• недела, 28 јули 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

   19 јули 2024

 

Тетово – Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски денеска информираше дека нема пријавено проблеми во компјутерските системи на државните институции, откако за системски падови медиумите јавија дека се случиле низ повеќе земји во светот.

Андоновски рече дека добро во ситуацијата е што не станува збор за сајбернапад и дека добиле информации дека станува збор за несоодветност на ресурсите на платформата Мајкрософт.

- Тоа е нивното известување, и дека одредени институции коишто биле поврзани на таа платформа преку нивните сервиси, имало некои недостаток и предизвикале некој пад на системот. Што се однесува до државните институции, во постојана комуникација сме и со министерката за енергетика, но и со другите одговорни лица, не се пријавени до сегашни падови на системите во државните институции. Има некоја информација за приватниот сектор, но мислам дека тоа се изолирани случаи и веќе се надминува. Дополнителни информации може да имаме во текот на утрешниот ден, но како што ја гледам ситуацијата во моментот, станува изолиран инцидент во Мајкрософт и со него поврзани системи, така што не очекувам да има повеќе проблем во државните институции, истакна Андоновски, кој во тетовско Јегуновце потпиша меморандум за соработка со градоначалникот Димитар Костадиноски, со цел отворање на административна канцеларија за „Една точка за услуги“.

Според министерот државата има стратегија за работа во областа на заштита во сајбер просторот. Се формира работна група со стручни лица кои ќе работат на изработка на стратегијата за сајбер безбедност и изработка на законот за сајбер заштита.

- Можам да кажам дека од најголемиот дел од институциите веќе ги одобривме номинациите од сите државни институции засегнати. Ние ќе го водиме процесот заедно со нашите партнери, меѓународни партнери во НАТО, за изработка на стратегија за сајбер безбедност, закон за сајбер заштита и патоказ протокол како се однесуваме во случај на инциденти кои можат да се појават. Видите, овој свет е под напад, постојано се развива и постојано трпи напади, но кога имате јасен одговор од страната на државите, проблемите со кои ќе се соочите и последиците со кои ќе се соочите, се секогаш помали но многу е важно да имаме системски пристап и стратешки да се позиционираме за да се заштитиме, изјави Андоновски. 

Тетово – Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски и градоначалникот на Општина Јегуновце, Димитар Костадиноски денеска потпишаа меморандум за соработка со цел отворање административна канцеларија за услуги за граѓаните во Општина Јегуновце „Една точка за услуги“ (ЕТУ).

Со новата канцеларија, ќе се обезбеди можност граѓаните да добијат административни услуги односно уверение за државјанство, уверение за податоци за стажот на осигурување, образец м1/м2 од пријава/одјава во задолжително социјално осигурување, историјат на работни однос, потврда дека не е изречена прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност, податоци на физички лица од кредитниот регистар и други.

- Во општина Јегуновце и околината гравитираат околу 10.000 жители, кои ќе имаат директен бенефит од оваа канцеларија. Во соработка со општината, со новата канцеларија, ќе обезбедиме брз и ефикасен пристап до сите важни административни услуги за граѓаните на оваа и соседните општини, што значително ќе го подобри квалитетот на живот и ќе го олесни секојдневното функционирање на сите жители. Нашата визија е Македонија да стане лидер во дигиталната трансформација на Балканот, а придобивките да ги почувствува секој човек, секој град и секое село во државата, истакна Стефан Андоновски.

Градоначалникот Костадиноски рече дека канцеларијата ќе биде од голема користа на граѓаните кои нема да имаат потреба да патуваат до Тетово односно ќе може да добијат административна услуга во својата општина

- Ова да биде пример и во иднина и до другите ресорни министерства и другите надлежни институции да продолжат да го следат примерот на Министерството за дигитализација, односно министерот Стефан кој се заложи за многу кратко време да најдеме заеднички јазик, да ја отвориме оваа канцеларија. Да биде пример, да граѓаните ги имаат што поблиску институциите и да им се решаваат дневните проблеми што поедноставно и побрзо, истакна Димитар Костадиноски.

