комунални такси губат од 100 до 120 милиони евра. Замислете со интервентна мерка ќе опфатиме повеќе од 274 проекти со овие 100 милиони евра, а замислете ревносно да ги собираат локалните самоуправи тие 100 милиони евра секоја година ќе има нов и нов инвестициски циклус, истакна Перински.

Тетово - Општините Теарце, Врапчиште и Јегуновце постигнаа енергетска и финансиска ефикасност како резултат на новиот вид на улично осветлување со ЛЕД светилки, поставени во рамки на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“, информираа градоначалниците на денешната проектна промоција.  Со средства на Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија, на подрачје на трите општини извршена е замена на 1412 стандардни светилки со паметни ЛЕД светилки.

Резултатите на проектот беа презентирани денеска во Општина Теарце во присуство на министерот за локална самоуправа Златко Перински и амбасадорката Вероник Улман, градоначалниците на Општините Теарце, Врапчиште и Јегуновце, Нухи Незири, Исен Шабани и Димитар Костадиноски.

На подрачје на општина Теарце заменети се 889 постојни светилки со паметни ЛЕД светилки, на подрачје на Врапчиште поставени се 323, а на подрачје на општина Јегуновце извршена е замена на постојни 200 светилки со паметни ЛЕД светилки. Како резултат на имплементацијата на проектот, за период од пет месеци во 2024 година, Општина Теарце заштедила речиси 12 отсто електрична енергија во споредба со истите месеци во однос на 2021 година, додека заштедата на Општина Врапчиште сега е над 20 отсто во однос на 2022 година.

Куманово - Никола Давидовски, естраден уметник во пензија, Агрон Фазлии, претседател на занаетчиската комора и Столе Димитриевски, голман на фудбалската репрезентација се годинашниве добитници на највисокото општинско признание на Куманово, „Ноемвриската награда“, соопштија надлежните на денешната прес-конференција. Ноемвриската награда во вид на диплома ќе ја добијат НУ Музеј Куманово, „Форма Куманово“ и здружението „Крепост“.

Во образложението, претседателката на Комисијата за одбележување празници и манифестации, Невена Величковска Зиројевиќ, соопшти дека наградата ќе ја добие Никола Давидовски, естраден уметник во пензија, за долгогодишната кариера на македонската музичка сцена на која испеал бројни песни, меѓу кои е и безвременскиот хит „Земјо мила“ која при осамостојувањето на државата била предложена и за државна химна.

Струга - „Колекција од мемории" е насловена изложбата на Викторија Попоска што вечер ќе биде отворена во фоајето на центарот за култура „Браќа Миладиновци" во Струга.

Изложбата, како што соопшти Центарот за култура, е сочинета од дела создавани низ различни периоди изминативе години.

- Колекција од мемории кои раскажуваат разни од апстрактни до конкретни приказни во кои сите можат да погледнат и да пронајдат дел од себе во делото, бидејќи, на крајот од денот, секое дело е како и секој живот - колекција од мемории, секој човек/уметник е сложувалка од сите луѓе и настани кои го опкружуваат, стои во информацијата за изложбата.

Викторија Попоска е дипломиран сликар со конзервација и реставрација на Факултетот за ликовна уметност, каде ја добила наградата „Борко Лазески“ за најинвентивен сликар во 2015 година.

Свети Николе - Пензионери од Свети Николе и Штип денеска во Свети Николе повторно излегоа на мирен протест со барање оставка на претседателката на Здружението на пензионери на Македонија, Станка Трајковска. Трајче Стаменов пензионер од Свети Николе  вели дека претседателката  не ги поддржала во нивните барања за линеарно покачување на пензиите и затоа бараат или да биде разрешена или да си поднесе оставка.