На новинарско прашање зошто се вложува во нови канцеларии, кога се покажало дека не се успешни, Андоновски со одговор дека Државниот завод за ревизија има анализа и ревизорски извештај кои биле детално разгледани.

- Еден од аспектите е дека несоодветно биле поставени на локации, што значи не им се блиски за граѓаните. Вториот аспект е дека не ги нудат услугите што граѓаните ги бараат најмногу. И третиот аспект е непознавањето. Граѓаните не се запознавани дека има вакви точки за услуги. Идејата моја е – од постоечката инвестиција, да направиме две. Што значи дека не инвестираме нови средства во овие нови точки за услуги, тука од постоечките ресурси коишто ги имаме, опрема, компјутери, поврзувања, вработени, ние правиме две точки за услуги, затоа што фреквенцијата на луѓе не е толку голема да имате 8-9 вработени во една точка за услуги и можеме делот од тие вработени да ги преместиме на места коишто се поблиску до граѓаните и коишто ќе им бидат пристапни. Оваа локација им е позната на граѓаните мислам дека се повеќе и повеќе ќе ја користат, одговори министерот.

Андоновски рече дека дигиталната трансформација значи и дека ниту еден граѓанин нема биде исклучен, туку напротив, на ваков начин секој ќе ги почувствува придобивките од услугите.

- Според извештајот на Државниот завод за ревизија, овие канцеларии издале многу малку документи. За една година се издадени само 1.062 документи, а во Тетово само 7 граѓани месечно ги користеле услугите. Со новите канцеларии, трошоците се оптимизираат, а услугите се доближуваат до граѓаните, рече министерот.

Андоновски додаде дека Владата прави конкретни напори за подобрување на перформансите и на канцелариите „Една точка за услуги“, кои беа отворени во Скопје, Куманово, Охрид и во Битола кои не биле ефикасни заради непостоењето на систематичност и рационализација.

Куманово - Осум новопријавени случаи на пертусис регистрира Центарот за јавно здравје - Куманово, соопштија денеска надлежните. Според податоците на ЦЈЗ -Куманово, случаите се пријавени минатата недела. Од нив, пет во општина Куманово, два во Кратово и еден во Крива Паланка.

- Сè уште е во тек пријавената епидемија од месец март. Минатиот месец имавме 20 нови случаи. Инаку, од почетокот, досега на ниво на Центарот за јавно здравје, пријавени се вкупно 86 случаи, од кои 70 на ниво на општина Куманово и општина Липково, изјави раководителката на епидемиолошкото одделение, доктор Јадранка Стаменковска.

Остануваат препорачаните мерки за оваа состојба, пребарување на невакцинираните, на нецелосно вакцинираните деца, целосна вакцинација, изолација на заболените.

- Активно ги пребаруваме заедно со екипите од Здравствен дом, оние деца кои се невакцинирани и некомплетно вакцинирани. Останува препораката за целосна вакцинација особено до една година, три дози на ди-те-пер да се дадат и оние коишто доцнат со вакцините, бидејќи една од противепидемиските мерки е редовно да се вакцинираат и да се пронаоѓаат оние коишто се некомплетно вакцинирани. Тука е изолацијата на заболените, се следи состојбата на ниво на Центарот за јавно здравје - Куманово, додаде Стаменковска.

Оние коишто се вакцинирани целосно, претежно станува збор за повозрасни лица, поминуваат со полесна клиничка слика, а ранливи се оние кои воопшто не се вакцинирани и бебињата до два месеца кои пак не примаат вакцина на таа возраст.

Од Центарот за јавно здравје појаснија дека продолжуваат мерките согласно укажувањата на Комисија за заразни болести и Институтот за јавно здравје - засилени епидемиолошки истражувања, откривање сомнителни случаи, проверки на вакцинални статуси, изолации на заболени и препораки за привремено исклучување од установи, школи, градинки, едукативни центри, редовно и навремено пријавување на заболувања од матични лекари, епидемиолошки увиди кај вакцинанлни пунктови, препораки за вакцинирање на сите невакцинирани, непотполно вакцинирани, повикување за вакцинација, комуникации со надлежни установи да не се примаат на настава деца со сомнителна кашлица и температура, мерки за хигиена, забрани за посета во болницата на хоспитализираните.

Првиот случај на пертусис во Куманово е евидентиран на 6 февруари.

Штип - Будно се следи состојбата, има доволно ресурси, доволно луѓе на терен и се надевам дека во текот на денот ќе се стави под контрола пожарот на планината Серта во штипскиот дел, вели заменик генералниот директор на ЈП „Македонски шуми“, Кирил Михаилов кој претпладнево беше во селото Селце. Посочува дека за овој пожар лошо е што во моментов има ветер.

-Лошото е тоа што еве гледате има ветер. Тоа е навистина лош момент. И како што кажа градоначалникот пожарот е непредвидлив и може се да се очекува, меѓутоа  затоа сме тука. Во однос на другото во моментов имаме преку десет активни пожари на цела територија на Република Македонија. Пред малку зборев со градоначалникот на општина Ново село, таму е еден поголем пожар којшто во моментов 95  отсто е ставен под контрола има уште тука-таму некои критични места коишто во моментов ги завршуваат. Битола, исто така се работи, вели Михаилов.

Забележа дека најдобрата вест е тоа што во текот на вчерашниот ден заврна на две локации на планината Серта во неготинскиот дел и какошто вели едниот крак пред село Калањево е завршен со помош на екипите коишто биле таму и дождот.

-Исто така, добив информација дека утрово Криволак жариштето е санирано донекаде. Екипите се на терен, ги завршуваат остатоците, затоа што жешкото време може повторно да го покрене пожарот и да имаме несогледливи последици како изминативе денови. Будно ќе ја следиме ситуацијата. Нашите луѓе од „Македонски шуми“ и покрај тоа што се без здравствено осигурување, се трудиме да го надминеме тој проблем од причина што ние сме како ново раководство десетина дена таму, а се соочивме со невидена дупка, буквално луѓето ни беа оставени на влечки да гасат. Тоа е реалноста со која се соочивме. Но лека полека ја надминуваме, рече Михаилов.

Прашан како луѓето од ЈП „Македонски шуми“ се оставени без заштитни униформи и буквално како што рече тој гасат по влечки, Михаилов вели дека изминатите години ништо не е инвестирано.

- Значи тоа што го имаме нели сега условно кажано по влечки, е земено поодамна во периодот неколку години наназад, нема некои посебни инвестиции во делот на заштитата, во делот на опрема на луѓето и тоа е навистина нешто коешто е проблем. Еве конкретно се соочуваме со еден огромен проблем којшто ја тишти Македонија десетина дена, а за жал нашиве луѓе се на првиот бран од оваа приказна такви какви што се, вели Михаилов.

Прашан за првичните проценки за штетите на шумите, Михаилов вели дека не можат да се направат бидејќи се уште има активни пожари на терен. Но, како што вели овие штети се ненадоместливи.

-Штетата која што ќе ја претрпи планината Серта е епохална за неа. Јас мислам дека ќе треба еден век да се поврати ова што е изгорено. Ова е катастрофа. Буквално Серта ни отиде цела. И ова ќе има несогледливи последици во однос на климата во Штип и околните населени места, изјави Михаилов.

Посочи дека како ЈП „Македонски шуми“ во наредниот период мора да работат на пошумување на планината Серта, но и на другите планини во земјава, каде има пожари.