-Сега истите тие пензионери бараме разрешување на госпоѓата Станка Трајковска од функцијата претседател или нејзина оставка. Таа не ни даде поддршка за линеарното покачување туку беше за процентуално покачување на пензиите. Ние сме околу 250.000 пензионери кои земаат околу 18.000 до 20.000 денари пензија, немаме веќе доверба и потреба од нејзе како претседател, вели Стаменов.

Пензионерите имаат и други барања кои бараат да се исполнет. Трајче Митев пензионер од Штип на денешниот протест праша и  каде се парите кои ги земаат пензионери од Косово, посочува и дека треба да се усогласи минималната пензија, како и да се намали прагот на влегување во пензија од 15 на 5 години.

Штип - Штип низ градот ќе поставува нови хидранти. Овој проект ќе се реализира во наредниот период, а како што информираа од кабинетот на градоначалникот на Општина Штип денеска во просториите на Општината беше потпишан меморандум за соработка помеѓу Фондација за развој на локална заедница Штип, ЈП „Исар“- Штип, Здружението Ротари клуб - Штип, Општина Штип и Здружение - волонтерско противпожарно и спасително друштво. 

-Целта на потпишувањето на меморандумот е во прва фаза да се постават максимум пет хидранти на територија на Општина Штип кој ќе бидат на располагање на ТППЕ - Штип ,ЈП Исар и Волонтерското противпожарно здружение, се вели во соопштението од кабинетот на градоначалникот на Општина Штип.

Висината на реализацијата за поставување на хидраните е околу 700.000 илјади денари обезебедени од Фондација за развој на локалната заедница и Ротари Клуб-Штип.

Берово - Општина Берово почнува со серијата средби со граѓаните за креирање на Буџетот на Општина Берово  за 2025 година. За таа цел градоначалникот на Општината, Звонко Пекевски го соопшти распоредот, повикувајки ги граѓаните да учествуваат во донесувањето одлуки на локално ниво.

-Ги известувам граѓаните дека Општина Берово е во фаза на креирање на Буџетот на Општина Берово за 2025 година и подготовка на годишните програми за работа на одделенијата,  за 2025 година.

Со цел партиципативно учество на граѓаните, во креирањето на Буџетот,  ќе остварам средби со граѓани, во месните заедници и  во Општина Берово, истакна Пекевски.

Распопредот на средбите, како што додаде се објавени на општинската веб страница.

-Сите кои имаат идеи, предлози за релизација на одредени проекти или решавање на одредени проблеми, повелете во наведениот термин, на разговор со Градоначалникот и претставници од локалната самоуправа, додаде Пекевски.

Скопје - ЈП „Комунална хигиена“-Скопје денеска изврши замена на сите оштетени корпи наменети за одлагање ситни отпадоци во скопската општина Карпош.

Од јавното претпријатие информираат дека замената била спроведена на околу 15 локации на булеварите „Илинден“, „Партизански одреди“ и „Метрополит Теодосиј Гологанов“, каде што се поставени комплетно нови садови.

- Во текот на следната седмица, ЈП „Комунална хигиена“-Скопје ќе продолжи етапно да врши замена на оштетените корпи наменети за одлагање ситни отпадоци во сите скопски општини, информираат од „Комунална хигиена“. 

Скопје - Во рамки на проектот Вештини за зелена транзиција - Патеки за зелени микро акредитиви во кој е дел и Општина Илинден, а во организација на Стопанската комора за мал бизнис, се одржа работилница во просториите на Дом на култура „Илинден“.

-Станува збор за проект кој се спроведува преку програмата Еразмус+ кој се обидува да ја истражи употребата на микроакредитиви за усоврѓување возрасни во области поврзани со Европската агенда за зелени вештини. Проектот настојува да придонесе за развој на заедничка рамка и пристап за опис на програмите и исходи од учењето кои може да се користат во кратки курсеви за надградба на возрасни зелени вештини, информираат од Општина Илинден.

На работилницата присуствувал градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, претставници од Стопанската комора за мал бизнис, како и претставници од компании.

Остани поврзан