-За жал, ние ќе мора во наредниот период брзо да делуваме, со одредени механизми, со одредени проекти во делот на повторно пошумување, во делот на повторно подигање на зелената маса овде со дрвни видови кои се автохтони, за да може што побрзо да тргнат и едноставно да го вратиме зелениот сјај што го имаше оваа прекрасна планина, рече Михаилов.

Инаку, во штипскиот дел на планината Серта гори над селата Селце и Пухче, каде се дејствува и од земја и утринава и од воздух. Со гардежни машини се прават пресеци низ планината за да се спречи ширење на огнот кон селата. 

Неготино - Нема веќе пожари во близина на Калањево, информираше денеска неготинскиот градоначалник Горан Стојанов, на неговиот фејсбук профил.  

- Во околината на селото Калањево во овие моменти е мирно и безбедно, нема пожари во близина и не е доведена во прашање безбедноста на имотите на граѓаните. И покрај тоа, дел од расположливите ресурси од луѓе и механизација во моментов се насочени кон создавање безбедносни појаси околу Калањево, со цел во случај на евентуално присуство на пожари, селото да биде отсечено и безбедно, напиша градоначалникот. 

Тој објави дека активности на терен со луѓе и механизација се присутни и на планината Серта од неготинска страна, со цел за создавање услови за полесно справување при појава на пожари. 

Вчера претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова ги посети припадниците на Армијата што гаснеа на големиот пожар на планината Серта кај неготинско Калањево. 

- Претседателката како врховна командантка на  вооружените сили е таму каде што има припадници на војска. Верувам во нивната способност, бидејќи секогаш кога било најтешко тие се наоѓале на вистинското место, подвлече таа. 

Пожарот во Неготинско се гаснеше неколку дена од копно и од воздух, таму вчера попладне заврна и дожд, а доброволци што изминатите девет дена активно беа вклучени во гаснењето, заедно со ловци од ловечкото друштво Неготино, попладнето прославуваа за дождот и изгаснатиот пожар. 

Штип - Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов денеска изјави дека од рано утрината се делува на терен во атарот на селото Селце. На терен се 25 пожарникари со четири теренски возила распределени на четири позиции заедно со 40 припадници на Армијата и пет претставници на Македонски шуми. 

- Теренски се делува на четири локации каде што имаме опожарени места, како и со два хеликоптера за да се локализираат постоечките жариша и пожари на планината Серта од страната на територија на општина Штип, веднаш до село Селце, изјави Јорданов.

Дополнително, на терен се и осум машини кои паралелно ќе работат на трасирање на тампон зона со цел да се спречи евентуално ширење на пожарите.

- Ситуацијата мора да се следи од терен и со оглед на тоа што веќе навлегува во еден критичен период кога во овој период од денот најчесто доаѓа до брзо ширење, ќе бидеме на терен за да ја следиме ситуацијата на лице место и врз основа на тоа да делигираме дополнителни насоки затоа што непредвидлив е пожарот којшто се шири на планината Серта. Јас се надевам дека овој пат ќе се направи соодветен тертман за пред се да се заштити селото Селце за да не дојде до последици и да се спречи уништување на шумите, нагласи Јорданов.

Посочи дека во гаснењето на пожарот на Серта од штипска страна се вклучени и пожарникари од Пробиштип и Кочани.

Доколку има потреба од месно население, рече Јорданов, ќе ја алармираат јавноста. Во овој момент, вели, важно е да има соодветна опрема. Формирани се тимови кои делуваат за да се спречи ширење на пожарот.

Скопје - Речиси сите семафори на територија на општина Аеродром, кои не работеа по синоќешното невреме, се вратени во функција. На тие точки, ноќта биле мобилизирани полициски службеници кои го регулирале сообраќајот за безбедност на граѓаните.

- Кризниот штаб на Општина Аеродром е во постојано заседавање, а утрово одржа и итен состанок по вчерашното невреме кое нанесе материјална штета, а голем дел од аеродромци останаа и без електрична енергија поради паднат далновод на „ЕВН“. Во моментов, дефектот е саниран и напојувањето со електрична енергија е нормализирано на целата територија на Аеродром, стои во објавата на официјалната страница на Општина Аеродром на Фејсбук.

На денешниот состанок била донесена одлука сите урбани заедници да испратат информации за состојбата на терен, а Кризниот штаб ќе биде во постојана комуникација со сите надлежни институции за што побрзо отстранување на последиците од обилните врнежи.

- Кризниот штаб апелира до аеродромци на внимателност и во текот на денешниот ден поради најави од повторно невреме. Мобилните екипи во соработка со полицијата се во целосна подготвеност да интервенираат доколку има потреба од тоа, се додава во објавата на Фејсбук. 

Струга - Повеќе од 25 странски и голем број поети од земјава ќе учествуваат на 63. издание на меѓународната поетска манифестација „Струшките вечери на поезијата“ што од 22 до 26 август ќе се одржува под мотото „Допир на убавината“.

Според традицијата, фестивалскиот оган ќе биде запален на свеченото отворање пред Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, познат и како Дом на поезијата, а Фестивалот ќе биде затворен со традиционалното читање „Меридијани“ на Мостот на поезијата, кога ќе бидат врачени и наградите „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“, „Мостови на Струга“ и „Млада Струга“.

Со мотото на годинашното фестивалско издание „Допир на убавината“, како што истакна на денешната прес-конференција директорот на националната установа „Струшки вечери на поезијата“ Тодорче Тасевски, целта е да се оддаде почит на Брајовото писмо, кое овозможува слепите лица да ја
почувствуваат убавината на поезијата.

-Со ова мото сакаме да го потенцираме оној аспект на поезијата и поетскиот јазик, кој овозможува контакт на човечкото битие со вишите сфери на убавината, отелотворена во поезија. Но, исто така, сакаме да оддадеме почит на иновацијата на Брајовото писмо, чија кодификација пред 200 години им овозможила на слепите лица преку тактилноста и релјефноста на Брајовото писмо преку допир да навлезат во светот на книгата и писмото и да ја почувствуваат убавината на поезијата, рече Тасевски.

Презентирајќи ја годинашната програмата, тој посочи дека поетскиот портрет на годинашниот лауреат на „Златниот венец“, истакнатиот француски поет Жан Пјер-Симеон, ќе биде на 24 август, традиционално во катедралната црква „Света Софија“ во Охрид.

-Во рамките на фестивалкста програма ќе бидат одбележани 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски и 95 години од раѓањето на Гане Тодоровски. Во рамки на одбележувањето, во соработка со
Здружението на слепи лица на општина Велес, ќе биде издадено специјално издание со Брајово писмо, избор од антологиските песни на Петре М. Андреевски и Гане Тодоровски, појасни Тасевски.

Според него, предвидени се портрети на добитниците на наградите „Мостови на Струга“, германската поетеса Катрин Пиц за нејзината дебитантска збирка „Вакви денови имало отсекогаш“, и на добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2024 година, кој треба да биде објавен на почетокот на август.

-Оваа година во рамки на Фестивалот ќе биде претставена и добитничката на возобновената награда „Млада Струга“, Филипа Сара Попова. Во рамките на програмата на СВП ќе биде организиран специјален настан со избрани поети од платформата „Версополис“, проект поддржан од Европската
комисија, а Фестивалот е дел од овој проект од 2014 година, додаде Тасевски.

Покрај редовните публикации, монографијата за добитникот на „Златен венец“, Зборникот на Фестивалот, преведеното издание на минатогодишниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“, изданието на добитникот на наградата „Мостови на Струга“, Струшките вечери ќе промовира и антологија „Од поети за поети“, превод на Милован Стефановски.

-Оваа антологија содржи избор песни од македонски поети коишто се посветени на други поети и со тоа воспоставуваат своевиден поетски дијалог. Во едицијата „Плејади“ ќе биде објавен избор поезија од истакнатиот шведски поет Бенгт Берг во препев на нашиот истакнат поет Ивица Челиковиќ, кој живее и работи во Шведска. Ќе биде издадена необјавената збирка „Скршен терариум“ на добитничката на наградата „Млада Струга“, Филипа Сара Попова, а ќе бидат издадени и тријазични избори на поезија на
двајцата избрани поети во рамки на платформата „Версополис“, појасни Тасевски.

Градот на поезијата по 63-ти пат, во поседната недела од август, ќе пулсира во духот на пишаниот збор, каде поети од земјава и од светот ќе читаат поезија на своите јазици.

„Струшките вечери на поезијата“ го задржуваат континуитетот на одржување на фестивалот, кој почнувајќи од 1961 година ја покажува моќта на поезијата да го обедини светот.

Тетово - Драмското студио „Летечка театарска трупа“ (ЛТТ) од Тетово со претставата „Момчето со пругасти пижами“ на 22 јули, понеделник, ќе настапи на Меѓународниот театарски „Фестивал на фестивалите" во Требиње, БиХ. Со оваа претставата Летечка театарска трупа освои Гран-при и најдобра режија на фестивалот ДАФ во Кочани.

-„Момчето со пругасти пижами“ доживеа значаен успех. По освоените Гран-при и награда за најдобра режија на театарскиот фестивал ДАФ, како и гостувањата во Македонскиот народен театар и театрите во Битола и Штип, селектирана е за учество на меѓународниот фестивал „Фестивал на фестивалите" во Требиње, БиХ. Ова е стара и исклучително реномирана манифестација која трае над 60 години, каде што копјата ги вкрстуваат најдобрите театарски претстави од Западен Балкан со реномирани професионалци режисери, драматурзи и актери во жири комисијата, изјави Владимир Јованоски, режисер на претставата.

Зоран Јованоски, извршен директор на „Летечка театарска трупа“ потсети дека поминаа 16 години откако првиот ансамбл на ова студио се поклони пред публиката во Тетово. Оттогаш, илјадна публика и стотина актери раснеа заедно со нивните претстави.

-Паѓавме и се кревавме посилни, плачевме и се смеевме заедно на сцена но и позади неа. После 30-тина премиери и неколку стотици репризи, најголемиот успех е што изградивме верна и искрена врска со публиката на нашата сцена во Тетово со која, и покрај новоосвоените гледачи во Скопје, Битола, Штип, Кочани, Гостивар, Кичево, имаме љубов на прв поглед. Како независен слободоумен театар, низ годините ожнеавме многу награди за најдобри претстави, режија, работа со деца, специјални награди и признанија, два пати го прелетавме океанот и игравме во Канада и САД, но најсреќни сме дома, во Тетово, а штиците на нашата сцена ни се некако најудобни за игра, вели Зоран Јованоски.

Режисерот Владимир годинава бележи 30 години играње на театарската сцена.

-Годинава се навршуваат и 30 години од моето играње на сцена. Претставите кои следуваат годинава, ќе бидат мој подарок до тетовската публика, моите другари и пријатели. Да се биде театарски актер, значи, на сцена да се игра сето она што луѓето го доживуваат, мечтаат, мразат или се плашат во своите животи. Тоа е многу тешко бреме. Театарот служи да ги покаже убавите страни на животот и да ги предупреди луѓето на злото кое чека зад аголот. Актерите мораат постојано да поминуваат низ тоа на сцена за луѓето да не мораат да го доживеат тоа во живо. Прашање е само кој колку гледа, слуша и разбира, вели Владимир Јованоски.

Режисерот Владимир Јованоски минатата 2023 година во рамки на одбележувањето на 15 години од ЛТТ, ја подготви претставата со адаптација на романот на ирскиот романсиер Џон Бојн „Момчето во пижами со пруги“, од 2006 година.

Остани поврзан